Спорт
Лацио ја одложи прославата на Наполи, Милан се спаси од срам против Кремонезе

Наполи ќе мора утре да не загуби од Удинзе за да ја запечати својата трета титула од Серија А, откако денеска Лацио не дозволи изненадување и ги победи Сасуоло со 2:0 за да ја одложи забавата во Неапол. Доколку не победеше на „Олимпико“, Наполи уште вечерва ќе беа шампиони.
Во другите мечеви од 33. коло од Серија А, Интер ја „здроби“ Верона со 6:0, но надежите на Милан и Рома за место во Лигата на шампионите полека се губат по неочекуваните нерешени мечеви – Милан едвај спаси поен дома против 19-пласираниот Кремонезе, додека Рома исто така одигра 1:1 на гости кај Монца.
Фелипе Андерсон уште во 15. минута ги донесе Лацио во водство на „Олимпико“, а неизвесноста траеше до 92. минута, кога Тома Башиќ го удвои водството. Интер пак, со по три гола во двете полувремиња стигна до неверојатна победа кај Верона – по два гола постигнаа Лаутаро Мартинез и Един Џеко.
Нивните градски ривали Милан, се спасија од засрамувачки пораз од Кремонезе со гол во 94. минута. Дејвид Окереке ги донесе гостите во водство во 77. минута, за надежите на Милан за топ 4 пласман да ги спаси Жуниор Месијас во самиот финиш на мечот.
СЕРИЈА А, 33.КОЛО
Милан – Кремонезе 1:1
Лацио – Сасуоло 2:0
Монца – Рома 1:1
Верона – Интер 0:6
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Исак: Кога ветувањата се прекршени, врската не може да продолжи

Вечерва, Александер Исак беше вклучен во најдобриот тим од минатата сезона на Премиер лигата, во изборот на фудбалерите. Шведскиот напаѓач во последните денови е во центарот на трансфер сагата, во која се обидува да го напушти Њукасл и да се пресели во Ливерпул.
Исак долго време молчеше и избегнуваше медиумски настапи, но вечерва објави „стори“ на Инстаграм во која истакна дека Њукасл не ги исполнил ветувањата и дека би било во најдобар интерес на сите страни да се направи промена, односно трансфер. Ја пренесуваме изјавата на Исак во целост:
„Горд сум што бев признат од моите колеги професионалци и вклучен во тимот на Премиер лигата за сезоната 2024/25. Прво, сакам да им се заблагодарам на моите соиграчи и на сите во Њукасл јунајтед кои ме поддржаа на тој пат. Не сум на церемонијата вечерва. Со оглед на сè што се случуваше, не чувствував дека треба да бидам таму.
Долго време молчев додека другите зборуваа. Таа тишина им овозможи на луѓето да ја промовираат својата верзија на настаните, иако знаат дека не го одразува она што всушност беше кажано и договорено зад затворени врати. Реалноста е дека ветувањата беа дадени, а клубот долго време знаеше за мојот став.
Да се однесуваш сега како сега да се појавија проблемите е погрешно. Кога ветувањата се прекршени и довербата е изгубена, односот не може да продолжи. Сега сум тука и затоа промената е во најдобар интерес за сите, не само за мене.“
Ливерпул беше информиран претходно дека Њукасл нема да ја прифати понудата од околу 140 милиони евра. Од Ливерпул изјавија дека нема да испратат нова понуда освен ако Њукасл не го промени својот став.
Спорт
Џон Вол објави крај на кариерата

Американскиот плејмејкер Џон Вол реши да стави крај на кариерата.Пензионирањето го објави на социјалните мрежи.
По 11 сезони во НБА, 34-годишниот плејмејкер рече: „Пензиониран, но не сум готов“.
Вол беше прв пик на драфтот во 2010 година, кога по една сезона во Кентаки под водство на Џон Калипари, заедно со Демаркус Казинс, Ерик Бледс и Патрик Патерсон, пристигна во најсилната лига во светот.
Тој играше за Вашингтон Визардс од 2010 до 2020 година, а потоа играше за Хјустон Рокетс и Лос Анџелес Клиперс, а од 2023 година, Џон Вол нема тим.
Тој беше елитен НБА плејмејкер, прототип на играч од старата школа кој секогаш ќе се стреми прво да асистира и имаше просек од 18,7 поени со 8,9 асистенции, 4,2 скока и 1,7 украдени топки во 647 натпревари во кариерата во НБА.
Во 2019 година, Вол потпиша супермакс договор со Вашингтон, во во краток период доживеа две тешки повреди што го доведоа до депресија и речиси ја завршија неговата кариера уште тогаш.
Фото/ Принтскрин
Спорт
Нов скандал со допинг – Украинка суспендирана на четири години

Украинската атлетичарка Марина Бех-Романчук, вицешампионка на светот во трискок и скок во далечина, е суспендирана на четири години поради допинг, објави Одделот за интегритет на атлетските спортови (АИУ).
„АИУ ја суспендира Марина Бех-Романчук (Украина) за период од четири години, почнувајќи од 13 мај 2025 година, поради присуство/употреба на забранета супстанца (тестостерон)“, се вели во соопштението објавено на мрежата „X“.
29-годишната Бех-Романчук била позитивна на тестостерон, анаболичен стероид, на тест спроведен на 7 декември 2024 година.
Привремено била суспендирана во мај оваа година.
Во својата кариера, таа освоила сребрени медали на светските првенства – во трискок во Будимпешта во 2023 година и во скок во далечина во Доха во 2019 година.
На последното натпреварување, Олимписките игри во Париз во 2024 година, таа се пласираше на 11-то место во трискок.