Спорт
Глазер ќе ја напушти Црвена звезда
Омри Глазер си заминува од Црвена Звезда на крајот од сезоната. Раководството на шампионот на Србија, според „Спорт Клуб“, го договорило трансферот на голманот во Франција.
Израелецот е еден од најдобрите играчи на Црвена звезда оваа сезона, во клубот пристигна минатото лесто за 1.200.000 евра од Хапоел Бер Шива. Се очекува српскиот шампион да заработи околу 4.000.000 евра од трансферот.
Инаку, Црвена звезда по завршувањето на сезоната ќе ги објави финасиските детали и името на новиот клуб.
По заминувањето на Глазер, Црвена звезда ќе ангажира голман кој не е странец, а во клубот најверојатно ќе се врати Милан Борјан, кој сезонава е позајмен во Слован од Братислава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Капело: Де Зерби е трета лига, за него се зборува затоа што Гвардиола му е спонзор
Роберто Де Зерби (44) од 18 септември 2022 година го води Брајтон. На 87 натпревари на клупата на тој клуб има 38 победи, 20 нерешени и 29 порази, а минатата сезона се пласираше во Лига Европа.
Де Зерби негува атрактивен и напаѓачки фудбал, поради што е ценет кај колегите. Пеп Гвардиола често зборува за него во суперлативи. Сепак, легендарниот италијански тренер Фабио Капело (77) смета дека Де Зерби е преценет.
„За мене Де Зерби е третокласен тренер. Тој не спаѓа во елитната група на тренери, но не и во втората класа. Според мене спаѓа во третиот ешалон. За него многу се зборува само затоа што Гвардиола го спонзорира, но оваа сезона покажа што може да направи. Сега е десетти со Брајтон Ајде да погледнеме во неговото „Си-ви“, тој има освоено само еден Куп со Шахтјор и тоа е тоа“, изјави Капело и дополни.
„Тој е школуван тренер кој ги покажува своите идеи преку тимовите што ги води, но сепак треба да се докажува. Го поврзуваат со толку многу клубови, а никој досега не контактирал со него. Го имаме и Брајтон, со кој има клаузула од 15 милиони евра во неговиот договор, а тоа не е мала сума кога се работи за тренер“.
Де Зерби во кариерата ги водеше Фоџа, Палермо, Беневенто, Сасуоло и Шахтјор. По 36 кола во Премиер лигата, Брајтон има 12 победи, 12 нерешени и 12 порази и се наоѓа на десеттото место. Испадна од Лига Европа, ФА Купот и Лига Купот.
Спорт
Мајк Џејмс МВП на сезоната
Кошаркарот на Монако, Мајк Џејмс е најдобар играч на Евролигата за сезоната 2023/24. Џејмс е првиот Амриканец по пауза од 19 години кој ја добива престижната награда. Ентони Паркер во 2005 и 2006 година беше МВП.
Како и за сите други награди во Евролигата, за наградата МВП на сезоната одлучуваат гласовите на навивачите, новинарите, капитените и тренерите на клубовите од Евролигата.
Монако трета година по ред стигна до плеј-офот, но оваа сезона во четвртфиналето загуби со 3-2 од Фенербахче и не успеа да се пласира на завршниот турнир.
Мајк Џејмс сезонава одигра 39 натпревари во Евролигата и само во еден немаше двоцифрен број на поени. Имаше просек од 17,9 поени, 5,1 асистенции, 4,1 скока, 1,2 украдени топки и просечен индекс на корисност од 19,4.по натпревар.
Патем стана и најдобар стрелец во историјата на Евролигата, во дуелот на Монако со Црвена звезда го престигна Василис Спанулис.
Списокот на играчи кои ја добија наградата за МВП на сезоната започнува со Тони Паркер (2005 и 2006 година) и продолжува со Тео Папалукас, Рамунас Шишкаускас, Хуан Карлос Наваро, Милош Теодосиќ, Димитрис Дијамантидис, Андреј Кирилемко, Василис Спанулис, Серхио Родригез, Немања Бјелица, Нандо де Коло, Серхио Љуљ, Лука Дончиќ, Јан Весели, Василије Мициќ, Никола Миротиќ и Саша Везенков, кој беше МВП минатата сезона.
Спорт
Мбапе играч на годината во Франција
Килијан Мбапе е прогласен за најдобар фудбалер на француската Лига 1.
Напаѓачот на Пари Сен Жермен ја доби престижната награда петти пат по ред. Одлуката ја донесоа членовите на Здружението на француски фудбалери.
Во текот на сезоната, Мбапе постигна 44 гола во сите натпреварувања.
Лига 1 е единствената лига во која сум играл досега во кариерата и зазема многу важно место во мојот живот. Сигурно ќе ми недостига, но време е за ново поглавје во мојот живот“, изјави Мбапе на церемонијата на доделувањето на наградата што му ја врачи Мари-Жозе Пере, поранешна олимписка шампионка во атлетика.
Брилијантниот напаѓач неодамна го одигра последниот натпревар за Пари Сен Жермен против Тулуз, а следната сезона треба да игра за Реал Мадрид, иако тоа никаде официјално го нема потврдено.