Спорт
Олимписките медали се „лупат“, се жалат кинеските спортисти
Два спортисти од Кина кои станаа олимписки шампиони ова лето се пожалија дека нивните златни медали освоени на Олимпијадата во Токио почнале да го губат сјајот и да се распаѓаат.
Жу Ксуејинг, која освои злато во гимнастика-трамполина, се пожали на социјалната мрежа „Веибо“ дека материјалот се лупи од нејзиниот медал, само четири недели по нејзиниот триумф.
„Дали и вашиот медал се лупи вака? Да ви објаснам прво, не мислев да го лупам медалот, но се појави некоја дамка на медалот. Мислев дека е валкана, и кога ја триев со раката, се случи ова“, изјави Жу.
Ванг Шун, која освои златен медал на 200 метри мешано во пливање, се пожали на истото и изјави дека веќе не се осмелува да го допре медалот.
Организаторите на Олимпијадата во Токио се пофалија дека златните, сребрените и бронзените медали на Игрите беа направени од рециклирани електрични апарати, како телефони и телевизори.
Од Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ) посочија дека се работи само за заштитна фолија и дека квалитетот на медалите не се намалил.
On the evening of August 23rd, Olympic champion Zhu Xueying sent a message to Weibo, saying that her Olympic gold medal had lost a layer of skin, and the upper left had mottled visible to the naked eye. pic.twitter.com/gDPBga7rkt
— Cherry_Chen (@11240Cherry) August 24, 2021
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Реал гази кон титулата, Кадиз ја продолжува борбата за опстанок
Фудбалерите на Реал Мадрид славеа против Кадиз со 3:0 во натпреварот од 34.коло на Ла Лига. Првиот натпревар за Реал оваа сезона го одигра голманот Тибо Куртоа.
Реал го продолжи походот кон титулата, која математички ќе ја обезбеди во наредната рунда.
Во однос на Барселона имаат +14, барем додека Каталонците не го одиграат својот натпревар од ова коло на Џирона (18:30 часот).
По неинтересното прво полувреме во кое немаше голови, Реал лесно го реши прашањето на победникот.
Брахим Дијаз погоди во 51. минута, по асистенција на Лука Модриќ. Џуд Белингем го удвои водството во 68. минута. Три минути по влегувањето во игра ја искористи асистенцијата на Дијаз.
Конечните 3:0 ги постигна Хоселу во петтата минута од судиското надополнување.
Кадиз и натаму е во зоната за испаѓање, со 26 бода, пет помалку од Селта од Виго, која е „над линијата“.
Спорт
(Видео) Комбинираниот Баерн падна во Штутгарт, „Вестфален“ му се поклони на Марко Ројс
Попладнево се одиграа четири натпревари во рамките на 32. коло во Бундес лигата. Во дербито Штитгарт го победи Баерн Минахен, а „Вестфален“ му се поклони на Марко Ројс, во текот на натпреварот во кој Борусија Дортмунд го декласира Аугсбург со 5:1.
Баерн со комбиниран состав му се спротивстави на Штутгарт. „Швабите“ ја искористија таа предост и предноста на домашниот терен и славеа со 3:1. Со оваа победа Штутгарт се изедначи со Баерн на второто место на табелата.
Избраниците на Себастијан Хенес поведоа со голот на Леонидас Стергиу во 29. минута.
Баерн израмни осум минути подоцна со голот на Хари Кејн од пенал.
Баварците можеа да направат целосен пресврт, имаа ситуација три на два во контранапад во 80. минута, но ударот на Александар Павловиќ беше изблокиран.
Веќе во 83. минута стигна казната, Силас испрати центаршут на втората статива, таму добро со глава реагираше Вујонг Јеонг и го матираше Мануел Нојер за 2:1.
Победата на домашниот тим ја потврди асистентот за вториот гол, Силас, кој погоди во третата минута од судиското надополнување.
Слично како Баерн и Борусија Дортмунд настапи со комбиниран состав, но тоа не беше пречка да го декласираат Аугсбург со 5:1.
Напаѓачот на Борусија, Јусуф Мукоко уште во четвртата минута му го отвори резултатот, а 15 минути подцна Мален зголеми на 2:0.
Намали Рубен Варгас во 32. минута, но само две минути подцна миленикот на навивачите Марко Ројс зголеми на 4:1.
Домашните го постигнаа петтиот гол кога Феликс Нмеча погоди во 64. минута.
Стоечки овации од цел Вестфален две минути подоцна доби клупската легенда Ројс – кој неодамна откри дека на крајот од сезоната ќе го напушти клубот.
Попладнево Волфсбург го победи Дармштад со 3:0, а Вердер и Борусија Менхенгладбах ремизираа 2:2.
Спорт
Ипсвич се врати во Премиер лигата
Ипсвич Таун по 22 години се врати во Премиер лигата. „Трактористите“ се апсолутни херои оваа сезона, од причина што минатата сезона се натпреваруваа во Лига 1 (трет ранг на англискиот фудбал). Покрај Ипсвич во Премиер лигата се врати и Лестер.
Ипсвич, во последното коло го победи Хадерсфилд со 2:0 на „Портман Роуд“ пред речиси 30.000 луѓе и го обезбеди второто место на табелата. Инаку, головите за Ипсвич ги постигнаа Вес Барнс во 27. минута и Омари Хачинсон во 48. минута.
Херој на „Трактористите“ пред сите е менаџерот Киран Мекена, млад стручњак кој своевремено работеше во штабовите на Жозе Мурињо и Оле Гунар Солскјаер во Манчестер Јунајтед. Во првата самостојна работа како тренер, овој 37-годишен стручњак од Лондон покажа дека му претстои светла иднина.
За третото место кое води од Чемпионшип во Премиер лигата оваа сезона ќе се борат Лидс Јунајтед, Саутемптон, Вест Бромвич Албион и Норич.
Од Чемпионшип испаднаа Бирмингем, Хадерсфилд и Ротерам.