Спорт
Гатузо жали што не стана кормилар на Тотенхем

Италијанскиот стратег Џенаро Гатузо вели дека жали што не стана менаџер на лондонски Тотенхем откако дојде до противење од навивачите на „петлите“.
Тотенхем бараше кормилар до крајот на минатата сезона, имаше неколку кандидати, меѓу кои и Италијанецот.
По барање на навивачите, Управата на Спарси се откажа од Гатузо и го одбра Нуно Еспирито Санто.
„Тоа е големо разочарување, но не ме опишаа онаков каков што всушност сум и ништо не можев да направам околу тоа. Жал ми е што не можев да се бранам и да објаснам во Англија каква личност сум“ изјавил Гатузо за италијански „Месаџеро“.
Поранешниот тренер на Милан и на Наполи рекол дека ваквите констатации за него го заголеле.
„Морав да прифатам приказна која навистина боли многу повеќе од пораз или отказ. Одредена злоба доаѓа од Фејсбук или Твитер, каде може да се прифати било која лага. Не ги сакам друштвените мрежи. Не разбирам, ако пијам вино, во што е поентата да се сликам за другите тоа да го знаат“ вели Гатузо.
Италијанецот во моментов е без ангажман. Летово потпиша договор со Фиорентина, но по 23 дена го напушти клубот од Фиренца поради несогласување со Управата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
УЕФА го менува квалификацискиот систем за Европското првенство

Челниците на УЕФА се воодушевени од тоа како сега изгледаат Европските купови, што започнаа консултации за воведување сличен формат и квалификациите за Европското првенство.
Како би изгледало тоа? Наместо сегашните 12 групи, во кои некои имаат по четири, некои пет учесници, сите би биле сместени во две групи. И би се играло според швајцарскиот модел, би имало две табели и најдобрите би оделе на Европското првенство.
Зошто промената? Според претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, сегашниот квалификациски модел е застарен, предвидлив и неинтересен за телевизиските куќи.
„Претходно, дури и во Лигата на шампионите, знаевме, штом ќе започне групната фаза, кој ќе оди понатаму. Сега имаме неизвесност до последното коло“, објасни Чеферин.
Беа одржани првите разговори на таа тема, учествуваа 28 генерални секретари од европски земји.
„Сигурно е дека ќе има промени. Луѓето постојано бараат нешто ново, а кога ќе го започнете процесот на промена, веднаш сите викаат „не, не“. Не ни недостасува храброст, ќе разговараме со сите, сите ќе бидат вклучени. Форматот на Европското првенство нема да се промени, но квалификациите веројатно ќе се променат. Нема да има повеќе натпревари, само ќе биде понеизвесно“, објасни Чеферин за „Тајмс“.
Сепак, сето тоа нема да важи за квалификациите за следното Европско првенство, кое ќе се игра во 2028 година, туку потоа. Но, се чини дека е сигурно нешто што ќе се случи.
Спорт
Челзи гледа кон Сергеј Милинковиќ-Савиќ

Италијанскиот „Кориере дело спорт“ денес објави бомбастична информација – Челзи сака да го доведе Сергеј Милинковиќ-Савиќ како слободен играч.
Според овој извор, Челзи сака да ја зголеми конкуренцијата во средниот ред, а Сергеј, кој станува слободен на лето, е сериозна мета.
И во минатото Челзи покажуваше интерес за Сергеј, но Србинот секогаш остануваше во Рим и на крајот го избра – Ал Хилал.
Сега ситуацијата е поинаква, клубот за Сергеј не мора да плати обесштетување.
Србинот се поврзува и со Јувентус во последните недели, но клубот од Торино досега не повлекол конкретни потези.
Да ве потсетиме дека Сергеј пристигна во Ал Хилал во летото 2023 година за 40.000.000 евра, а одигра 102 натпревари за клубот од Саудиска Арабија со учинок од 30 гола и 26 асистенции.
Спорт
Осумгодишната сноубордерка од Карпош, Нина Неделковска, е поканета да тренира во Австрија

Пред само две години малкумина знаеја дека во Македонија расте мала, но бестрашна сноубордерка. Денес, осумгодишната Нина Неделковска веќе е име што се спомнува со восхит на снежните патеки во регионот. Малечка на години, но голема во духот – таа со храброст, труд и истрајност покажува дека кога желбата е доволно силна, детскиот сон може да стане реалност.

На само шест години првпат застана на сноуборд
Нина е ученичка во трето одделение во ОУ „Војдан Чернодрински“ во Карпош и на шест години првпат застана на сноуборд. Нејзиниот талент прв го препозна легендарниот, сега веќе починат тренер, Дане Гегој, кој ја прифати да тренира и покрај тоа што беше најмлада. Токму тој ја насочи кон професионалниот спортски пат и ја научи дека успехот не доаѓа преку ноќ – туку преку љубов, посветеност и многу падови што ја прават посилна.
Како член на српскиот клуб „ММ ски“, Нина во изминатите две сезони (2023/2024 и 2024/2025) редеше медали во повеќе дисциплини – BA, SS, SL и GS и се закити со титулата најмлад државен првак на Република Србија.

Нина во изминатите две сезони редеше медали во повеќе дисциплини
Со своите настапи на натпревари таа успеа да се издвои меѓу конкурентите постари од неа и да покаже дека иднината на сноубордот во регионот има ново лице.
Нејзините зимски тренинзи се одвиваат на Копаоник под будното око на селекторот Филип Филиповиќ, а летните подготовки најчесто се одвиваат на глечери или во хали со вештачки снег.
Семејството е нејзина најголема поддршка – секој тренинг, секое патување и секој натпревар се заедничка победа.

Можност да тренираат во Австрија добиваат само најперспективните млади сноубордери во Европа
Оваа година нејзината приказна добива ново возбудливо поглавје. Нина е поканета да тренира во Австрија во рамките на престижната програма NASH (Next Austrian Snowboard Hero) – можност што ја добиваат само најперспективните млади сноубордери во Европа. Таму ќе тренира со врвни тренери и ќе има шанса да ги усоврши техниките што ја одвојуваат од своите врсници.
Со срце полно со љубов кон спортот, со насмевка и став на вистински борец, Нина веќе ја инспирира својата генерација. Таа е доказ дека возраста не е пречка за големи соништа и дека македонските деца може да блеснат и на меѓународната сцена – ако веруваат, работат и не се откажуваат.