Спорт
Нов рекорд – Над 11.000 учесници од 53 земји ќе трчаат на „Скопски маратон 2023“
На најголемата спортска манифестација во Македонија, Виз Ер Скопски маратон, во недела, 1. октомври 2023, во склоп на своето 19 издание, повеќе од 11.000 учесници се очекуваат да истрчаат низ скопските улици и да го исполнат главниот град со позитивна енергија.
Заклучно со 20. септември, системот за пријавување на учесници брои точно 11.079 пријавени.
Овој спортски настан, којшто во организација вбројува повеќе од 400 лица, наредната година ќе го прослави својот 20ти јубилеј, а од година во година, пријавените учесници доаѓаат од сите страни од земјата, но и од Балканот, регионот и од целиот свет. Очекувано, секој учесник на Виз Ер Скопскиот маратон е љубител на трчањето, но со сигурност е и вистински и автентичен амбасадор на здравите спортски навики.
Како најочекуван датум во Македонија за сите вљубеници во трчањето, Виз Ер Скопскиот маратон, вбројувајќи ги трките – маратон (42.195 км), полумаратон (21.097 км), штафетен маратон, „ЕУ за спорт“ (10км – 11км – 10км – 11км), како и трката за рекреативци на 5км, која е и најмасовната трка од сите, – оваа недела ќе започне точно во 08:00 часот.
Организаторите апелираат до сите тркачи добро да се информираат од која страна да пристапат во недела на стартната линија, затоа што ќе има разминувачки старт.
На денешната прес конференција, свои обраќања имаа Зоран Стојановиќ, Претседател на Сојуз на Спортови на Скопје, Кире Синадиновски, Спортски директор на Виз Ер Скопски маратон, Зоран Глигоров, Секретар на Град Скопје, Даниел Димевски, Претседател на МОК – Македонскиот Олимписки Комитет, како и Дарио Ивановски, македонски атлетичар.
„Во недела на 1ви октомври се оддржува 19то издание на Виз Ер Скопскиот маратон. Оваа година ќе имаме огромен број на учесници, преку 11.000, од 53 земји. Бројките мора да кажам дека нѐ изненадија, бидејќи минатата година имавме околу 8.000 учесници. Не очекувавме волку голем интерес. Сѐ уште сме далеку од онаа бројка од 2019 година, кога имавме 12.500 учесници, но сепак бројот на учесници е огромен. Патеката на трката останува иста како и минатата година. Истата е сертифицирана од Светска атлетика и од Меѓународната асоцијација на улични трки и маратони – АИМС. Тоа значи дека сите резултати и рекорди ќе бидат признати, а оваа година сме пред олимписка година, така што важно е за сите учесници резултатите да им бидат валидни. Покрај тоа, оваа година се враќаат повторно и државното првенство во организација на Атлетската Федерација на Македонија во маратон и ќе ги имаме најдобрите македонски натпреварувачи на патеката. Очекувам одлични временски услови, можеби малку претопло за оние побавните маратонци, затоа што сепак температурата се очекува да биде до 25 степени, но во утринските часови ќе има идеални услови за исполнување на добри резултати за оние врвни атлетичари. Ќе имаме неколку претставници од Кенија, во машка и женска конкуренција на маратонот. Тука е и нашиот Дарио Ивановски и мислам дека ќе имаме одлична трка и атмосфера на улиците низ Скопје и затоа ги повикувам сите Скопјани, во што поголем број да излезат на улиците и да ги бодрат маратонците,“ изјави Кире Синадиновски.
Голема помош на целосната организација даваат и сите пријавени волонтери, кои ќе бидат вклучени во реализацијата на овогодинешното издание, но секако и сите поддржувачи и покровители на овој голем настан.
„Виз Ер Скопскиот маратон прерасна во една манифестација, којашто е најголема во Македонија и на којашто веќе станува престиж да се учествува. Треба да се заблагодариме прво на генералниот спонзор Виз Ер, којшто овозможува во значителна мера ова да се реализира, но тука се и покровителите Градот Скопје, Агенцијата за млади и спорт и Канцеларијата на Европската Унија во Македонија. Исто така, голем придонес за успешна реализација на маратонот, е и помошта од Црвен Крст на Град Скопје, Армијата на Македонија, Црвен Крст на Куманово оваа година првпат се вклучува, Македонски Олимписки Комитет е со голема поддршка на настанот, како и бројни спонзори, коишто сѐ потешко се наоѓаат, меѓутоа сѐ уште постојат и коишто го сфаќаат значењето на овој настан за нас и за населението, за што повеќе да се излезе на улиците, што повеќе да се трча, да се развива таа спортска култура и да имаме поздрава нација,“ изјави Зоран Стојановиќ, Претседател на Сојуз на спортови на Скопје.
