Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Уапсен кумановец: возел со 2,05 промила алкохол во крвта

Вчера во 21.20 часот, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Куманово го лишиле од слобода 51-годишниот В.К. од Куманово.
При контрола на патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко моторно возило „мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, кое го управувал, и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 2,05 промили алкохол во крвта.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
Црна хроника
Вработените користеле неисправни и нерегистрирани возила: кривична против директор на јавно претпријатие во Делчево

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево, до Основното јавно обвинителство Делчево поднесе кривична пријава против С.С.(60) од Делчево поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 и „несовесно работење во службата“ по член 353-в, а во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Пријавениот, директор во ЈКП „Брегалница“-Делчево, во периодот од 31.07.2024 до 24.03.2025, иако знаел и бил должен да знае, во повеќе наврати дозволил вработени да управуваат службени моторни возила кои не биле технички исправни и не биле регистрирани.
При извршени контроли, од полициски службеници од ОВР Делчево е констатирано дека возилата не биле регистрирани подолг период и биле издадени неколку прекршочни платни налози со вкупен износ од 50.909 денари, кој бил платен од пријавениот.
На тој начин, С.С. нанел штета на јавното претпријатие за наведената сума од 50.909 денари.
Црна хроника
Граната од Втората светска војна пронајдена во Бардовци

Вчера околу 13 часот во СВР Скопје е пријавено дека при вршење на градежни работи во с.Бардовци, скопско, била пронајдена стара експлозивна направа.
Полициски службеници од СВР Скопје излегле на местото, а била известена и Дирекцијата за заштита и спасување и било констатирано дека станува збор за граната која најверојатно потекнува од Втората светска војна.
Гранатата ќе биде безбедно подигната од страна на Дирекцијата за заштита и спасување.