Спорт
Душан Тадиќ потврди дека повеќе нема да игра за Србија
Капитенот на фудбалската репрезентација на Србија Душан Тадиќ (35) повеќе нема да настапуваат за националниот тим.
Тадиќ одлуката за која се шпекулираше изминатите денови ја објави на својот профил на „Инстаграм“.
„Со оваа објава сакам да им се обратам на сите љубители на фудбалот, настојувам да бидам коректен и директен колку што е можно, како што беше случај при изјавите на Европското првенство.
Останувам на ставовите што ги искажав. Нагласувам дека немав намера да ги навредувам моите соиграчи или некој друг кој беше дел од српската селекција во Германија, па затоа имам потреба за последен пат да објаснам одредени работи за кои знам дека има одредени контроверзи. Понатаму, главната причина за оваа објава е тоа што јас донесов одлука да се збогувам со дресот на српската репрезентација.
Дали би можел да бидам корисен во иднина, нека процени струката, јавноста или кој се чувствува поканет да разговара за тоа и кој мисли дека е дел од фудбалскиот амбиент“, напиша Тадиќ, моментално член на Фенербахче.
„Се збогувам со репрезентацијата, но верувам дека еден ден повторно ќе бидам таму
Репрезентацијата отсекогаш била моја голема љубов. Љубовта кон земјата, љубовта кон народот, љубовта кон играта, конкуренцијата, пријателството… Заедно поминавме низ многу радост, тага, насмевки, крв, среќа и имаше многу болки и страдања Ниту еден клубски неуспех не може да боли како репрезентативен, но ниту еден клупски успех не може да донесе радост како успехот во дресот на Србија.
Со големо задоволство се борев и го бранев грбот на репрезентацијата. Надвор од теренот, како и на него. Ја имав привилегијата да ја претставувам Србија на две светски првенства, на ЕП и на Олимписките игри. Никогаш не ме интересираа рекордите, а капитенската лента донесе посебна одговорност, чест и доверба“, напиша меѓу другото Тадиќ.
Тадиќ во националниот дрес дебитираше на 14 декември 2008 година на пријателскиот натпревар со Полска, од 2012 година стана редовен дел од националниот тим.
Оттогаш, тој одигра рекордни 111 натпревари на кои постигна 23 гола и забележа 40 асистенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Американките во драматично финале го освоија олимпиското злато
Поделени се медалите на женскиот хокеарски турнир, на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина. САД го освоија златото со победа од 2:1 над Канада во финалето по продолжение. Швајцарија ја освои бронзата.
Како и во претходните три, САД и Канада се сретнаа и во ова финале. И приредија спектакл. На крајот, сè беше решено во продолжението.
Херој на третото злато за Американките беше Меган Келер. Таа го постигна победничкиот гол во петтата минута од продолжението.
Но, Канада има многу за жалење. Водеше од почетокот на вториот период со голот на Кристин О’Нил, па сè до две минути пред крајот. А потоа Хилари Најт, на асистенција на подоцнежната хероина Келер, постигна гол за 1:1 и продолжение. Во кое Келер погоди за голема победа.
И Швајцарија забележа голема победа. За третото место, ја поразија Шведска, исто така по продолжение, со 2:1, и со тоа Швајцарките го освоија својот прв олимписки медал по 12 години.
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) Звезда победи во Лил, Штутгарт го декласира Селтик
Фудбалерите на Лудогорец ја спасија честа на домашните тимови во Лига Европа. Во првите осум натпревари, шест победи забележаа гостите, само Лудогорец победи на домашен терен, а Панатинаикос успеа да извлече реми.
Изненадувањето на вечерта го направи Црвена звезда со победата во Лил. Српскиот првак победи со голот на Тебо Учена во првата минута од надополнувањето на времето во првото полувреме.
Црвено-белите доминираа против Лил и само можат да жалат што победата не е изразена со повеќе голови разлика.
Инаку, Црвена звезда ја забележе првата победа на француска почва, во својата историја. Во претходните девет гостувања, црвено-белите имаа две нерешени и седум порази.
Селтик доживеа тежок пораз од Штутгарт (1:4). Во првото полувреме се истакна Мароканецот Билал Ел Ханус, кој игра за Штутгарт како позајмен играч од Лестер Сити.
Прво, во 15-та минута, искористи „бразилска“ асистенција со петицата на Денис Ундав, а во 28-та минута реагираше добро по центаршутот на Анџело Стилер и, заборавен од домашните играчи, повторно го совлада ветеранот на Селтик, Каспер Шмајхел.
Помеѓу двата гола на Штутгарт, Бенџамин Нигрен ја искористи конфузијата во одбраната на „Швабите“.
Сепак, во вторите 45 минути, Германците беа уште поубедливи.
Првиот, со прецизен удар на Џејми Левелинг, а потоа Тијаго Томас го постави конечниот резултат на крајот од натпреварот.
Лудогорец е единствениот тим што победи на домашен терен. Шампионот на Бугарија се сретна со Ференцварош во Раздград и победи со резултат од 2:1 (1:1).
Домашниот тим поведе со голот на Кванд Ду, Деле израмни за Унгарците.
Победата за Лудогорец ја донесе Шпанецот Сон во 67-та минута.
Foto/ EPA
Спорт
Меншик го победи Синер
Чешкиот тенисер Јакуб Меншик го победи Јаник Синер во четвртфиналето на турнирот во Доха.
Меншик славеше по два часа и 13 минути борба, со 2-1 во сетови – 7:6(3), 2:6, 6:3.
Ова е втората најголема победа во неговата кариера, откако го победи Новак Ѓоковиќ во финалето во Мајами минатата година.
За 20-годишниот Чех, ова беше прв дуел со Синер во кариерата, а првото полуфинале во Доха, ќе му го донесе и 13-то место на АТП листата.
Foto/ EPA

