Спорт
Претседателот на Ла Лига и објави војна на „пиратеријата“
Претседателот на шпанската Ла Лига, Хавиер Тебас, откри дека организацијата што ја предводи води голема борба против илегалните емитери кои ги кршат ТВ правата.
Ла Лига веќе отстрани од „Гугл плеј“ и „Епл стор“, 58 апликации кои можат да се користат за гледање натпревари од шпанското првенство.
Исто така, лоцираше 46.000 спорни ИП адреси ширум светот преку кои незаконски може да се следат натпреварите од Примера и Сегунда.
На тие адреси, покрај натпреварите од шпанското првенство, може да се следат и други спортови, како формула, тенис, мото трки, но секако Тебас и организацијата што ја предводи најмногу ги интересира како да се справат со нелегалното емитување на „нивниот производ“.
Ла Лига има тим од дури 30 луѓе кои се посветени на пребарување на Интернет и „фаќање“ на такви „дифузери“ и засега таа борба дава резултати, но вистинската битка допрва следи.
„Елиминиравме 58 апликации за Андроид, кои беа преземени од над четири милиони луѓе ширум светот, од кои 800.000 во Шпанија. Таа апликација ви овозможува нелегално да гледате фудбал и други спортски настани. Во екосистемот на „Епл“, таа апликација беше преземена милион пати, од кои 300.000 во Шпанија“, вели Тебас.
Foto/ EPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Реал скапо ќе го плати отказот на Алонсо
Чаби Алонсо (44) повеќе не е тренер на Реал Мадрид, потврди „Кралскиот клуб“ на својата официјална веб-страница. Чаби и Реал го раскинаа договорот по меѓусебна согласност само еден ден откако Мадрид загуби со 3:2 од Барселона во финалето на шпанскиот Суперкуп. Нов тренер ќе биде Алваро Арбелоа (42).
Отказот на Чаби Алонсо скапо ќе го чини Реал. Шпанскиот тренер и поранешен играч на Реал имаше плата помеѓу осум и девет милиони евра по сезона.
Шпанскиот весник „Ел Дебете“, пишува дека Реал ќе мора да му плати 15 милиони евра отштета на Чаби Алонсо.
За потсетување, минатото лето Реал му плати 15 милиони евра на Баер Леверкузен за Алонсо да се пресели во Мадрид.
Алонсо го водеше тимот во 34 натпревари, во сите натпреварувања, оствари 24 победи, четири нерешени резултати и шест порази.
Реал остана на второто место на табелата во шпанското првенство со 45 освоени бода по 19 кола, четири помалку од лидерот Барселона. Во Лигата на шампионите се седми со 12 бода по шест кола, а во Купот се во осминафиналето, каде што во среда ги чека Албасете.
Токму против Албасете на клубата ќе дебитира новиот тренер.
Спорт
Симеоне: Им се извинувам на г-дин Перез и г-дин Винисиус
Полуфиналето на шпанскиот Суперкуп во кое Реал го победи Атлетико Мадрид (2:1) беше засенето од инцидентот меѓу Диего Симеоне и Винисиус Жуниор.
Вербалниот конфликт меѓу Диего Симеоне и Винисиус продолжи и по натпреварот, а медиумите шпекулираа дека Симеоне му рекол на играчот на Реал дека „Перез ќе го продаде“.
Тоа беше само најважниот момент, бидејќи Симеоне му дофрлал на Винисиус за време на натпреварот во обид да го испровоцира.
Бразилецот не му остана должен, реагираше бурно за време на натпреварот, но и по него, а Чаби Алонсо го пцуеше својот колега од клупата на Атлетико.
По натпреварот, тој рече дека никогаш нема да си дозволи да се однесува така кон играч на противничкиот тим.
Во понеделник пристигна извинувањето на долгогодишниот тренер на Атлетико.
„Сакам да им се извинам на г-дин Флорентино Перез и г-дин Винисиус за сè што можевте да видите на натпреварот од Суперкупот. Очигледно е дека она што го направив беше погрешно. Едноставно згрешив“, рече Симеоне.
Спорт
Реал го отпушти Чаби Алонсо, нов тренер е Алваро Арбелоа
Фудбалскиот клуб Реал Мадрид донесе одлука да го отпушти тренерот Чаби Алонсо.
По поразот во финалето на шпанскиот Суперкуп против Барселона (3:2), раководството на „кралскиот клуб“ одлучи дека е време да се раздели со стручњакот кој ова лето пристигна во клубот од Баер Леверкузен.
Во официјалното соопштение, кое беше издадено по овој повод, не ги наведоа причините за таквата одлука, иако е јасно дека одреден период никој не е задоволен од резултатите што ги постигнува Реал, а дека самиот Алонсо имал проблем со одредени играчи – пред сè со Винисиус.
„Чаби Алонсо секогаш ќе ја има наклонетоста и восхитот на сите навивачи на Реал Мадрид бидејќи е легенда на Реал Мадрид и отсекогаш ги претставувал вредностите на нашиот клуб. Реал Мадрид секогаш ќе биде негов дом. Нашиот клуб сака да им се заблагодари на Чаби Алонсо и на целиот негов технички тим за нивната работа и посветеност во овој период и им посакува многу среќа во оваа нова фаза од нивниот живот“, се вели во соопштението.
Алонсо, на клупата ќе го замени ист така поранешен играч на клубот, Алваро Арбелоа. Интересно, Арбелоа досега никогаш не водел самостојно сениорска екипа.
Досега, тој работеше во помладите селекции на Реал само неколку месеци во Б-тимот на Реал, каде што го замени Раул Гонзалез во мај.
Играше за Реал од 18-годишна возраст, потоа го носеше дресот на Депортиво и Ливерпул, а од 2009 до 2016 година повторно беше на „Бернабеу“.
Ја заврши кариерата во Вест Хем, а одигра 56 натпревари за шпанската репрезентација и беше светски шампион во 2010 година и европски шампион во 2008 и 2012 година.
Алонсо во својата кариера го водеше Б-тимот на Реал Сосиедад и Баер Леверкузен, пред да се приклучи на Реал. Претходно, тој беше споменуван како кандидат за клупата на Ливерпул, каде што помина дел од својата кариера.

