Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Две жени ограбени во центарот на Скопје, едната е со повреди

Вчера во 13.50 часот во СВР Скопје, М.П.(36) од Скопје пријавила дека околу 12.35 часот на подрачјето на Центар во Скопје, едно лице со употреба на физичка сила ѝ ја одзело чантата во која имала пари.
Исто така, вчера во 14.55 часот во СВР Скопје, од Градска општа болница „Св.Наум Охридски“ – Скопје било пријавено дека кај нив со повреди и за укажување помош се јавила С.Х.(79) од Скопје.
Според пријавеното, на подрачјето на Центар во Скопје, едно лице со употреба на сила и ја одзело чантата.
Полицијата презема мерки за расчистување на случаите.
Црна хроника
Тешко повреден мотоциклист во сообраќајна незгода во Кавадарци

Денеска во 00.10 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека на крстосница од булеварот „Никола Минчев“ со булеварот „Македонија“ во Кавадарци се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Т.(31) од Кавадарци и мотоцикл „сузуки“ со кавадаречки регистарски ознаки, управуван од Г.И.(29) од с.Дреново, кавадаречко.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Општата болница Кавадарци.
Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Кавадарци.
Црна хроника
Уапсени возачи во Штип и Берово, возеле под дејство на алкохол

Полицијата уапси возачи во Штип и Берово затоа што управувале возило и мопед под дејство на алкохол.
Вчера околу 23 на ул.„Маршал Тито“ во Штип, Х.П. со патничко возило „фиат“ со штипски регистарски ознаки, кое го управувал, удрил во паркирано патничко возило „рено“ со штипски регистарски ознаки, паркирано од В.Н.(63) од Штип. При преземање мерки во врска со незгодата, полициските службеници констатирале дека Х.П. го управувал возилото под дејство на алкохол, односно му биле измерени 3,16 промили алкохол во крвта.
Во 19.54 часот, при сообраќајна контрола на ул„Страшо Пинџур“ во Берово, полициски службеници сопреле мопед со пехчевски регистарски ознаки, кое го управувал В.П. и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 2,18 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
По целосно документирање на настаните, против двајцата ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.