Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Пиштол и куршуми пронајдени кај стружанец
ОВР Струга поднесе кривична пријава против Е.Б.(69) од Струга.
Тој се сомничи за сторено кривично дело по член 396 од Кривичниот законик „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
При претрес во неговиот дом, извршен по судска наредба, полициските службеници од ОВР Струга, пронајдоа и одзедоа еден пиштол калибар 7,65 милиметри и 16 куршуми различен калибар кои, нелегално ги поседувал.
Црна хроника
Пронајдени 10 мигранти, приведен шверцерот од Албанија
Вчера во 23:35 часот на улицата „Вардарски рид“ во Гевгелија, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица го лишија од слобода 24-годишниот В.Ц. од Република Албанија.
При контрола на патничко возило „киа“ со албански национални ознаки, кое го управувал, пронајдени се 10 лица мигранти, од кои седум од Египет и три од Мароко.
Мигрантите се сместени во прифатно-транзитен центар во Гевгелија, а лицето е задржано во полициска станица.
Известен е јавен обвинител и по целосно расчистување и документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
„Мерцедес“ со германски таблички се преврте на патот Кичево – Гостивар: повредени три лица, меѓу нив и малолетничка
Вчера во 12:50 часот во ОВР Гостивар е пријавено дека на патот Кичево-Гостивар, во близина на „Мавровска раскрсница“, патничко возило „мерцедес“ со германски национални ознаки, управувано од И.Р.(39) од Кичево, се превртело на коловозот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, а со телесни повреди се здобиле 14-годишна сопатничка од с.Стрелци, кичевско и А.В.(24) од Романија, констатирани во Општата болница Гостивар.
Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Гостивар.

