Спорт
Хамилтон двапати преговарал со Ферари оваа сезона!
Светскиот шампион на Мерцедес, Луис Хамилтон двапати се сретнал со претседателот на Ферари, Џон Елкан во текот на 2019 година, тврди италијанскиот спортски весник „Ла газета дело спорт“.
Ова „откритие“ доаѓа еден ден откако шефот на тимот, Матија Биното изјави дека е „среќен“ што возач како Хамилтон е слободен по 2020 година, кога му завршува договорот со Мерцедес. Шпекулациите велат дека Хамилтон сака да биде во црвениот болид пред да ја заврши кариерата, а бидејќи и договорот на Себастијан Фетел завршува во 2020, можна е соработка за две години.
„Имаше два состаноци помеѓу Џон Елкан и самиот Хамилтон во 2019. Елкан е голем фан на Хамилтон, исто како и потпретседателот на Ферари, Пјеро Ферари, кој е во Абу Даби овој викенд. Ова е врска која чека да се започне повеќе години. Од времето на Стефано ди Монтеѕемоло и Стефано Доменикали, интересот за Англичанецот секогаш бил константа во Ферари“, тврди „Газета“.
Хамилтон од друга страна е почитувач на историјата на Ферари, за приказните за Енцо Ферари, и тој веќе е сопственик на неколку автомобили од славната италијанска фабрика. Според „Газета“, тешко е да се верува дека Фетел ќе добие продолжение на договорот посебно по конфликтите со колегата Шарл Леклер, кој има договор до 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Иџе во поход по нова европска титула: „Очекувам добра трка“
Трикратниот европски шампион, Игор Стефановски Иџе овој викенд со трката во Австрија започнува нова сезона во која ќе се обиде да стигне до четвртата титула во Европскиот шампионат на ридски патеки (еHC).
Летечкиот Македонец, Игор Стефановски викендов пред нов предизвик. Во Австрија, на патеката Рекбер тој ќе го започне својот најнов поход на Европскиот шампионат на ридски патеки, кој и годинава има 10 трки. Шампионатот започнува на 28.04.2024, а ќе заврши во септември со трката во Хрватска.
Стефановски и оваа сезона не ги крие своите шампионски амбиции, за кои верува дека ќе може да се реализираат, особено затоа што годинава на патеката ќе управува со новиот автомобилски ѕвер од Ферари 488 B8, специјално дизајниран за овие патеки.
„Очекувам добра трка. Посакувам да постигнеме одличен резултат. Би сакал да се заблагодарам на мојот тим, како и на тие кои го препознаа потенцијалот и ме поддржуваат за натпреварувањата во оваа сезона, особено моите спонзори кои веруваат во мојот потенцијал “- вели Стефановски.
Минатата година Иџе во текот на целата сезона беше во сигурна доминација со седум победи на 10 трки.
Спорт
Хулкенберг од наредната сезона во Заубер
Германскиот автомобилист Нико Хулкенберг од 2025 година, ќе има нов работодавец. 36-годишникот ќе вози за тимот на Кик Заубер.
„Среќен сум што возам за Кик Заубер од 2025 година и што во иднина ќе го претставувам германскиот производител на патеките во Ф1“, објави Нико Хулкенберг на социјалните мрежи.
Од 2026 година во Заубер влегува германскиот производител Ауди.
Хулкенберг е член на тимот на Хас во тековната сезона, а неодамна беше објавено дека нема да ја продолжи соработката со американскиот тим.
„Хулк“ дебитираше во Формула 1 во 2010 година како возач на Вилијамс на Големата награда на Бахреин. Во меѓувреме освои една пол-позиција.
Во претходната сезона, Хулкенберг го заврши натпреварувањето на 16. место во генералниот пласман во Ф1 со девет бодови.
Спорт
(Видео) Кари е најдобар „клач“ игра во НБА
Кошаркарот на Голден Стејт, Стеф Кари ја доби наградата „Џери Вест“ која му се доделува на најдобриот играч на НБА лигата во решавачките моменти од натпреварите во регуларниот тек на сезоната.
Во НБА, последните пет минути од последната четвртина или продолжението кога еден од тимовите има најмногу пет поени предност е дефинирано како „период на одлука“.
Како што соопшти НБА, Кари победи со вкупно 298 поени, а зад себе ги остави Демар Дерозан (Чикаго) (272), Шеј Гилџис-Александер (Оклахома) (160) и Никола Јокиќ (Денвер) (85).
Тој во регуларниот дел постигна 189 поени, во решавачките моменти, Демар Дерозан 182, додека Гилџис-Александер постигна 112 поени.
Неговите Голден Стејт Вориорс не влегоа во плеј-офот, беа елиминирани од Сакраменто Кингс во првиот плеј-ин натпревар.
Кари оваа сезона имаше просек од 26,4 поени, 4,5 скока и пет асистенции по натпревар.