Спорт
Клиперси го добија дербито на ЛА, Милвоки победи во Филаделфија
Изминатата ноќ во НБА се одиграа два натпревари. Во дербито на Лос Анџелес, Клиперси како гости ги совладаа Лејкерси со резултат 103:97, а Милвоки Бакс славеа победа 90:88 над Филаделфија.
Во победата на Лос Анџелес Клиперс, по пауза од 16 месеци се врати еден од најдобрите играчи во лигата, Каваи Ленард.
Ленард од клупата го започна натпреварот, што е прв пат по 2013 година кога беше играч на Сан Антонио Спарс. Натпреварот го заврши со 14 поени (6/12 од поле) и 7 скока.
Хрватскиот центар Ивица Зубац имаше и 14 поени (6/6 од поле, 2/4 пенали), но и 17 скока за 35 минути. 14 поени постигна и Маркус Морис, а кај Клиперси најефикасни беа Пол Џорџ и Џон Вол со по 15 поени.
Лејкерси го забележаа вториот пораз на стартот од сезоната и навестија уште една болна сезона за своите навивачи – најефикасен во тимот предводен од Дарвин Хем беше Лони Вокер со 26 поени (9/21 од поле). Одличен беше и Ентони Дејвис со 26 поени (9/16 од поле) и 8 скока, како и Леброн Џејмс – четирикратниот МВП постигна 20 поени (7/17 од поле), 10 скока и 6 асистенции.
Котастрофален меч одигра Расел Вестбрук, за 27 минути постигна само два поени од линијата за слободни фрлања, од поле ги промаши сите 11 шутеви.
Милвоки ја победи Филаделфија во неизвесна завршница, откко испушти двоцифрена предност во последниот период. На крајот, во последната минута Филаделфија имаше два поени откако сигурен од линијата за слободни фрлања прецизен беше Пи Џеј Такер, но Милвоки „преживеа“ со тројката на Весли Метјуз и кошот на Брук Лопез.
Ова беше втор пораз за Сиксерси на стартот од сезоната.
Најдобар кај победниците очекувано беше Џанис Адетокумбо со 21 поен (9/16 од поле, 2/5 пенали), 13 скока и 8 асистенции, а Брук Лопез додаде 17 поени. Грејсон Ален постигна 12 поени, а Боби Портис 11 поени и 10 скока.
Кај Филаделфија најдобар беше Џејмс Харден со 31 поен (13/24 од поле), 8 скока и 9 асистенции, а шутерска вечер немаше Џоел Ембиид, најдобриот стрелец во минатата сезона. Камерунецот постигна 15 поени (6/21 од поле), 12 скока и 3 асистенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Чешка го слави 19-годишниот Методеј Јилек
Со спектакуларно лизгање, Методеј Јилек и го донесе вториот златен медал за Чешка на Зимските олимписки игри во Милано.
Во трката на 10.000 метри во брзо лизгање, тој ја запре штоперицата на 12:33,42 и го постигна најубедливиот триумф во досегашниот тек од натпреварите во оваа дисциплина.
За чешкиот тинејџер, кој има само 19 години, ова е втор медал во Милано. Тој веќе го освои среброто на 5.000 метри.
Во сенка на сензационалниот Чех остана Полјакот Владимир Семируниј, кој стигна до среброто со заостанување од 5,65 секунди, додека бронзата му припадна на ветеранот, 40-годишниот Холанѓанец, Јорит Бергсм.
Foto/ EPA
Спорт
Игор Тудор ќе го води Тотенхем
Хрватскиот тренер Игор Тудор се согласи да ја преземе клупата на Тотенхем како привремено решение до крајот на сезоната. Тудор доаѓа откако Томас Франк беше отпуштен претходно оваа недела по лошата серија резултати што го остави клубот на 16-то место во Премиер лигата, само пет бода над зоната за испаѓање.
Извори велат дека одборот на Спарс сакал да назначи привремен менаџер пред играчите да се вратат на тренинзите во понеделник.
Последниот ангажман на Тудор беше во Јувентус, каде што помина седум месеци. Тој го презеде тимот во март минатата година како привремен тренер и забележа само еден пораз во девет натпревари до крајот на сезоната, обезбедувајќи му мест на клубот во Лигата на шампионите. Тој успех му донесе долгорочен договор.
Откако беше елиминиран во осминафиналето на Светското клупско првенство од Реал Мадрид, Јувентус ја отвори сезоната во Серија А со три победи, но следеше серија од осум натпревари без победа во сите натпреварувања. Тој беше отпуштен во октомври 2025 година по поразот од Лацио, оставајќи го клубот на осмото место на табелата.
Сепак, ситуацијата за следната сезона сè уште не е целосно дефинирана. Италијанскиот новинар Фабрцио Романо наведува дека Роберто Де Зерби и Маурисио Покетино се главните кандидати за трајно решение на клупата на Тотенхем по завршувањето на актуелната сезона.
Тудор го презема тимот во деликатен момент, со задача да го стабилизира тимот и да го извлече максимумот од сезоната, додека раководството ќе донесе конечна одлука за долгорочниот проект на лето.
Foto/ depositphotos
Спорт
Брентфорд го продолжи договорот со Игор Тијаго
Бразилскиот фудбалер Игор Тиаго го продолжи договорот со Брентфорд, објави англискиот клуб.
Со новиот договор, Тиаго би можел да остане во редовите на Премиер лигата до летото 2031 година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.
Веста за продолжувањето доаѓа откако Премиер лигата го прогласи за најдобар играч во јануари. Тиаго постигна пет гола на пет натпревари во јануари, со што ја освои наградата за најдобар играч на месецот во Премиер лигата по втор пат оваа сезона.
Во тој период, Брентфорд забележа две победи, едно реми и два порази, и моментално е на седмото место на табелата во Премиер лигата со 40 бода.
Тиаго (24) пристигна во Брентфорд во 2024 година од Клуб Бриж, а пред тоа играше за Лудогорец и Крузеиро.
Бразилскиот фудбалер одигра 26 натпревари за англискиот клуб во сите натпреварувања оваа сезона и постигна 18 голови.
Foto/ depositphotos

