Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
(Видео) Полициски службеници спасија повредено лице на Шар Планина, со хеликоптер пренесено во Клинички центар „Мајка Тереза”

Полициски службеници од САЕ Тигар и ОВЕ денеска со хеликоптерот Бел 412 спасија повредено лице од Шар Планина, во реонот на Гостивар, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР велат дека веднаш по добиената пријава дека на Шар Планина се превртело возило, а со повреди се здобил А.Џ., тие се упатиле на местото на настанот и повреденото лице е успешно преземено и транспортирано до Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје за укажување лекарска помош.
Црна хроника
Лишени од слобода двајца турски државјани поради предизвикување пожар во Горно Нерези

Полицијата приведе двајца турски државјани кои додека работеле со апарат за заварување предизвикале пожар.
„На 20.09.2025 во 18:00 часот полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Џ.К.(50) и А.А.(43), двајцата од Република Турција, со привремен престој во Скопје. Тие се сомничат дека на плац во Горно Нерези, скопско, предизвикале пожар. Имено, додека работеле со апарат за заварување, од искрите настанал пожар на сува трева, кој се проширил и надвор од плацот. Пожарот е изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема“, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР додаваат дека по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Црна хроника
Лишен од слобода маж од струмичко поради подметнување пожар

Полицијата приведе 42 годишен маж од струмичко под сомнение дека подметнал пожар во селото Василево.
„На 20.09.2025 во 15:00 часот во село Василево, струмичко, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Е.А.(42) од село Василево, струмичко. Тој се сомничи дека околу 12:00 часот подметнал пожар на место викано „Џидет“, во атар на село Василево, во кој била зафатена нива со сува вегетација. Од страна на Територијалната противпожарна единица Струмица пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид на местото извршиле увидна екипа на СВР Струмица и инспектор за пожари. Лицето е задржано во Полициската станица Струмица и за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица“, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР додаваат дека по целосно документирање на случајот, против Е.А. ќе биде поднесена соодветна пријава.