Атлетиката е секако олимписки спорт, па затоа значителна е и поддршката од Македонскиот Олимписки Комитет на овој настан.
„Скопје навистина има привилегија да го има овој врвен спортски настан, веќе толку години, а ние како МОК, имаме привилегија да бидеме поддржувач и дел од овој настан. Од сѐ срце им честитам на организаторите за вложениот труд на сето она што го прават за спортот и за државата, на сите, кои навистина прават оваа традиција да биде сѐ подобра и подобра. Привилегијата што ја има Скопје да биде на мапата на градови, коишто имаат маратон, а сите оние бенефити што ги има, не се само промотивни, туку и спортски и секако туризмот. Илјадници луѓе секоја година доаѓаат во нашиот град и го носат во најдобар спомен, и тоа е нешто што навистина заслужува сечија поддршка. Мислам дека тие со својата работа ја подигнаа и културата на живеење кај нас. Сите ние научивме дека треба повеќе да се грижиме за себе и за своето тело, повеќе да рекреираме и навистина им честитам за тоа што го прават и им посакувам уште многу години успешна реализација,“ изјави Даниел Димевски, Претседател на МОК.

Град Скопје е долгорочен покровител на настанот Виз Ер Скопски маратон, којшто како настан е симбол на спортскиот дух на град Скопје, македонскиот спорт и здравите навики.
„Ми претставува огромна чест и задоволство да бидам дел од еден ваков настан, успешен, а и не само на Град Скопје, туку и лично на мене како тркач, а секако и чест и задоволство е да седам до еден ваков успешен човек и спортист. Градот Скопје, заедно во својство со Сојузот на спортови на Скопје, – благодарност исто и до МОК, – заедно со Делегацијата на Европската Унија, којашто е присутна во Република Македонија, заедно со Министерството за внатрешни работи, со Армијата на Република Македонија, со Црвениот Крст на Град Скопје и на Куманово, заедно со сите атлетски клубови, коишто се присутни во градот Скопје, има особена чест и задоволство да го потпомогне овој маратон и ова спортско натпреварување. За таа прилика Градот има издвоено 900.000 денари од градскиот буџет и напоредно сите градски јавни претпријатија се вклучени во директна помош и поддршка, со цел да може оваа спортска манифестација да се заврши на најдобар можен начин. Сакам исто така да истакнам дека ова не е само спортска манифестација, туку исто така и културна, економска и туристичка манифестација. Град Скопје, минатата недела доби една огромна титула, кадешто од страна на Европската комисија, е прогласен за Европска претстолнина на културата. Така што тоа значи еден дополнителен импакт, којшто директно ќе се прелее, не само на оваа спортска манифестација, со дополнителни средства и организациски можности во наредниот период, туку исто така и на сите останати културни манифестации, изградба на инфраструктура, изградба на објекти, кадешто ќе можеме на сите граѓани на Скопје и туристи и чинители, кои имаат можност да ги користат убавините на градот Скопје, дополнително да го збогатиме животот и содржините, врз основа на кои ќе можеме градот Скопје, а воедно и нашата држава да ја истакнеме што подобро во рамките на, не само на европското семејство на европските народи, туку и пошироко и во регионот и во целиот свет. Уште еднаш сакам огромна благодарност да истакнам до организаторот Сојуз на спортови, до МОК, МВР, Армијата, до Црвениот Крст, до атлетските клубови, до учесниците, кои се пријавија и сакам да им дадеме поддршка на нашите спортисти, кои ќе учествуваат. Секако сакам да упатам и јавна покана до жителите на градот Скопје, жителите на околните населби и на другите градови во Република Македонија, заедно со своите семејства, со своите пријатели, со своите комшии, да дојдат и да ги поддржат овие натпреварувачи, кои ќе учествуваат во трката за на крај заеднички да биде успехот по завршетокот на оваа манифестација,“ изјави Зоран Глигоров, Секретар на Град Скопје
Едно од успешните имиња во македонската атлетика е секако Дарио Ивановски, кој во недела очекува нов рекорд.
