Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Апсења во Чаир по насилен инцидент и закана со пиштол

Полицијата во Чаир синоќа привела четири лица од Скопје, меѓу кои и малолетник.
Сè започнало околу 22:50, кога 24-годишните Бе.Р. и Б.Р. – физички го нападнале Б.С. од Скопје. Едниот од нив извадил и пиштол со намера да пука, но потоа сите си заминале од местото на настанот, соопшти МВР.
Кога полицијата ги пронашла, тие заедно со нивниот татко К.Р. и 14-годишниот брат физички ги нападнале полицајците. По ова, биле приведени.
Откако ќе заврши истрагата и ќе се соберат сите докази, ќе им бидат поднесени пријави.
Црна хроника
Повредени повеќе странски државјани во две сообраќајки на македонските автопати

Две сообраќајни несреќи со тешки телесни повреди се случија на македонските автопати во текот на 5 август, во кои се повредени патници од Србија, Велика Британија и Босна и Херцеговина.
Првата несреќа се случила околу 11:15 часот на автопатот Куманово – Граничен премин Табановце, кога патничко возило „Фолксваген“ со српски регистарски таблички удрило во метален столб од бензинска пумпа. Возилото го управувал 29-годишен државјанин на Србија, а повредени се неговите сопатници – двајца британски државјани, на возраст од 29 и 56 години, како и 53-годишен Србин. Повредените се пренесени во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што им се констатирани тешки телесни повреди.
Неколку часа подоцна, околу 16:45 часот, друга несреќа се случила на делницата од автопатот А1, во правец од Велес кон Градско. Возач на „БМВ“ со регистарски таблички од Босна и Херцеговина изгубил контрола и излетал од патот. Неговата 26-годишна сопатничка се здобила со тешки телесни повреди, додека возачот (32) е полесно повреден. Двајцата се згрижени во Општата болница во Велес.
Полицијата изврши увид на местата на несреќите, а причините се предмет на натамошна истрага.
Топ
Лихварска шема во Гостивар: Заем од 35.000 евра со камата од 15.000 за една година, па по 3.000 евра месечно

Против две лица, меѓу кои еден нотар од Гостивар и една фирма, тетовската полиција поднесе кривични пријави поради сомнение за низа тешки кривични дела, меѓу кои лихварство, фалсификување и злоупотреба на лични податоци.
Главниот осомничен е Т.В. (39) од селотото Неготино, Гостиварско, кој од 2022 година до моментот на пријавувањето, ја искористувал тешката материјална состојба на едно лице од Гостивар и во повеќе наврати му позајмувал пари со екстремно високи камати. За заем од 35.000 евра, побарал 15.000 евра камата за една година, а потоа, месечно, дополнително по 3.000 евра камата.
Кога оштетениот не можел да ги врати парите, Т.В. со присила и закани го натерал да потпише договор за купопродажба на недвижен имот, заверен кај нотар.
Истиот осомничен, на 27 септември 2023, изготвил и фалсификуван договор за купопродажба на моторно возило кај нотар, во време кога оштетениот бил надвор од државата.
Кривична пријава доби и второосомничениот Ј.Д. (48) од село Добри Дол, кој во својство на овластено лице во нотарската канцеларија во Гостивар, без присуство на оштетениот, на истиот датум заверил договор за купопродажба на возило вредно 1.000 евра на име на И.А. од Гостивар. Од МВР појаснуваат дека без согласностна оштетениот, прибрал, обработувал и користел негови лични податоци и заверил лажен договор.
Истрагата се води за кривични дела: „лихварство“, „употреба на исправа со невистинита содржина“, „фалсификување на исправа“, „злоупотреба на лични податоци“ и „несовесно вршење на службата“.