Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Со закана му барал 20.000 евра – тинејџер од Струга притворен поради изнуда

Охридската полиција поднесе кривична пријава против 19-годишниот Л.П. од Струга за изнуда.
Како што информира МВР, осомничениот во периодот од 4 до 12 август 2025 година преку мобилна апликација барал 20.000 евра од едно лице од Охрид, заканувајќи му се. При преземање на мерки кај него биле пронајдени обележани пари, по што бил приведен.
Одредена му е мерка притвор и е спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Охрид.
Црна хроника
Охриѓанец силум качил 60-годишна жена во својот автомобил и ја однел дома

Полицијата синоќа го приведе 59-годишниот З.Ј. од Охрид.
Тој, според претходна пријава, со употреба на сила ставил 60-годишна жена од Охрид во своето возило „Југо“ со охридски регистарски ознаки и ја однел во неговиот дом.
По преземени мерки, жената била пронајдена во домот на З.Ј., кој веднаш бил лишен од слобода. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена пријава.
Црна хроника
Автомобил управуван од млада девојка од Албанија излета од патот кај Меџитлија, повредени четири лица

Вчера на патот Битола – Граничен премин Меџитлија, патничко возило „форд“, управувано од 21-годишната А.С. од Република Албанија, излетало надвор од коловозот.
„Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила нејзината сопатничка, Н.С.(47), додека со телесни повреди се здобиле А.С., сопатничката А.С.(44) и уште една 15-годишна малолетничка, сите од Република Албанија, констатирани во Клиничката болница Битола“, соопшти МВР.
Извршен бил увид.