Спорт
Рио со порака за другарот Оле: Време е да си одиш
Рио Фердинанд смета дека сега е вистинското време неговиот стар пријател и поранешен соиграч, Оле Гунар Солскјер да ја „предаде палката“ во Манчестер јунајтед и самиот да си замине од клубот.
Иднината на норвешкиот тренер повторно е неизвесна по лошата форма на тимот кој загуби четири од последните шест меча, вклучувајќи две домашни посрамотувања – 0:5 од Ливерпул и 0:2 од Манчестер сити. На ова се надоврзаа шпекулациите за бунт на Бруно Фернандеш и Кристијано Роналдо во соблекувалната, иако од клубот најавуваат дека нема да има брза смена на тренерот.
Фердинанд, како поранешен соиграч на Солскјер, долго време го поддржуваше Норвежанецот по неговото именување во 2018 година, но сега се сомнева дека тој може да донесе некој трофеј на „Олд Трафорд“.
„Ја почнавме сезоната со многу надеж и по одличните трансфери, со возбуда. Сите си помисливме: ‘Ова е нашето време’. Оле не донесе до овој момент. Беше донесен во клубот да го среди тимот, да ги донесе играчите за да освојуваме титулата. Сега, седам тука и не мислам дека можеме до лигата. Го гледам тимот секоја недела и си мислам што ќе направиме тактички. Не гледам филозофија или идентитет во начинот на играње како Манчестер јунајтед. Збунет сум. Тоа што го видовме оваа сезона, покажува дека тој треба да ја предаде палката на некој друг кој може да не однесе таму. Мислам дека Оле треба да си замине сам со високо крената глава, бидејќи од позицијата која бевме до тоа каде што бевме на почетокот на сезоната беше позитивно“, вели Фердинанд.
Според Фердинанд, главниот проблем за Јунајтед е што никој од фудбалерите не се „плаши“ од Солскјер.
„Кога го гледам нашиот тим, сметам дека фудбалерите не се во страв, немаат интезитет, не го даваат максимумот, и тоа е знак на непочитување на менаџерот. Секој менаџер кој успеал во овој спорт, носел страв со себе. Клоп, Пеп, Тухел, Ферги во мое време, Џорџ Греем и Арсен Венгер во Арсенал… Кај сите имаше фактор: ‘Ако не го правиш тоа што го кажувам, тогаш ќе седиш на клупа’. Таков страв нема во овој тим и тоа не е исправна работа“, додава Рио.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Голем пресврт на „Стенфорд Бриџ“ – Челзи го победи Вест Хем
Фудбалерите на Челзи, со пресврт во второто полувреме, го добија градскиот дуел со Вест Хем (3:2).
По оваа победа, Челзи го престигна Манчестер Јунајтед на табелата во Премиер лигата со 40 бода, „црвените ѓаволи“ имаат два бода помалку и натпревар помалку од тимот од Лондон.
По две победи по ред, Вест Хем го забележа својот 14-ти пораз, по што остана на 20 бода и на 18-то место во Премиер лигата.
„Чеканите“ имаа предност по првиот дел од 0:2. Стрелци на головите беа Боувен и Самервил.
Челзи одговори на вистински начин. Израмнување на „сините“ им донесоа играчите кои влегоа од клупата за резерви, Жоао Педро и Кукуреља, а победата ја обезбеди Енцо Фернандез со голот во 92-та минута.
На крајот, натпреварот го зачини тешакчата во финишот, Тодибо за врат го фати Жоао Педро, Мавропанос се обиде да му удри шамар на Палмер. Во целата таа мешаница само Тодибо доби црвен картон.
Спорт
Македонија против Украина или Словачка во баражот за СП
Ракометната репрезентација на Македонија добро помина на ждрепката, која ги одреди двојките за баражот, за пласман на Светското првенство.
Македонија ќе игра против победникот од претквалификацискиот дуел меѓу Украина и Словачка.
Македонија на 13 или 14.мај ќе гостува, а реваншот во Скопје ќе се одигра три дена подоцна.

Foto/ EPA
Спорт
Пол Џорџ падна на допинг тест
Кошаркарот на Филаделфија, Пол Џорџ, е суспендиран поради позитивен допинг тест.
Инсајдерот Шамс Чаранија, објави дека НБА го суспендираше Џорџ на 25 натпревари поради кршење на антидопинг прописите.
Пол Џорџ издаде соопштение во кое се вели:
„Во текот на изминатите неколку години, многу зборував за тоа колку е важно менталното здравје и поради тоа, направив голема грешка со тоа што самиот си земав лекови. Ја преземам одговорноста за моите постапки и им се извинувам на Севентисиксерс, соиграчите, навивачите и сите други за моите лоши одлуки за време на тој процес. Фокусиран сум на тоа да го искористам ова време за да го опоравам мојот ум и тело на најдобар можен начин и да му помогнам на тимот кога ќе се вратам“, рече Џорџ.
Не е наведено зошто Џорџ не го поминал допинг тестот.
Популарниот играч има 35 години и имаше просек од 16 поени и 5 скока во 27 натпревари оваа сезона.

