Спорт
Куртоа нема да брани за Белгија додека селектор е Тедеско
Тибо Куртоа, голманот на Реал Мадрид уште еднаш ја потврди одлуката дека нема да брани за Белгија се додека селектор е Доменико Тедеско.
Не е тајна дека Куртоа не е во добри односи со селекторот, поради што во последните две години настапи на само два натпревари за националниот тим.
Тедеско, во една прилика откри дека Куртоа бил лут што по повредата на Кевин Де Брујне, тој не ја добил капитенската лента, туку му била дадена на Ромелу Лукаку.
Белгиецот и се обрати на јавноста со јасна порака преку социјалните мрежи.
„За жал, по инцидентот со селекторот и по долго размислување, решив дека нема да се вратам во белгиската репрезентација се додека ја води Тедеско. Во овој случај, го прифаќам мојот дел од одговорноста. Сепак, гледајќи во иднината, мојата недоверба во Тедеско ми го наруши мојот однос репрезентацијата. Челниците на Сојузот со кои имав неколку разговори, го прифаќаат мојот став. Причините што ме доведоа до оваа одлука се болни, се извинувам ако разочарав некои навивачи. Убеден сум дека ова е најдоброто за Белгија, бидејќи со ова ќе биде ставен крај на секаква понатамошна дискусија, а тимот ќе може да се концентрира на остварување на целите“, изјави Куртоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Селекторот на Словенија е лут на Јунајтед поради Шешko
Селекторот на Словенија, Матјаж Кек, јавно го изрази своето незадоволство од комуникацијата со Манчестер Јунајтед, откако никој од клубот официјално не го информирал за природата на повредата на Бенјамин Шешко.
Младиот напаѓач ќе ги пропушти клучните натпревари во квалификациите за Светското првенство против Косово и Шведска поради проблемот со коленото. Шешко се повреди, во саботата, во ремито против Тотенхем (2:2).
Кек нагласи дека никогаш не би го ризикувал здравјето на играчите, но инсистираше на подобра комуникација и почитување на националниот тим.
„Со должна почит кон голем клуб како Манчестер Јунајтед, официјално сè уште не сме добиле ништо; нема документи, нема документи“, рече Кек, додавајќи:
„Секако би сакале да ги добиеме. Сакаме и нашиот медицински тим да го разгледа тоа. Нашиот лекар е експерт во оваа област. Не можам да коментирам, секако имам одредени информации и, секако, во контакт сум и со Шешко.“
Спорт
Алкараз состави совршен тенисер
Светскиот број еден го „состави“ својот идеален тениски Франкенштајн – форхенд, бекхенд, волеј, менталитет…
Суперталентираниот Шпанец, Карлос Алкараз, се етаблираше како член на водечкото дуо во белиот спорт, заедно со Јаник Синер.
На Завршниот АТП мастерс во Торино, тој се бори со Италијанецот за место на тронот на крајот од сезоната, а слободно време, по победата над Де Минор во првото коло, го искористи за да создаде непобедлив тенисер.
Ги спомена тројцата најголеми во историјата, својот голем ривал и себеси, но посебно внимание посвети Хуан Мартин дел Потро, „добриот џин“ од Тандил, човек кој, поради повреди, не можеше да го реализира својот застрашувачки потенцијал.
Форхенд – Хуан Мартин Дел Потро
Бекхенд – Јаник Синер
Волеј – Роџер Федерер
Работа со нозете – Карлос Алкараз
Селекција на ударите – Новак Ѓоковиќ
Менталитет – Рафаел Надал
Тактика – Надал и Ѓоковиќ
Алкараз во второто коло ќе игра против Тејлор Фриц. Една победа веќе забележа, уште две ќе му го обезбедат првото место на крајот од сезоната и во случај Синер да го освои Торино без пораз.
Спорт
Најдобриот голман во Серија А повторно ја одби Србија
Миле Свилар, голманот на Рома и официјално најдобриот голман во Серија А, во минатата сезона, повторно ја одби поканата на тренерот Вељко Пауновиќ да игра за српската репрезентација. Иако дебитираше за Србија кога селектор беше Драган Стојковиќ Пикси, Свилар повеќе не сака да брани за Србија.
Голманот, роден во Белгија, во март минатата година одлучи дека нема да одговори на повиците на поранешниот селектор Стојковиќ, а истата одлука важи и денес, и покрај промената на клупата на српската репрезентација.
Свилар сака да игра за белгиската репрезентација, но според правилата на ФИФА, тоа повеќе не е можно бидејќи веќе има еден настап за Србија, на пријателски натпревар против Кипар.
Сепак, тој јасно стави до знаење – повеќе не сака да брани за Србија и сака да се врати во белгискиот фудбал.
Свилар прво ја одби поканата од тогашниот селектор Стојковиќ, на 5 март 2024 година, а истото го стори и сега. Тој јавно не ги објасни причините, туку само кратко рекол „не“ на селекторот.
Српскиот селектор, Вељко Пауновиќ потврди дека разговарал со него, но дека не сака да открива приватни причини.
„Разговарав со Свилар. Додека бев во репрезентацијата помеѓу 2012 и 2015 година, поминав низ многу семинари и еден ми остана во сеќавање. Холанѓаните рекоа дека се мала земја и дека не можат да си дозволат да изгубат ниту еден играч, а имаат три пати повеќе од нас.
Тогаш сфатив дека мора да бидеме уште поотворени кон играчите. Го повикав Свилар, како и другите кои беа под знак прашалник. За време на разговорот, разбрав дека одлучил да не игра, од лични и професионални причини за кои нема да зборувам. Жал ми е, се обидов да му покажам колку е важен“, изјави Пауновиќ за „Аренаспорт“.
Миле Свилар, роден на 27 август 1999 година, син е на легендарниот југословенски голман, Ратко Свилар.
Ја започна својата кариера во Андерлехт, од кој замина во 2017 година и се пресели во Бенфика за два милиони евра. Помина четири сезони во Португалија и одигра 23 натпревари, пред да пристигне во Рома како слободен играч во 2022 година.
Според „Трансфермаркт“, Свилар вреди 25 милиони евра, а оваа сезона прими девет гола на 15 натпревари за Рома.