„Би сакал пред сѐ да се заблагодарам на дел од екипата на маратонот, посебно на организаторот. За себе можам да кажам дека сум во одлична форма, врвна форма, тоа си го докажав пред неколку недели, кога станав Балкански Шампион на полумаратон и од тој момент со тој резултат верувам дека можам да постигнам нов државен рекорд и дека ќе го извадам најдобриот резултат за да се пласирам на Олимписките Игри во Париз. Во 2021 година победив на маратонот во Скопје, но тогаш реално немав многу конкуренција. Овој пат сакам да победам исто така на Виз Ер Скопскиот маратон, – и иако ќе има натпреварувачи од Кенија, секако сум во добра форма и верувам дека ако го истрчам најдоброто што можам да го истрчам, или пак ако сум блиску до мојот личен, дека има шанси и за победа во севкупната категорија. Исто така многу ми е мило што ќе биде државно првенство, што имаме шанса да се покажеме пред најблиските и ги поканувам сите да дојдат и да навиваат, бидејќи ова е денот за нас, ова е денот кадешто јас можам да покажам како работам напорно секој ден, с посилно и посилно до наредните цели“, изјави Дарио Ивановски.

Дарио верува силно во својата спремност и подготвеност за маратонот во недела, но тоа секако е резултат на посветеноста и подготовките за истото.
„Во Белград кога трчав на полумаратонот, истото беше почеток на подготовките и бев премногу задоволен како настапив на тој полумаратон и верувам дека сега можам да се држам рамо до рамо со најдобрите. Мислам дека сите сме Скопски маратон, треба сите напорно да се вложиме, бидејќи овој маратон припаѓа на сите, затоа што ние треба да оставиме добар впечаток кај младите“ – дополни Ивановски.
Синадиновски упати и потсетување до сите тркачки и тркачи за подигнувањето на стартните пакети за 19то издание на Виз Ер Скопски маратон.
„Од утре почнува издавањето на стартните пакети за сите учесници во Спортскиот Центар Јане Сандански, во петок и сабота, од 10 до 20 часот, а ги повикувам и сите граѓани да дојдат, затоа што ќе има еден мини спортски саем, кадешто дел од нашите партнери и други заинтересирани компании ќе ги претстават своите производи и тука ќе се подигнуваат и стартните пакети. А во сабота вечер, во 19 часот, заедно во соработка со Италијанската Амбасада во Скопје, организираме и една мала забава, „Pasta Party“, којашто е вообичаена за сите маратони во светот, па затоа ги повикувам и сите заинтересирани да дојдат на таа забава. Еден купон за паста ќе чини 100 денари, но сите собрани средства ќе одат во хуманитарни цели, во здружението „Проект Среќа“, дополни Кире Синадиновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Зимските олимписки игри отворени со свечена церемонија во Милано
Вечерва на стадионот „Сан Сиро“ во Милано започна свечната церемонија на отворањето на 25-тите Зимски олимписки игри наречена „Хармонија“.
На Олимписките игри во Милано и Кортина д’Ампецо, кои ќе траат до 22 февруари, ќе учествуваат 2.871 спортисти од 92 олимписки комитети.
За време на церемонијата, планирани се специјални музички изведби на американската пејачка Мараја Кери, како и италијанските уметници Лаура Паузини и Андреа Бочели.
На самиот крај од церемонијата, ќе бидат запалени два олимписки пламени – едниот ќе биде во Милано, во близина на Арко дела Паче, еден од најпрепознатливите симболи на градот, а другиот во Кортина д’Ампецо, на плоштадот Пјаца Дибона, центарот на познатиот планински град.
Спортистите ќе се натпреваруваат за медали во 116 натпревари во 16 дисциплини.
Ова ќе бидат третите Зимски олимписки игри и четвртите Олимписки игри што се одржуваат во Италија, додека Кортина д’Ампецо веќе беше домаќин на Зимските олимписки игри во 1956 година.
Овогодинешните ЗОИ ќе бидат први во историјата што официјално ќе бидат организирани во два града – Милано и Кортина д’Ампецо.
Милано ќе биде домаќин на натпревари во спортови во затворен простор и на мраз, додека други натпревари ќе се одржат во спортски кластери околу Кортина, како и во долините на Валтелина и Фијема.
