Спорт
Монако со „стотка“ за Асвел

Донатас Мотиејунас, Двејн Бејкон и Мајк Џејмс имаа комбинирано 63 поени за Монако да ги декласира Асвел со 100:75 на гости во презакажаниот меч од Евролигата.
Мотиејунас беше најефикасен со 22 поени и 4 скока, Бејкон имаше 21 поени, а Џејмс 20 поени за тимот на Саша Обрадовиќ, кој сега има три победи во низа за да го подобри скорот на 8-11.
Монако имаше 21 поен предност во третата четвртина (71:50), која успеа да ја зголеми до крајот. Маркос Најт имаше 19 поени 9 скока за Асвел, кои сега имаат 8-10 скор.
Олимпија Милано, пак, благодарение на фантастичната последна четвртина стигна до 76:65 домашна победа над Алба Берлин, подобрувајќи го скорот на 12-6, со што се на третото место на табелата израмнети со Олимпијакос и Зенит Санкт Петерсбург.
По израмнети три четвртини, Милано ја почна последната четвртина со 16:6 серија, која на крајот беше доволна за победа. Џиџи Датоме беше најефикасен со 16 поени, Кајл Хајнс додаде 12, додека за Алба, Маодо Ло имаше 13 поени.
ЕВРОЛИГА, 19.КОЛО
Асвел Лион – Монако 75:100 (24:27, 17:24, 17:25, 17:24)
Олимпија Милано – Алба Берлин 84:76 (22:24, 16:16, 22:19, 24:17)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Хорхе Меси демантира дека син му ќе се сели во Мајами

Таткото и агентот на Лионел Меси, Хорхе Меси, ги демантира шпекулациите дека аргентинската ѕвезда се договорила за трансфер во Интер Мајами во 2023 година во зделка во која ќе купи 35 отсто од акциите во клубот во сопственост на Дејвид Бекам.
Меси потпиша двегодишен договор со ПСЖ минатото лето по шокантното заминување од Барселона по 778 натпревари, но имаше потпросечна сезона со 11 гола во 33 меча за францускиот тим. Аргентинските медиуми тврдеа дека по заминувањето од ПСЖ, тој ќе се пресели во САД во зделка со МЛС-клубот на Бекам. Меси Сениор за „Ле Паризиен“ ги демантира тие вести.
„Лео уште не одлучил за својата иднина. И ако Лео Меси се сретнал со Дејвид Бекам неодамна, тоа беше дел од престојот на ПСЖ во Доха, каде што Англичанецот е амбасадор за Светското првенство“, изјави Хорхе Меси.
Меси се сретна со Бекам во понеделникот во Катар, каде што ПСЖ е на турнеја по крајот на францускиот шампионат.
Спорт
Гаске го стопира камбекот на Медведев во Женева

Францускиот ветеран Ришар Гаске со 6:2/7:6(5) го совлада светскиот рекет број 2, Данил Медведев, во второто коло на Женева опен во Швајцарија, последниот подготвителен турнир пред „Ролан Гарос“.
Русинот Медведев, актуелниот шампион од САД опен, паузира подолго време поради операција на хернија, и при враќањето на терените имаше лош старт губејќи го првиот сет за само 32 минути игра пред во вториот веднаш да загуби брејк за водство на Гаске. Тој успеа да се врати во шестиот гем за да израмни на 3:3 за во тај-брејкот да нема шанси против 35-годишниот противник.
ALLEZ GASQUET 🙌
🇫🇷 @richardgasquet1 takes out top seed Medvedev 6-2 7-6(5) for his first Top 2 win since April 2005!#gonetgenevaopen pic.twitter.com/cfkB8nXRLy
— Tennis TV (@TennisTV) May 17, 2022
Спорт
Шкртел во пензија по 21 години во фудбалот

Поранешниот бек на Ливерпул, Мартин Шкртел, се повлекува од професионалниот фудбал по 21 година велејќи дека здравјето не му дозволува да продолжи на емотивна прес-конференција во Словачка.
Шкртел помина осум сезони на „Енфилд“ пред во 2016 година да направи трансфер во Фенербахче, каде што остана три години, за да замине во Аталанта, каде што му беше раскинат договорот по само три недели. По ова, тој играше во Башакшехир пред лани да се врати во својата татковина во тимот на Спартак Трнава.
„Време е да го следам умот, а не срцето. Со тоа што дојдов во Трнава го исполнив мојот сон. Имам проблем со забите, кој ми предизвикува маки не само во фудбалот туку и во обичниот живот. Имам проблеми и со движењето, не можев да пешачам со мојот син стотина метри. Затоа решив мечот против Дунајска Стреда да биде мојот последен“, изјави Шкртел.