Спорт
МЗТ во последната четвртина го скрши Работнички
Кошаркарите на МЗТ го победија Работнички со 82:71 (13:16, 21:14, 22:20, 26:21), во првиот полуфинален натпревар од плеј-офот во домашното првенство. Актуелниот шампион отпорот на екипата од Градски парк го скрши во последната четвртина.
МЗТ, потешко од очекувањата, славеше против Работнички и дојде на чекор до пласман во финалето. Три и пол четвртини Работнички беше во игра, прашањето околу победникот МЗТ го реши со серија 1:0 на пет минути до крајот кога за прв пат на натпреварот создаде двоцифрена предност.
Работнички ја доби првата четвртина, а на почетокот на втората ја имаше најголемата предност од шест поени (13:19). Сепак МЗТ со серија 7:0 во финишот на полувремето го презеде водството и на пауза замина со позитива од четири поени.
Во третиот период благодарение на „подолгата“ клупа МЗТ го контролираше ритамот и во решавачкиот период влезе со 56:50. Во 25 минута МЗТ ја започна серијата 11:0 со која го реши прашањето на победникот.
Дамјан Стојановски со 14 поени и 11 скока го предводеше МЗТ. Во домашниот тим двоцифрени беа уште неговиот брат Војдан со 12 поени, Американците Вер и Кук постигнаа по 13, а Бурсаќ 11 поени.
Џелетовиќ се истакна кај Работнички со 19 поени и девет скока, по 16 поени постигнаа Нотиџ и малешевиќ.
Вториот меч од серијата ќе се одигра во среда, во СРЦ Кале.
Фото/kfsm.mk
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Исак успешно опериран, ќе отсуствува неколку месеци
Фудбалскиот клуб Ливерпул објави дека нивниот играч Александар Исак бил успешно опериран и дека му престои неколку месечна пауза.
Исак претрпел фрактура и бил опериран во понеделникот поради повреда на глуждот, вклучувајќи и скршеница на зглобот.
Швеѓанецот го постигна првиот гол на натпреварот против Тотенхем и веднаш се повреди.
Според некои прогнози, Исак се соочува со најмалку тримесечна пауза, што значи дека ќе го пропушти поголемиот дел од пролетната сезона.
Да потсетиме. Исак пристигна во Ливерпул од Њукасл ова лето за дури 125 милиони фунти, што е рекорден трансфер во англискиот фудбал.
Foto/ depositphotos
Спорт
„Само Реал создава тензии во шпанскиот фудбал, го изгубија контактот со реалноста“
Помина една недела откако Флорентино Перез, на традиционалниот божикен ручек, посвети речиси половина од својот говор на темата на судењето, првенствено на случајот „Негреира“ и конкретните одлуки кои, според него, му наштетиле на Реал Мадрид во тековната сезона.
Два дена потоа, првиот човек на Барселона, Џоан Лапорта, одговори и го нападна Реал со коментар за „акутен барселонитис“ со кој Реал ги оправдува своите лоши резултати.
По отровните стрели од двете страни, во интервју за каталонски „Спорт“, се огласи првиот човек на Ла Лига, Хавиер Тебас, личност која од различни причини, не ја „мирисаат“ ниту во Мадрид, ниту во Барселона.
Тебас смета дека Реал Мадрид е тој што непотребно ја збунува ситуацијата и ги зголемува тензиите.
„Тензиите во овој случај не се генерирани од Барселона. Ниту пак од другите клубови. Реал Мадрид е тој што е против сè… Против Барселона, против судиите, против сите. Мислам дека она што го прават е погрешно, дека не го избрале вистинскиот пат. Нивниот наратив не му помага на никого. А наративот е дека она што се случува денес, со одредени грешки од страна на судиите, е последица и вина на она што се случи во 2019 или 2017 година. Тие се обидуваат да создадат наратив дека судиите моментално се под некакво влијание. Тоа е многу опасно затоа што не е вистина“, рече Тебас и продолжи:
„Тие го создадоа тој наратив, а тоа создава тензии. Сите веќе го знаат моето размислување за случајот Негреира. Не велам дека потезите на Барселона во тоа време, односно луѓето на директорските позиции, во тој случај се исправни. Ние бевме првите што отидовме во канцеларијата на јавниот обвинител, првите што рековме дека мора да се спроведе истрага и дека дури, доколку е потребно, треба да се воведат санкции на спортската арена. Но денес да кажете дека недосуден пенал за Реал е последица на тоа, тоа е огромна разлика. Ова генерира тензии цел викенд преку клупската телевизија на Реал Мадрид, преку претседателот на Реал Мадрид пред некој ден… Мислам дека целосно го изгубија контактот со реалноста“.
Foto/ depositphotos
Спорт
Историско оставрување на Шеј Гилџес Александер
Актуелниот МВП во НБА лигата, Шеј Гилџес-Александер ја обележа изминатата ноќ во НБА лигата. Оклахома го победи Мемфис со 119:103, Шеј натпреварот го заврши со 31 поен.
Гилџес-Александер стана само вториот играч во историјата на НБА кој постигнал 20 или повеќе поени во 100 последователни натпревари.
Тој го заврши натпреварот со 31 поен и покажа зошто се смета за најдобар стрелец во лигата во изминатите неколку години. Единствениот човек кој успеал во овој потфат досега беше легендарниот центар Вилт Чемберлен.
Гилџес-Александер има просек од 32 поени по натпревар оваа сезона, додека бранителот на титулата Оклахома е најдобриот тим во лигата со резултат од 26-3.
Во другите натпревари, Детроит го победи Портланд со 110:102 на гости, додека Голден Стејт го победи Орландо со 120:97 како домаќин. Кливленд ја заврши серијата лоши резултати со победа против Шарлот со 139:132, а Бостон беше подобар од Индијана со 103:95. Њу Орлеанс Пеликанс го победија Далас со 119:113.

