Спорт
Меси добро постапи што ја облече наметката, во спротивно ќе предизвикаше дипломатски скандал
Лео Меси го крена трофејот наменет за светскиот шампион облечен во црна наметка, или бишту, традиционална наметка што ја носат богатите граѓани на Катар кои често ја носат преку остатокот од облеката. За време на церемонијата биштот на грбот на Меси го стави катарскиот шеик Тамим бин Хамад Ал Тани, непосредно пред славниот Аргентинец да го подигне пехарот.
Тој потег предизвика многу дискусии во фудбалскиот свет. Многумина беа револтирани од тој потег, тврдејќи дека шеикот на тој начин му ја украл славата на Меси и дека најдобриот играч на светот требало да го одбие тој чин и да го прими пехарот во аргентински дрес.
„Но зошто? Немаше потреба од тоа“, вели 37. годишниот поранешен аргентински репрезентативец Пабло Забалета, кој како стручен коментатор за Би-Би-Си го следеше финалето на Светското првенство меѓу Аргентина и Франција.
Светскиот првак со Германија во 2014 година, Бастијан Швајнштајгер за телевизијата АРД, рече дека „Ал Тани на Меси му го украл најголемиот момент во кариерата“.
Има и луѓе кои тврдат дека Меси се однесувал со достоинство и дека од почит кон домаќинот не сакал да предизвика скандал.
Романскиот селектор Ципријан Панаит, кој долги години работи во земјите од Персискиот залив, изјави дека е добро за Меси што ја облекол наметката, бидејќи секоја друга реакција би предизвикала многу проблеми, па дури и дипломатски скандал. Тоа би му предизвикало низа тешкотии во ПСЖ.
„Гледам дека некои од моите колеги дадоа изјави за овој случај и тоа во потполно незнаење. Доколку Меси не ја облечеше таа наметка, тоа ќе беше најголема навреда за катарскиот шеик и ќе дојдеше до дипломатски конфликт. Сите оние што ја коментираа наметката треба да го знаат тоа“, изјави Панаит за романски Дигиспорт и додаде:
„Јас, по шест години во Саудиска Арабија, сакам да кажам дека само владејачката класа ја носи таа наметка, само многу богати луѓе, а кога ја добивате, тоа значи дека сте дел од нивното семејство, значи дека сте добредојдени во тој круг. Тоа е најголемиот можен чин на почит што ви е покажан. Кога емирот на Катар ви го нуди овој подарок, мислам дека никој не може да си дозволи да не го прифати. Меси е во ПСЖ, нели? Знаете ли кој е газда на ПСЖ? Кралското семејство, а не Насер Ал-Келаифи“, заклучи романскиот тренер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Модриќ и наредната сезона ќе игра за Реал
Лука Модриќ и наредната сезона ќе го носи дресот на реал Мадрид. „Мундо Депортиво“. Овој медиум, кој е поблизок до Барселона отколку до Реал, тврди дека Модриќ и челниците на Реал постигнале вербален договор за продолжување на договорот на уште една година. Договорот е постигнат по тричасовната средба одржана вчера во Валдебебас.
Истата информација ја објавија и „Онда Мадрид“ и „Телемадрид“, два медиуми специјализирани за следење на Реал Мадрид. Според нив, Модриќ ги прифатил условите што му ги понудил клубот. Тој досега заработуваше околу 10 милиони евра нето по сезона, а сега се согласи да ја преполови платата.
Според Шпанците хрватскиот играч за врска планира да одигра уште една сезона во Реал, а потоа како 39-годишен да се збогува од фудбалот. Така Модриќ би станал најстариот фудбалер во историјата на Реал Мадрид кој се пензионирал во дресот на шпанскиот великан. Рекордот моментално го држи Пако Хенто, кој се пензионираше на 38 години.
Хрватската легенда на Реал Мадрид освои се. Меѓу другото, пет европски, четири шпански титули и два Купа на кралот и Златната топка. Тој одигра 531 натпревар, постигна 39 и постави 86 гола.
Во тековната сезона претежно беше резерва, но со значаен придонес на патот на Реал кон освојување на Ла Лига и финалето на Лигата на шампионите. Иако беше во стартниот тим на само 22 натпревари, успеа да постигне 2два гола и да забележи осум асистенции.
Спорт
Бекеле по 12 години повторно на Олимписките игри
Кенениса Бекеле, големата атлетска ѕвезда, ќе учествува на Олимписките игри во Париз, 12 години по неговиот последен настап на најголемиот светски спортски настан.
Бекеле, кој има 41 година, последен пат настапи на Олимписките игри во Лондон во 2012 година, кога заврши на четвртото место на трката на 10 километри.
Тој ги пропушти Рио де Жанеиро (2016) и Токио (2022) и сега е дел од 10-члениот атлетски тим на Етиопија за Париз.
Во главниот град на Франција ќе трча маратон на кој во последно време бележи одлични резултати. Тој во декември го освои четвртото место во Валенсија, додека неодамна беше втор во Лондон.
Бекеле освои три олимписки злата и едно сребро. Во Атина во 2004 година победи на 10 километри и беше втор на 5 километри, додека четири години подоцна во Пекинг славеше и на 5 и на 10 километри.
Олимпискиот маратон за мажи е закажан за 10 август.
Спорт
(Видео) Индијана избори мајсторка против Њујорк
Кошаркарите на Индијана славеа против Њујорк (116:103) и со тоа го обезбедија мајсторка во „Медисон Сквер Гарден“.
Екипите продолжија да го бранат домашниот терен, па така и во шестиот меч од полуфиналната серија на Истокот, гостинот загуби.
Најзаслужни за триумфот на Индијана беа Паскал Сијакам со 25 поени, седум скока и пет асистенции и Мајлс Тарнер со 17 поени, осум скока и три асистенции.
Тајрис Халибартон (+9ас), Ти Џеј Меконел и Ендру Небхард постигнаа по 15.
На другата страна се истакнаа Џејлен Брансон кој постигна 31 и Донте ДиВинченцо кој постигна 17 поени.
Првото двоцифрено водство „Пејсерс“ го остварија на крајот од првото полувреме и со исклучок на почетокот на вториот дел не го испуштија.
Разликата во последната четвртина се искачи на +23.
Решавачкиот седми натпревар е закажан за в недела од 21.30 часот во Њујорк.
Победникот, во финалето ќе игра против Бостон Селтикс, кој ги елиминираше Кливленд Кавалирс.