Спорт
Доминација на Марк Маркез во спринтот на патеката Бруринам

На патеката Бруринам во Тајланд, со спринт трката започна новата сезона во Мото Гп шампионатот. Актуелниот шампион Хорхе Мартин поради повреда не настапи, а победата ја однесе новиот возач на Дукати Марк Маркез.
Марк Маркез уште на стартот на сезоната сериозен ја истакна кандидатурата за освојување на својата седма шампионска титула во Мото ГП.
Шпанецот водеше од првиот до 13-от круг и убедливо дојде до првото место. Во ниту еден момент не ја доведе во прашање победата и со речиси совршено возење им покажа на своите ривали колку може да направи на Дукати.
За целосен триумф на семејството Маркез во Бруринам се погрижи помладиот брат Алкес, кој со своето Гресини Дукати го освои второто место.
Актуелниот вицешампион Франческо Бањаја, клупски колега на Маркез, на крајот го освои третото место.
Аи Огура имаше одлично деби на најголемата сцена. Актуелниот шампион во Мото 2 го зазеде одличното четврто место на Априлија. Морбидели беше петти, Акоста шести, а поранешниот шампион Фабио Квартаро седми.
Главната трка е закажана за в недела во 9 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Милан размислува за Фабрегас, алтернативи се Сари и Де Зерби

Фудбалскиот клуб Милан дури по завршувањето на сезоната ќе решава дали ќе му го продолжи престојот на тренерот Серж Консеисао, откако гласни се шпекулациите дека тој и пред завршувањето на првенството може да добие отказ.
Консеисао има клаузула во договорот според која Милан може да го раскине договорот на крајот од оваа сезона доколку не ги исполни амбициите и не ги постигне посакуваните резултати.
Милан испадна од Лигата на шампионите, во Серија А се маоѓа на осмото место со осум поени помалку од четвртата позиција. Клубот се уште е во трка за трофејот во Копа Италија, во полуфиналето ќе игра против Интер.
Во случај Милан да не обезбеди пласман во Лигата на шампионите, извесно е дека клубот повторно ќе бара нов тренер, а прв пик е Сеск Фабрегас, додека алтернативи се Роберто Де Зерби и Маурицио Сари.
Фабрегас одлично си ја врши работата на клупата на Комо. Бидејќи е косопственик на Комо, тој практично сам ќе ја решава својата судбина.
Роберто Де Зерби го води Олимпик Марсеј, а беше поврзуван со Милан минатото лето кога дојде Пауло Фонсека, додека Сари очајно сака да и се врати на тренерската работа, откако минатата сезона се раздели со Лацио. Сепак, Сари е мета и на Аталанта, која во него гледа идеална замена за Џан Пјеро Гасперини.
Спорт
Меси не го памети по добро престојот во ПСЖ

Аргентинецот Лионел Меси зборуваше за „Ејпл ТВ“ (еден од главните спонзори на Интер Мајами) за времето поминато во Пари Сен Жермен.
Тој вели дека тој дел од неговата кариера не бил најпријатен. Како што рече, секој ден бил незадоволен.
„Тие две години не ми беа пријатни. Не бев среќен, бев незадоволен секој ден, од тренинзите, натпреварите… Имав потешкотии да се адаптирам на сето тоа“, изјави Меси.
Неговиот партнер од тоа време Нејмар неодамна проговори за незадоволството на Аргентинецот во Париз.
Во таа изјава Бразилецот откри дека Килијан Мбапе му бил љубоморен на Меси, но и блиската врска која Бразилецот и Аргентинецот ја имале надвор од теренот.
Меси беше во Пари Сен Жермен од 2021 до 2023 година, кога по 23 години ја напушти Барселона.
Во Мајами е среќен, го најде тоа што го бараше и ужива во фудбалот, земјата, клубот…
„Доаѓањето во Мајами беше можност, особено откако работите не одеа добро во Париз. Таа одлука ( да се пресели во ПСЖ) морав брзо да ја донесам, бидејќи морав да заминам од Барселона“.
Спорт
Емери за Асенсио и Рашфорд: Фантастично се адаптираа

Астон Вила со победата над Кардиф обезбеди пласман во четвртфиналето на ФА Купот. Во победата блескаа Марко Асенсио и Маркус Рашфорд.
Двајцата и се приклучија на Астон Вила во јануари. Асенсио постигна два гола против Кардиф и има вкупно четири откако пристигна на Вила Парк. Додека Рашфорд забележа асистенција, негова трета откако го напушти Олд Трафорд. Тие заработија пофалби од тренерот Унаи Емери.
„Ова е важно и за тимот и за нив како поединци. Асенсио се адаптираше фантастично, исто како Рашфорд. Ќе ни бидат потребни за следните натпревари и предизвиците што ги имаме“, изјави Емери.
Астон Вила ФА купот последен пат го освои во далечната 1957 година. И покрај тоа што се еден од поквалитетните тимови во четвртфиналето, Емери не смета дека неговиот тим е фаворит.
„Сме кандидати, но не сме фаворити за трофејот. Размислуваме само за следниот натпревар. Во четвртфиналето сме и среќни сме, а сега следи Лигата на шампионите“.