Спорт
Манчестер Сити ја одреди цената за Габриел Жесус

Бразилскиот напаѓач Габриел Жесус ќе го напушти Манчестер Сити ова лето откако во клубот дојде норвешката ѕвезда Ерлинг Халанд. Јасно е дека сега минутажата на Бразилецот ќе биде многу помала, па затоа тој и бара дозвола да замине.
Сепак, Манчестер Сити нема да дозволи да се раздели со Габриел Жесус без соодветна отштета. Раководството на Манчестер Сити ја одреди цената за напаѓачот и таа изнесува 50 милиони евра.
„Граѓаните“ сигурно ќе сакаат да се разделат со Бразилецот ова лето, затоа што следното тој би можел да си замине како слободен агент, со оглед дека му истекува договорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Милевски го објави спискот за натпреварот со Украина – Повик не добија Несторовски, Велковски и Бабунски

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски го објави списокот со повикани фудбалери за квалификацискиот натпревар за ЕП 2024 против Украина во Прага и контролниот меч против Ерменија во Струмица.
Благоја Милевски за овие натпревари натпревари нема да смета на Илија Несторовски, Доријан Бабунски и Дарко Велковски кој сѐ уште нема клуб. Дефанзивецот Ѓоко Зајков не е на спиското поради повреда.
Во националниот тим, по долгото отсуство поради болест се враќа Дарко Чурлинов.
„Ова се фудбалерите кои беа и на претходниот собир. Сега со нас ќе биде и Дарко Чурлинов кој заигра за тимот до 23 години на Барнли. Ме радува фактот што е подготвен да се приклучи на репрезентацијата. Жал ми е што Зајков нема да е со нас. Разговарав со Доријан Бабунски, тој не е на списокот, што не значи дека нема да биде за следните собири.
Разговарав и со Илија Несторовски. Тој исто така не е повикан за овие натпревари од причина што сосема поинаква ни е тактичката замисла за двата натпревари. Несторовски има дадено многу за оваа репрезентација и покажуваме почит кон него со тоа што не праќаме покана колку само да биде овде, а без намера да го користиме“, рече селекторот и потоа направи мала анализа на она што ги очекува фудбалерите против Украина.
„Веќе влегуваме во завршницата и сите натпревари се клучни. Само победа ни одговара и нам, но и на Украина за да се најдеме во оптимална ситуација пред ноемвриските дуели. Очекувам отворен натпревар, бидејќи нема да се игра на реми. По ова ни следуваат дуелите со Италија и Англија, па ќе видиме. Анализиран е првиот натпревар со Украинците, особено тие завршни 30 минути. Воочени се аномалиите и позитивните работи. Ќе мора многу работи да поправиме од првиот меѓусебен меч“.
Украина ќе ја пречека Македонија на стадионот, на Спарта во Прага. Дуелот на 14 октомври ќе започне во 15 часот. Три дена подоцна Македонија во пријателски натпревар ќе игра против Ерменија.
Фото/ Игор Паневски Извор/ФФМ
Спорт
Лидери во Бразил, а го отпуштија тренерот

Чуден потег повлекоа челниците на Ботафого, актуелниот лидер во бразилското првенство.
Тие решија д го отпуштат португалскиот стручњак Бруно Лаж, во момент кога имаат седум бода повеќе од второпласираниот Брагантино.
Црно-белите од Рио се без победа во претходните пет натпревари, а три загубија од последните четири првенствени натпревари.
„И покрај одличниот старт, резултатите во претходниот период не се онакви какви што очекувавме. Благодарност до Бруно и неговиот тим за се што направија во изминатите неколку месеци. Му посакуваме многу успеси во иднина“, се вели во соопштението на клубот.
Во својата историја, Ботафого само два пати бил шампион на Бразил, во 1968 година и последен пат во 1995 година.
Спорт
Британија и Ирска домаќини на Евро 2028

Англија и Ирска ќе бидат домаќини на ЕУРО 2028 година.
Оваа одлука е извесна откако Турција ја повлече кандидатурата за организација на Европското првенство.
Тоа значи дека Велика Британија и Ирска остануваат единствените кандидати за домаќини на ЕУРО 2028 година.
Сега, само останува УЕФА да потврди дека ЕУРО 2028 ќе се игра во Велика Британија и Ирска.