Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Уапсен пијан маж од Охридско

Синоќа во 23.49 часот на магистралниот пат Кичево – Охрид, полициски службеници од ОВР Кичево го лишија од слобода М.Ц. (50) од село Мешеишта, општина Дебрца.
При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „Фолксваген пасат“ со охридски регистарски ознаки, кое го управувал, и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,53 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297 – а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“, соопшти МВР.
Црна хроника
827 санкции за сообраќајни прекршоци во текот на вчерашниот ден

Во текот на вчерашниот ден од вкупно изречените 827 платни налози од страна на полициските службеници во рамки на опфатните сообраќајни контроли на патиштата низ земјата, после подолг период прекршоците од делот на неправилно паркирање и непридржување до пропишаната брзина на движење, статистички се симнати од врвот за сметка од вчера изречените 209 прекршоци што ги сториле пешаците, соопшти МВР.
По основ на неправилно паркирање и непридржување до пропишаната брзина на движење согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата вчера биле изречени 203, односно само 52 прекршоци. Исто така евидентиран е и зголемен број на прекршоци по основ на неносење сигурносен појас – 82, потоа 13 учесници во сообраќајот се казнети заради неносење заштитен шлем а 35 возачи заради говорење на мобилен телефон при возење.
Покрај ова вчера петмина возачи минале на црвено светло, шестмина управувале под дејство на алкохол, 69 возачи управувале возила без возачки дозволи, а пак следствено одредбите од Законот за возила – 10 возила се исклучени од сообраќај заради техничка неисправност, а 16 возила затоа што не биле со валидна регистрација.
Црна хроника
Приведен лихвар од Куманово

Синоќа во 20.00 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода М.П.(41) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „лихварство“ по член 260 и „изнуда“ по член 258 од Кривичниот законик.
При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени повеќе договори за купопродажба, договори за подарок, уплатници и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривичните дела.
Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.