Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Лишена од слобода 35-годишна кумановка: возела „бмв“ со повеќе од двојно поголема брзина од дозволената
Вчера во 14:50 часот на булевар „Трета македонска ударна бригада“ во Куманово, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Куманово ја лишија од слобода 35-годишната И.А. од Куманово.
При контрола на патниот сообраќај со радар констатирано е дека И.А. управувала патничко возило „бмв“ со брзина од 92 километри на час во населено место каде што дозволената брзина е 40 километри на час.
По целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
Црна хроника
Претрес во Свети Николе, пронајдена дрога, уапсени две лица
Вчера во 12:05 часот, полициски службеници од ОВР Свети Николе ги лишија од слобода 30-годишниот Д.Т. од Свети Николе и 25-годишната А.П. од село Горобинци, светиниколско.
При претрес во домот на Д.Т., извршен со судска наредба, затекната е А.П. како заедно со него користи дрога, пронајдени и одземени се неколку пакувања со прашкаста материја и предмети со остатоци од прашкаста материја.
По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Со цигла скршил стакло од прозорец и влегол да краде, го нападнал и сопственикот: истрага за разбојничка кражба во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка и предложи мерка притвор за лице осомничено за – Разбојничка кражба според член 238 став 1 од Кривичниот законик.
На 19 октомври осомничениот со цигла го скршил стаклото на прозорецот од спалната соба во куќа на улицата “Благоја Стефковски”. Влегол во куќата и пребарувал, па во една од собите пронашол и одзел 1.580 евра и 2.000 денари и се обидел да го напушти местото.
Сопственикот на куќата го забележал и сакал да го спречи, но осомничениот физички го нападнал, го турнал во грмушките во дворот и избегал.
Притвор е побаран поради опасноста од бегство, можност за влијание врз сведоците и оштетениот, како и ризикот осомничениот да го повторува делото.

