Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Радовишанец во воена униформа се шетал со пушка и пиштол низ градот

Жител на Радовиш облечен во воена униформа со пиштол и пушка се шетал низ градот.
Според информациите на МВР, вчера полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш го лишиле од слобода А.У.(49) од Радовиш. Тој бил затекнат на ул. „Шаин маале“ во Радовиш како се движи во воена униформа и на себе имал ремен со пиштол, лисици и дрвена палка, а во рацете имал пушка.
При обид да биде лишен од слобода, А.У. се дал во бегство и ги фрлил предметите кои ги носел во себе, но по преземени мерки, бил фатен и лишен од слобода. Од страна на полициски службеници биле пронајдени и одземени предметите кои лицето ги фрлило при бегството, односно една пушка, еден војнички ремен, кожна футрола со еден пар лисици за врзување, метална цевка, футрола со три куршуми за сигнален пиштол, метална рамка со пет капси, пиштол идр..
Лицето е задржано во Полициската станица Радовиш. За настанот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш и по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава.
Црна хроника
Прилепчанец му го украл пиштолот на полицаец додека го приведувал

Прилепчанец му го украл пиштолот на полицаец додека го приведувал и избегал.
Според информациите на МВР, вчера полициски службеници од ОВР Прилеп, додека постапувале по наредба од Основен суд Прилеп за приведување на С.Ќ. на ул.„Дебарца” во населба Тризла во Прилеп, биле физички нападнати од С.Ќ., кој му го одзел службениот пиштол на еден од полициските службеници, и се дал во бегство.
Во исто време, се собрала поголема група на луѓе кои на полициските службеници им упатувале закани и навреди.
Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Црна хроника
Таксист во Скопје се качил на возилото за да не му го крене „пајакот“

Таксист се качил на своето возило за да не му го крене „пајак“ службата. Инцидентот се случил во Скопје.
Според информациите на МВР, вчера на бул. „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го привеле Ф.Џ.(57) од Скопје, поради тоа што додека со „пајак“ возило му било подигано неговото такси возило, агресивно се однесувал кон полициските службеници, се качил врз возилото и одбивал да се симне.
По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.