Спорт
Мамиќ ќе го предводи Динамо Загреб
Спортскиот директор на Динамо Загреб Зоран Мамиќ до крајот на сезоната во Хрватска ќе го предводи тимот чии капитен е македонскиот репрезентативец Аријан Адеми. До крајот на сезоната во Хрватска останаа уште три кола.
Хрватските медиуми претпладнево објавија дека челниците на Динамо имаат намера да го ангажираат актуелниот тренер на Кајзери Роберт Просинечки. Тоа сепак нема да се случи бидејќи тимот ќе го преземе Зоран Мамиќ.
„Ситуацијата е таква, немаме право да носиме избрзани одлуки, не смееме да си дозволиме да направиме погрешен чекор. Европските натпреварувања се многу блиску, а знаеме колку за Динамо и хрватскиот фудбал им значи играњето во фазата по групи. Со овие три натпревари до крајот на сезоната ќе добиеме време до конечната одлука, а тоа е кој ќе биде тренер на Динамо наредната сезона“, објави клубот на социјалните мрежи.
Зоран Мамиќ ќе биде третиот тренер што ќе го предводи хрватскиот шампион од почетокот на сезоната по Ненад Бјелица кој остави одличен впечаток во Лигата на шампионите и Игор Јовичевиќ кој „модрите“ ги предводеше на само седум натпревари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Сити за полувреме го реши Брајтон
Фудбалерите на Манчестер Сити убедливo славеа на гостувањето кај Брајтон со 4:0 (3:0) во натпревар од 29. коло на англиската Премиер лига.
Актуелните шампиони сите дилеми околу победникот ги решија во првото полувреме и тоа во интервал од 17 минути кога постигнаа три гола.
Кевин де Брујне го постигна првиот гол во кариерата со глава во 17. минута, по центаршутот на Кајл Вокер.
Потоа два гола постигна Фил Фоден во 26. и 34. минута, првиот од слободен удар со малку среќа, а вториот по груба грешка на одбраната на домаќините.
Хулијан Алварез во 62. минута ги постави конечните 4:0.
Избраниците на Пеп Гвардиола се втори на табелата, го прескокнаа Ливерпул, а имаа бод и натпревар помалку од лидерот Арсенал.
Спорт
(Видео) Димитријевиќ МВП на ВТБ лигата
Кошаркарот на Уникс, Ненад Димитријевиќ е прогласен за најкорисен играч на регуларниот дел сезоната на руската ВТБ лига.
Уникс прв заврши во лигата, првпат во историјата, а Македонецот беше еден од најзаслужните за ваков успех.
Сезонава Димитријевиќ имаше просек од 19 поени по натпревар со 6,6 асистенции, 3,6 скока и 1,3 украдени топки.
Во минатогодишното финале на ВТБ лигата неговиот тим ја совлада Локомотива (4:1), а Димитиријевиќ беше прогласен за МВП на финалната серија.
Сезонава во решавачкиот меч за првото место во регуларниот дел против ЦСКА Москва забележа рекордни 40 поени со девет асистенции.
„За мене е голема чест да ја добијам наградата МВП за регуларниот дел од сезоната на ВТБ лигата 2023/24“, изјави Димитријевиќ и додаде:
„Оваа година победивме во многу возбудливи натпревари и славевме во регуларниот дел од сезоната. Мислам дека ова е резултат на напорната работа на целиот тим. Би сакал да им се заблагодарам на ВТБ лигата, на мојот тим Уникс, на стручниот штаб на чело од Велимир Перасовиќ, медицинскиот штаб и нашите верни навивачи. Најголема благодарност до моите соиграчи, кои ми помогнаа да станам подобар играч.“
Спорт
Адријан Њуи ќе го напушти Ред Бул
Главниот директор за дизајн на Ред Бул, Адријан Њуи, треба да го напушти тимот по контроверзата, која вклучува обвинувања против шефот на тимот Кристијан Хорнер.
Њуи, кој важи за најдобар дизајнер во историјата на Формула 1, одлуката да го напушти тимот им ја сооптшил челниците на Ред Бул, објави денеска Би-би-си.
Адријан Њуи е вознемирен од ситуацијата во Ред Бул, откако Хорнер беше обвинет за сексуално вознемирување и насилно однесување кон колешка. Хорнер ги негираше обвинувањата, а тимот по спроведена интерна истрага ги отфрли обвинувањата против Хорнер и жената ја суспендираше од работа.
Тој има договор со Ред Бул до крајот на следната сезона, а претходно беше поврзуван со преселба во Ферари.