За прв пат, скијачкото планинарење ќе биде вклучено во Олимписката програма, а ова ќе бидат и првите Игри што ќе се одржат за време на мандатот на новата претседателка на Меѓународниот олимписки комитет, Кирсти Ковентри.
Олимписките комитети на Русија и Белорусија се суспендирани поради кршење на Олимпиското примирје поради руската инвазија на Украина во 2022 година.
Како и на Летните олимписки игри во Париз во 2024 година, спортистите од Русија и Белорусија ќе можат да учествуваат во индивидуални спортови како „индивидуални неутрални спортисти“ во Милано и Кортина.
Се очекува Бенин, Гвинеја-Бисао и Обединетите Арапски Емирати да го имаат својот прв настап на Зимските олимписки игри.
Најголемата делегација на Олимписките игри во 2026 година е делегацијата на Соединетите Американски Држави, која има 233 спортисти, по што следуваат Италија со 196, Германија со 189, Швајцарија со 175 и Франција со 162 учесници.
Церемонијата на затворање на Зимските олимписки игри ќе се одржи на 22 февруари во „Верона Арена“, под името „Убавина во движење“.
Покрај културно-уметничката програма, церемонијата ќе вклучува завршни говори и официјално предавање на знамето на домаќинот на Француските Алпи, кои ќе бидат домаќини на Зимските олимписки игри во 2030 година.
На италијанскиот претседател Серџо Матарела и премиерката Џорџа Мелони ќе им се придружат околу педесет крунисани личности, шефови на држави и влади, заедно со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, на церемонијата на отворање на Зимските олимписки игри во Милано, објави Анса.
Францускиот претседател Емануел Макрон нема да биде присутен, а како причина ги наведе претходно закажаните обврски, негирајќи дека нема да присуствува за да не седи до потпретседателот на САД Џ.Д. Венс, и наведувајќи дека станува збор за „лажни вести“, објави агенцијата.
На церемонијата му претходеше прием во Кралската палата организиран од претседателот Серџо Матарела за шефовите на држави и влади кои ќе присуствуваат на отворањето на Олимписките игри.
Претходно, премиерот Ѓорѓа Мелони се сретна со американскиот потпретседател Венс во Милано, заедно со државниот секретар Рубио и министерот за надворешни работи Тајани.
Фото: ЕПА
Спорт
МВП на Евролигата во Милвоки, Јанис нема да ги напушти Бакс
Јанис Адетокумбо, како шо сега стојат работите ќе остане во Милвоки најмалку до крајот на сезоната.
Според новинарот на „ESPN“, Шамс Чаранија, Кол Ентони и Амир Кофи се селат во Феникс, додека Ник Ричардс и Најџел Хејс-Дејвис ќе ги продолжат своите кариери во Милвоки.
Со овој потег, Бакс дополнително ја зајакнуваат ротацијата под кошот, со оглед на тоа што Ричардс носи физичко присуство и дефанзивна стабилност на центарската позиција, додека Хејс-Дејвис е играч кој може да придонесе енергија и ширина на ротацијата на крилата.
Од друга страна, Санс добиваат дополнителна длабочина во надворешната линија. Кол Ентони треба да преземе позначајна улога во организацијата на играта, како „бек-ап“ плејмејкер, додека Амир Кофи носи дефанзивна флексибилност и можност за покривање на повеќе позиции.
Официјална потврда за размената се очекува наскоро, откако двата тима ќе ги завршат сите административни детали.
Foto/ EPA
Спорт
Баерн го задржа Серж Гнабри
Фудбалерот на Баерн, Серж Гнабри, го продолжи договорот со клубот од Минхен до 30 јуни 2028 година, објави најтрофејниот германски клуб.
Во соопштението не се наведени финансиски детали за договорот.
„Воодушевен сум што ќе можам да играм за Баерн уште неколку години. Причините за продолжување на договорот се тимот, тренерите, целиот клуб, навивачите, градот, околината… Се чувствувам многу удобно во Баерн“, рече Гнабри, објави веб-страницата на клубот.
Гнабри (30) пристигна во Баерн во 2017 година од Вердер Бремен. Тој одигра 311 натпревари за клубот од Минхен и постигна 100 гола, а освои 15 трофеи со Баерн.
Foto/ depositphotos

