Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Уапсен охриѓанец, при претрес пронајдена дрога и пари
Вчера во 17 часот во Охрид, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Охрид го лишиле од слобода 48-годишниот И.Д. од Охрид.
При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени бела грутчеста материја и пари во различни апоени и валути. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Млад прилепчанец влегол преку прозорец во куќа во Охрид за да краде, сопственичката била дома
Приведен е 25-годишен прилепчанец кој упаднал преку прозорец во куќа во Охрид и со закана со нож од сопственичката украл пари и злато.
„Во СВР Охрид бил задржан Б.Ј.(25) од Прилеп, кој претходно во Прилеп бил лишен од слобода од полициски службеници од Полициската станица Прилеп врз основа на распишан локален распис. Тој се сомничи дека дека на 25.11.2024 извршил кривично дело „разбојништво“ во дом во Охрид, каде влегол преку отворен прозорец и со закана со остар предмет од сопственичката одзел пари и златни предмети“, објави МВР во дневниот билтен.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Пукна плинска боца приклучена со греалка – скопјанка со изгореници префрлена во болница
Плинска боца приклучена со греалка пукнала вчера во Скопје, пришто 45-годишна скопјанка се здобила со изгореници.
Од МВР информираа дека жената е префрлена во Градската општа болница Свети Наум Охридски.
Припадниците на полицијата стигнале на местото на настанот.