Спорт
Работнички ја здрма Шкендија под Шара, Струга падна кај Вардар
Изненадувачки пораз за Шкендија во Тетово. Работнички си замина со целиот плен по триумфот од 1-0, со голот на Тошевски во 54 минута. Сега заостанувањето на тетовскиот клуб зад лидерот Вардар е цели 11 бода, а со новиот триумф и одличните пролетни игри, „Романтичарите“ полека но сигурно бегаат од местата кои водат во понизок ранг.
Првопласираната екипа на табелата во ПМФЛ, Вардар забележа нова минимална победа во походот кон шампионската титула. На нашиот најголем стадион, Вардар со 1-0 беше поуспешен од екипата на Струга Трим Лум.
Во тврди и неизвесен натпревар, единствениот гол на натпреварот беше дело на Новак во 69 минута.
Академија Пандев од Струмица повторно е поразена. Ренова како гостин славеше против „Академијата“ со 1-0, со голот на Велија постигнат во 38 минута.
Академија Пандев од 23 октомври минатата година не знае за победа во лигата.
На преостанатите два денешни натпревари, Шкупи во Чаир одигра 1-1 со Силекс, а Македонија ЃП на домашен терен беше поразена од Борец Велес со 0-2.
Еве како изгледа прволигашката табела по 23 одиграни кола:
Вардар 46 бода, Силекс 36, Шкендија 35, Ренова 31, Македонија ЃП 29, Шкупи 29, А. Пандев 28, Работнички 28, Борец 27 и Струга ТЛ 25.
Фото:ФК Работнички
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Барселона се распрашува за Лирој Сане
Поради тешката финансиска состојба, Барселона летово ќе биде принудена да продава играчи, особено ако сака да донесе звучни имиња од други клубови.
Шпанските медиуми објавија дека Барселона веќе стапила во контакт со Баерн во врска со Лирој Сане.
28-годишен крилен напаѓач е под договор со Баерн и за следната сезона, а „Трансфермаркт“ неговата вредност ја проценува на 70 милиони евра. Шпанските медиуми пишуваат и дека Барселона би можела да испрати еден од своите играчи во Баерн и со тоа да ја намали цената на германскиот репрезентативец.
Сане пристигна во Баерн во 2020 година од Манчестер Сити.
Спорт
Надал: Ако немам чувство дека можам да се натпреварувам тогаш нема да играм на РГ
Шпанскиот тенисер Рафаел Надал, по Мастерсот во Рим, ќе донесе одлука дали ќе настапи на вториот гренс слем во сезоната, Ролан Гарос.
Рафа моментално се наоѓа во Мадрид, каде во првото коло убедливо славеше во дуелот со 16-годишниот Американец Дарвин Бланш.
„Реален сум за тоа што се случува. Искрено, играв против играч кој направи многу грешки и ми ги олесни работите. Со најголема почит кон играчот кој има голема иднина, тој направи многу грешки и мечот траеше само еден час. Ова нема да ги смени моите размислувања за Ролан Гарос. Овде нема да донесам никаква одлука, по Мастерсот во Рим ќе ја донесам конечната одлука. Не зборувам за победите, туку за чувството дека можам да дадам се од себе и дека можам да се натпреварувам. Мислам дека ова е логично по се што направив во Париз“, изјави Надал.
Негов следен ривал ќе биде Алекс де Минор, кој го елиминира минатата недела во Барселона.
Спорт
Бруно Гимараеш има посебна клаузула во договорот која важи до 30 јуни
Играчот од средниот ред на Њукасл, Бруно Гимараеш е на мета на бројни клубови, а тој има посебна клаузула во договорот.
Како што откри трансфер-инсајдерот, Фабрицио Романо, од последната недела на мај до крајот на јуни, Гимараеш има откупна клаузула од 100 милиони фунти или 116 милиони евра.
Доколку Бразилецот се договори со некој клуб и тој клуб ја плати сумата, Њукасл ќе биде принуден да го пушти.
Во моментов не се знае дали некој клуб е подготвен да потроши толку пари, но веќе е познато дека ПСЖ покажува интерес за бразилскиот репрезентативец.
Прашање е само дали е реално еден ваков трансфер да се случи пред официјалниот почеток на летниот преоден рок.
Летниот преоден рок стартува на 1 јули.