Спорт
РМЦ: Детали го делат Мурињо од договор со ПСЖ
Жозе Мурињо бил подготвен да ја напушти Рома по завршувањето на сезоната. Португалецот незадоволен од односот на газдата на клубот, кој му соопштил дека не може да му ги обезбеди бараните засилувања, започнал да ги разгледува понудите од другите клубови.
Радио Монте Карло (РМЦ), пишува дека Мурињо е главен и единствен кандидат да ја преземе клупата на францускиот шампион ПСЖ од Кристоф Галтие на крајот од актуелната сезона.
Дека Галтие нема да остане во Париз стана јасно кога ПСЖ го заврши својот настап во Лигата на шампионите. „Светците“, во осминафиналето беа елиминирани од Баерн Минхен.
Истиот медиум пренесува дека Мурињо во последните две недели веќе имал една понуда за заминување од Рома, онаа на Челзи, но категорично ја одбил бидејќи смета дека моменталната ситуација во лондонскиот клуб не е доволно стабилна.
Како што пишува РМЦ, спортскиот директор на ПСЖ, Луис Кампос веќе е длабоко во преговори со Португалецот и се очекува да постигне договор до летото.
Мурињо наводно претходно одлучил дека на лето ќе ја напушти Рома без разлика како ќе заврши сезоната, а причината е што сопствениците му рекле дека не можат да ги доведат играчите што ги бара за понатамошен раст на клубот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Ставре Јада 88-ми во спринт трката на ЗОИ
Македонскиот репрезентативец, Стваре Јада, настапи во квалификациите, во спринт трката во крос-кантри, на ЗОИ во Милано и Кортина.
Во конкуренција на 95 натпреварувачи, Јада го освои 88-то место. Патеката во Вал ди Фјеме тој ја мина со време 3.59.56 минути, со речиси 53 секунди послаб резултат од победникот.
Победи Норвежанецот Јоханес Клабо со време 3.07.37, пред Американецот Бен Огден (3.09.88) и Французинот Жил Шапаз (3.12.86).
Фото/ МОК
Спорт
Стеф Кари поради повреда го пропушта Ол-стар натпреварот
По Шеј Гилџис-Александер (Оклахома), уште еден ас ќе го пропушти НБА Ол-стар викендот, станува збор за Стеф Кари. Оваа вест ја објави тренерот на Голден Стејт Вориорс, Стив Кер, пред натпреварот со Мемфис.
Кари почувствува болка во коленото пред две недели и го пропушти четвртиот натпревар по ред поради синдром на пателофеморална болка, попознат како „колено на тркач“. Тој нема да игра ниту во среда против Сан Антонио, за да биде подготвен за дуелот со Бостон на 19 февруари по Ол-стар викендот.
„Работата е што по пат учам што функционира во однос на рехабилитацијата. Коленото сè уште ме боли. Морам да се обидам да го отстранам целото воспаление и болка. Тоа е нешто што сè уште треба да го следиме. Не би сакал да се вратам прерано бидејќи повредата може да се влоши“, рече Кари.
НБА сè уште не објави кој ќе го замени Кари во тимот на САД. Ол-стар викендот ќе се одржи во арената Лос Анџелес Клиперс од 13 до 15 февруари.
Foto/ depositphotos
Спорт
Роналдо се смири со раководството на Ал Наср
Навивачите на Ал Наср и фановите на Кристијано Роналдо можат да здивнат. Португалецот се смири со клупските челници.
Откако поради протест, пропушти два натпревари, Португалецот треба да се врати во тимот на Ал Наср и да игра во следниот натпревар против Ал Фатех.
Роналдо наводно бил во бојкот, незадоволен од начинот на кој се распределуваат парите во саудискиот фудбал. Бидејќи сите клубови се финансираат од еден инвестициски фонд, го вознемирувал начинот на кој Ал Наср работи и тоа што нивниот конкурент за титулата Ал Хилал минатата недела го реализираше трансферот на Бензема од Ал Ахли.
Тој, исто така, протестирал затоа што платите на вработените во клубот доцнеле.
Раководството на клубот очигледно ги прифатило овие жалби, па сега Роналдо може да се врати на теренот и да го прави она што најдобро го знае.
Foto/ depositphotos

