Спорт
Иранските власти му го вратиле пасошот на легендарниот Али Даеи
Иранските власти му го вратиле пасошот на Али Даеи, најголемата фубалска легенда во Иран, потврди тој во интервју за АФП по привременото одземање поради тоа што ги поддржуваше протестите по смртта на Махса Амини.
Во Иран има постојани демонстрации по смртта на 22-годишната Амини на 16 септември, три дена откако беше уапсена во Техеран поради прекршување на законите за покривање на својата коса. Во протестите се убиени десетина луѓе, а стотина завршија зад решетки.
„Кога се вратив од странство, полицијата во Техеран ми го конфискува пасошот на аеродромот пред моето семејство и другите луѓе. Ми порачаа дека треба да одам кај јавниот револуционен обвинител во престолнината за да се разгледа мојот случај. Тоа не беше важно за мене бидејќи не одам никаде. По два-три дена, ми го вратија пасошот“, изјави Даеи, кој претходно на 27 септември преку социјалните мрежи порача дека „власта треба да ги решава проблемите на Иранците наместо да користи репресија, насилство и апсења“.
Даеи, кој има прекар Шахријар (крал на фарси-јазикот), беше рекордер по бројот на репрезентивни голови (109) до септември 2021 кога Кристијано Роналдо го урна неговиот рекорд. 52-годишниот Даеи беше еден од првите ирански фудбалери што играше во европска лига со настапите за Арминија Билефелд, Баерн Минхен и Херта Берлин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Американките во драматично финале го освоија олимпиското злато
Поделени се медалите на женскиот хокеарски турнир, на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина. САД го освоија златото со победа од 2:1 над Канада во финалето по продолжение. Швајцарија ја освои бронзата.
Како и во претходните три, САД и Канада се сретнаа и во ова финале. И приредија спектакл. На крајот, сè беше решено во продолжението.
Херој на третото злато за Американките беше Меган Келер. Таа го постигна победничкиот гол во петтата минута од продолжението.
Но, Канада има многу за жалење. Водеше од почетокот на вториот период со голот на Кристин О’Нил, па сè до две минути пред крајот. А потоа Хилари Најт, на асистенција на подоцнежната хероина Келер, постигна гол за 1:1 и продолжение. Во кое Келер погоди за голема победа.
И Швајцарија забележа голема победа. За третото место, ја поразија Шведска, исто така по продолжение, со 2:1, и со тоа Швајцарките го освоија својот прв олимписки медал по 12 години.
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) Звезда победи во Лил, Штутгарт го декласира Селтик
Фудбалерите на Лудогорец ја спасија честа на домашните тимови во Лига Европа. Во првите осум натпревари, шест победи забележаа гостите, само Лудогорец победи на домашен терен, а Панатинаикос успеа да извлече реми.
Изненадувањето на вечерта го направи Црвена звезда со победата во Лил. Српскиот првак победи со голот на Тебо Учена во првата минута од надополнувањето на времето во првото полувреме.
Црвено-белите доминираа против Лил и само можат да жалат што победата не е изразена со повеќе голови разлика.
Инаку, Црвена звезда ја забележе првата победа на француска почва, во својата историја. Во претходните девет гостувања, црвено-белите имаа две нерешени и седум порази.
Селтик доживеа тежок пораз од Штутгарт (1:4). Во првото полувреме се истакна Мароканецот Билал Ел Ханус, кој игра за Штутгарт како позајмен играч од Лестер Сити.
Прво, во 15-та минута, искористи „бразилска“ асистенција со петицата на Денис Ундав, а во 28-та минута реагираше добро по центаршутот на Анџело Стилер и, заборавен од домашните играчи, повторно го совлада ветеранот на Селтик, Каспер Шмајхел.
Помеѓу двата гола на Штутгарт, Бенџамин Нигрен ја искористи конфузијата во одбраната на „Швабите“.
Сепак, во вторите 45 минути, Германците беа уште поубедливи.
Првиот, со прецизен удар на Џејми Левелинг, а потоа Тијаго Томас го постави конечниот резултат на крајот од натпреварот.
Лудогорец е единствениот тим што победи на домашен терен. Шампионот на Бугарија се сретна со Ференцварош во Раздград и победи со резултат од 2:1 (1:1).
Домашниот тим поведе со голот на Кванд Ду, Деле израмни за Унгарците.
Победата за Лудогорец ја донесе Шпанецот Сон во 67-та минута.
Foto/ EPA
Спорт
Меншик го победи Синер
Чешкиот тенисер Јакуб Меншик го победи Јаник Синер во четвртфиналето на турнирот во Доха.
Меншик славеше по два часа и 13 минути борба, со 2-1 во сетови – 7:6(3), 2:6, 6:3.
Ова е втората најголема победа во неговата кариера, откако го победи Новак Ѓоковиќ во финалето во Мајами минатата година.
За 20-годишниот Чех, ова беше прв дуел со Синер во кариерата, а првото полуфинале во Доха, ќе му го донесе и 13-то место на АТП листата.
Foto/ EPA

