Спорт
„Кориере“: Вториот најбогат човек во светот го купува Милан за милијарда евра!

Иако на крајот на септември во отворено писмо, сопственикот на модниот бренд „Луј Витон“, Бернард Арнаут демантираше дека ќе го купи калчолигашот Милан, сепак милијардерот повторно се доведува во врска со „росонерите“.
Како што пишува италијански „Кориере дела Спорт“, најбогатиот Европеец и втор најбогат човек во светот наголемо преговара со американскиот фонд „Елиот“ кој е моментен сопственик на Милан.
Французинот чие богатство се проценува на 93 милијарди евра наводно идниот месец ќе го купи миланскиот фудбалски гигант за 975 милиони евра.
Corriere dello Sport: “Il Milan ad Arnault, il tam-tam aumenta” https://t.co/qMVTSOBEYh
— MilanNews.it (@MilanNewsit) November 16, 2019
„Драги навивачи на Милан, ви ја пишувам оваа порака за да ги прекинам шпекулациите за мојот интерес да го купам Милан. Многу ве почитувам вас и вашиот клуб, но не сум контактирал со никого од клубот, нити пак постои мој интерес да го купам клубот. Не знам од каде излегоа тие гласини дека сакам да го купам клубот. Ви посакувам се најдобро во сезоната која доаѓа“ – напиша Арнаут на крајот на септември годинава.
Сепак, во Италија се уверени дека во тајност се подготвува нова продажба на Милан кои сезонава го преживуваат врвот на долгогодишната криза.
Милан моментно е 14-ти на табелата во Серија А, со 7 порази по 14 кола, со само 4 бода повеќе од екипите кои се во зоната за испаѓање во понизок ранг.
Претходно италијанските медиуми пишуваа дека доколку Арнаут го купи Милан, на тренерското столче ќе го седне Масимилијано Алегри кој со Милан во 2011 го освои Скудетото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Скандал во Премиер лигата – Томас Парти обвинет за пет случаи на силување

Поранешниот фудбалер на Арсенал, Томас Парти, официјално е обвинет за пет обвиненија за силување и едно обвинение за сексуален напад врз три различни жени.
Обвиненијата се однесуваат на настани што се случиле помеѓу 2021 и 2022 година, пишува „Дејли меил“.
Репрезентативецот на Гана, чиј договор со Арсенал истече на 1 јули 2025 година, официјално ќе се појави пред Судот за прекршоци во Вестминстер на 5 август.
Ова сигурно ќе му го отежни наоѓањето нов клуб, ако воопшто продолжи да игра фудбал, по силните обвинувања што се упатуваат против него.
Истрагата започна во февруари 2022 година, кога една од жртвите ја започна „лавината“.
Подоцна ѝ се придружија уште две жени, кои презентираа докази врз основа на кои Обвинителството официјално покрена обвинение против Парти.
„Разбираме дека оваа вест ќе предизвика силни реакции. Наш приоритет останува да ги поддржиме жените кои имаа храброст да се јават“, рече инспекторот Енди Ферфи.
Парти играше за Арсенал во последните четири години, имајќи 130 настапи и постигнувајќи девет гола. Претходно поголемиот дел од својата кариера го помина во Атлетико Мадрид.
Фото/EPA-EFE/VINCE MIGNOTT
Спорт
Крсте Велкоски се врати во Сараево

Фудбалскиот клуб Сараево денес потврди дека Крсте Велкоски се вратил во клубот како технички директор.
Македонецот го носеше дресот на Сараево во два наврати, а го напушти Кошево во летото 2022 година кога се врати во Македонија.
Прво играше за Работнички, а потоа и за Македонија.
„Во својата нова улога како технички директор, Крсте ќе биде клучната врска помеѓу спортскиот директор, стручниот штаб на првиот тим и Академијата на ФК Сараево. Неговата задача ќе биде стратешки да ги поврзе сите сегменти од спортскиот развој на клубот, од младинските селекции до сениорскиот тим, со цел да се изгради јасна, препознатлива и долгорочно одржлива спортска филозофија“, објавија од Сараево и додадоа.
„Исто така, Велкоски ќе биде задолжен за соработка со играчите кои доаѓаат во ФК Сараево, со цел да им помогне да се адаптираат и да го разберат клубот и заедницата во која доаѓаат. Како човек кој изградил длабоки врски со ФК Сараево и неговите навивачи, Велкоски е пример за сите идни играчи.“
Велкоски првпат пристигна во Сараево на почетокот на 2014 година од Работнички. Две години подоцна замина во Јужна Кореја во Инчеон Јунајтед.
Се врати во „Кошево“ во летото 2017 година и остана следните пет години.
Во дресот на Сараево, овој 37-годишник одигра вкупно 236 натпревари во кои постигна 64 гола и додаде 43 асистенции. Со Сараево, тој три пати беше шампион на Босна и Херцеговина, а освои и три трофеи во Купот на Босна и Херцеговина.
Фото/ facebook.com/FudbalskiklubSarajevo
Спорт
Хорхе Мартин се врати на патеката

Актуелниот шампион во кралската класа, Хорхе Мартин, се врати на патеката по 81-дневна пауза. Шпанецот тестираше на патеката „Каталуња“ на супербајк мотоцикл.
Возачот на Априлија возеше само на една трка оваа сезона во Катар, каде што се здоби со фрактура на 11 ребра, што доведе до пневмоторакс, а претходно пропушти три трки поради фрактури на двете раце и едната нога.
Тестирањето во Монтмел е само првиот чекор за Мартин кон вистинско враќање на патеката, бидејќи неговите повреди сè уште не се целосно заздравени.
Медицинските прегледи дефинитивно ја исклучија можноста да вози следната недела на Големата награда на Германија, додека трката во Брно една недела подоцна во моментов е опција.
Следните прегледи што ќе ги има бранителот на титулата се закажани за следната недела.
Шампионатот во Мото ГП продолжува со Големата награда на Германија, на „Заксенринг“, од 11 до 13 јули.
Foto/ EPA-EFE/FAZRY ISMAIL