Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Возило на 26-годишник оштетено од неколку проектили од огнено оружје: полицијата го расчистува случајот

Вчера околу 21:20 часот во СВР Скопје, 26-годишниот Ш.Ј. од село Крушопек, општина Сарај, пријави дека на паркинг простор пред угостителски објект во село Лака, скопско, неговото паркирано патничко возило „сеат алтеа“ со скопски регистарски ознаки било оштетено од неколку проектили од огнено оружје.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Тешко повредена 29-годишна жена од Битолско по пад од трактор

Вчера во 19:20 часот во СВР Битола е пријавено дека на регионалниот пат Р-2333 Битола-Драгош, на крстосница за село Барешани, додека 30-годишниот Р.М. од село Острец, битолско, управувал трактор „тафе“ со приколка, неговата сопатничка У.М.(29) од истото село, паднала од тракторот, при што се здобила со тешки телесни повреди констатирани во Клиничка болница Битола.
Извршен е увид од увидна екипа на СВР Битола.
Црна хроника
14-годишник нападнат на трим-патека во Кисела Вода од повеќе малолетници

Вчера во 14:30 часот во СВР Скопје, 54-годишниот Д.Х. од Скопје пријави дека на 09.08.2025 околу 22:30 часот на трим патека на подрачје на Кисела Вода во Скопје, неговиот 14-годишен син, додека бил со неговиот брат и другарка, по претходна расправија, бил физички нападнат од повеќе малолетници, кои ги познава и кои носеле и метални предмети.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот