Спорт
Германската федерација ја брани одлуката репрезентацијата да патува со авион
Германската фудбалска федерација (ДФБ) мораше да ја брани одлуката да се патува со авион во далечина од 240 километри од Штутгарт до Базел за мечот со Швајцарија, откако лутите навивачи посочија на еколошкото влијание на нивната одлука.
Германија прво одигра 1:1 со Шпанија во Штутгарт, примајќи гол во последните секунди од мечот, пред на гостувањето во неделата во Швајцарија да го повтори резултатот. По ова следуваа многу критики за тоа што се летало на толку мала далечина, наместо да се патува со автобус или воз, посебно откако федерацијата во 2019 направи план за еколошкото влијание на фудбалот.
„Можеме да ги сфатиме критиките и дискусијата како можност да се подобри нашето планирање. Бевме фокусирани на хигиенската заштита и отпималните услови за физичкото опоравување на фудбалерите. Летот со кратко траење беше подобар избор од три и пол часа со автобус“, вели директорот на тимот, легендарниот Оливер Бирхоф.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Ливерпул ќе реализира уште еден 100+ милиониски трансфер

Ливерпул не планира да запре во актуелниот преоден рок. Откако клубот го урна трансфер рекордот за Флоријан Вирц, според медиумите „црвените“ се подготвени да потрошат уште 117 милиони евра.
Сагата околу Флоријан Вирц заврши со хепиенд за Ливерпул. Клубот со бонусите за германскиот репрезентативец на Баер Леверкузен ќе му плати 136,5 милиони евра. Ова е не само најголемиот трансфер во историјата на клубот, туку и најголемиот трансфер во Премиер лигата.
Инаку претходно во клубот за 40 милиони евра пристигна Џереми Фринпомг, а се очекува да потпише и левиот бек на Борнмут, Милош Керкез.
Следна цел на Ливерпул е фудбалерот на Њукасл, Ентони Гордон.
Како што тврдат новинарите на „Сан“, Арне Слот дал зелено светло и сака да види англискиот репрезентативец во својот тим.
Минатиот октомври, Гордон потпиша нов договор со Њукасл, а во овој клуб пристигна од Евертон во јануари 2024 година за околу 60 милиони евра.
Тој одигра клучна улога во тимот на Еди Хау минатата сезона, постигна шест гола и запиша пет асистенции, со што му помогна на клубот да се врати во Лигата на шампионите.
Наводно фудбалерот има голема желба да ја продолжи кариерата на „Енфилд“, и покрај фактот дека играше за лутиот ривал Евертон.
Доколку челниците на Ливерпул го комплетираат овој трансфер, јасно е дека ќе бидат фаворити број еден за нова титула во Премиер лигата.
Спорт
Џеко се премисли ја одби Болоња, се сели во Фиренца

Един Џеко се премисли, нема да ја засили Болоња, туку кариерата ќе ја продолжи во Фиорентина.
Џеко има 39 години, но сè уште игра фудбал на високо ниво, поради што разни клубови покажаа интерес за неговите услуги откако тој стана слободен играч.
Како што стојат работите, новиот клуб на напаѓачот од Босна и Херцеговина треба да биде Фиорентина.
Според италијанскиот новинар Никол Скира, Џеко се договорил со тимот и Фиренца, со која ќе потпише договор на две години со годишна плата од два милиони евра.
Кога ќе бидат решени административните работи, сега веќе поранешниот фудбалер на Фенербахче ќе стане нов член на тимот од Серија А.
Фиорентина ќе биде третиот клуб во Серија А, претходно играше за Рома и Интер.
Спорт
(Видео) Двајт Хауард се тепаше на баскет

На почетокот од новата сезона во кошаркарската лига „BIG3“ во САД, се случи тепачка, која фрли сенка врз овој спектакл во Чикаго.
За време на натпреварот помеѓу екипите Лос Анџелес Рајотс и Мајами 305, Двајт Хауард и Ленс Стивенсон се тепаа на теренот.
Се започна со вербална пресметка, која набрзо се претвори во сериозен физички инцидент. Набрзо, сите други актери на теренот се обидоа да ја смират ситуацијата и да ги разделат играчите.
Ситуацијата излезе од контрола, па двајцата кошаркари продолжија со пресметката на трибините, додека публиката се помести на пристојно растојание поради лична безбедност.
За да биде поинтересно, Хауард беше примен во Куќата на славните пред само неколку месеци заедно со Кармело Ентони, па вакви вакво однесување никако не му оди во прилог.
Dwight Howard and Lance Stephenson get ejected for a scuffle in their @TheBIG3 debuts 🤬 pic.twitter.com/rm6UxgQW9o
— Ballislife.com (@Ballislife) June 14, 2025