Спорт
Сејдини до Мојсовски: За ова, драг Наумче Мојсовски, се одговара
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, на прес-конференција реагира на вчерашното соопштение на Агенцијата за млади и спорт (АМС).
АМС, вчера, ја извести јавноста за продолжување на неправилностите во работата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) спротивни од Законот за спортот, утврдени со инспекцискиот надзор извршен на денешен ден пред две години.
Сејдини вели дека дека решението на второстепената комисија е конечно и против него нема право на жалба, но дека има право на тужба против, на овој начин, донесениот управен акт.
ФФМ во согласност со законите поднесе тужба, со која поведе управен спор против државната комисија за одлучување во втор степен во врска со нејзиното решение.
Во продолжение е обраќањето на првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини.
„Со факти и одлука на хартија да им покажеме и потврдиме колку не знаат и колку не се срамат што не знаат.
За тоа, драг Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт – се одговара.
Во текот на вчерашниот ден, и до мене стигнаа шпекулации дека одредени претставници на клубовите од македонската лига се повикувани во државни институции, присилувани да потпишуваат некаква поддршка за бојкот на Генералното Изборно Собрание на Фудбалската федерација на Македонија, уценувани со поделбата на ваучерите. Шпекулациите одеа дотаму што на големо се споменуваше и името на Премиерот на нашата држава.
Одбивав да верувам во таквите „игри без граници“ сѐ додека не го прочитав соопштението од Агенцијата за млади и спорт објавено на нивната официјална страна.
Во известувањето од Агенцијата за млади и спорт се вели дека при извршен инспекциски надзор во Фудбалската федерација на Македонија се утврдени низа неправилности спротивно на Законот за спорт.
Наведуваат дека решението било обжалено и после сите институционални и законски процедури и рокови, жалбата беше отфрлена како неоснована од страна на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка, со што Решението стана правосилно и извршно и против него не е дозволена жалба.
И сега доаѓаме до моментот од кој треба да се срамиме сите ние од начинот на кој постапуваат одредени наши инситуции, во овој случај највисокото државно тело за спорт.
Вистина е дека решението на второстепената комисија е конечно и против истото нема право на жалба. Но, има право на тужба против, на овој начин, донесениот управен акт.
Фудбалската федерација на Македонија согласно законите поднесе тужба со која поведе Управен спор против државната комисија за одлучување во втор степен во врска со нејзиното Решение.
И бидејќи овој „сакам кажам – не знам речам“ начин на комуникација е нивен избор, а ние „на сила“ сме принудени да се браниме од нешто што не е вистина, еве, тука пред вас и пред цела јавност ја објавувам пресудата од поднесената тужба против поништеното решение кое Агенцијата за млади и спорт најави дека ќе го спроведува.
Пресудата вели дека тужбата на тужителот Фудбалска федерација на Македонија СЕ УВАЖУВА. Решението се ПОНИШТУВА.
За ова, драг Наумче Мојсовски, директор на Агенција за млади и спорт се одговара.
За ваквиот начин на постапување се известени УЕФА и ФИФА, кои го следат овој случај од моментот кога се вршеше инспекцискиот надзор. Известени се за сите одлуки и начинот на кои се носени тие одлуки.
Не дај Боже, никој од нас не посакува, но чувствувам обврска да истакнам дека ваквото постапување може да донесе „квантен скок“ ама наназад за македонскиот фудбал и нашите репрезентации.
Причина за тоа нема да биде Фудбалската федерација на Македонија, ниту јас како претседател, туку срамното и слепо однесување на поединци и институции со цел да се стави рака врз Фудбалската федерација на Македонија.
На крајот, Ве уверувам дека Фудбалската федерација на Македонија ќе продолжи да се спротивставува на било каков притисок кој не доаѓа од фудбалското семејство. За сѐ друго сме отворени за соработка се цел продолжување на сонот кој го живееме“.
Фото/ffm.mk
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Тухел ќе ја предводи Англија до 2028 година
Тренерот на фудбалската репрезентација на Англија, Томас Тухел, ќе остане на клупата на националниот тим барем до крајот на Европското првенство во 2028 година.
Тоа е епилогот од новата соработка што Фудбалската асоцијација на Англија ја договори со германскиот стручњак. По совршената квалификациска кампања за Светското првенство, самодовербата е на исклучително високо ниво.
Поранешниот стратег на Челзи, Баерн Минхен и Пари Сен Жермен стави крај на шпекулациите за можен трансфер во Манчестер Јунајтед, Тотенхем или Реал Мадрид со парафирање на договорот. Сите три клуба неодамна ги сменија тренерите, но ќе мора да бараат нов на друга адреса.
„Многу сум среќен и горд. Едвај го чекам Светското првенство, одлична можност да ја направам нацијата горда. Имам огромна поддршка од извршниот директор Марк Булингам, колегите од Федерацијата и навивачите каде и да одам, без двоумење решив да ја продолжам оваа работа од соништата. Европското првенство 2028 ќе биде многу посебен турнир, можност да се натпреварувам со најдобрите на најголемата можна сцена“, рече Тухел.
Англичаните повторно влегуваат во големото натпреварување со епитетот еден од главните фаворити за трофејот.
Во групата Л ќе се натпреваруваат против Хрватска, Гана и Панама, па се очекува релативно лесен пласман во нокаут фазата. Пред четири години во Катар беа елиминирани во четвртфиналето, каде што беа запрени од Франција.
Foto/ depositphotos
Спорт
Словенец исфрлен од ЗОИ поради алкохол
Главниот тренер на финската репрезентација за скијачки скокови, Игор Медвед, е дисквалификуван од Зимските олимписки игри поради скандал поврзан со алкохол, објави „Афтонбладет“.
Финските спортисти ќе бидат без својот словенечки тренер до крајот на Игрите, кој беше испратен дома поради кршење на тимските вредности.
„Медвед се врати дома денес. Проблемот е поврзан со алкохолот. Прекршувањето на правилата го сфаќаме многу сериозно и ќе реагираме брзо“, изјави Јане Ханинен, раководител на елитни спортови во Финскиот олимписки комитет.
Селекторот се извини за своите постапки.
„Направив грешка и длабоко жалам за тоа. Сакам да им се извинам на целата финска репрезентација, спортистите и навивачите. Им посакувам на екипата мир и спокојство за да можат да се фокусираат на Олимписките игри“, рече 44-годишниот Медвед, кој е главен тренер на репрезентацијата во скијачки скокови од летото 2024 година, а претходно работеше во словенечката репрезентација.
Медвед е поранешен член на словенечката репрезентација во скијачки скокови.
Спорт
Ко-сопственикот на Манчестер Јунајтед: Велика Британија е колонизирана од имигранти
Британскиот премиер Сер Кир Стармер побара од милијардерот и ко-сопственик на Манчестер Јунајтед, Сер Џим Ратклиф, да се извини за тоа што изјавил дека Велика Британија е „колонизирана од имигранти“.
Во интервју за „Скај њуз“, Ратклиф рече: „Не можете да имате економија со девет милиони луѓе кои примаат социјална помош и огромен прилив на имигранти. Мислам, Велика Британија е колонизирана. Тоа чини премногу“.
Тој додаде: „Велика Британија е всушност колонизирана од имигранти, нели?“
Ретклиф, исто така, наведе неточни податоци за растот на населението, тврдејќи дека бројот на жители се зголемил од 58 милиони во 2020 година на 70 милиони денес, додека официјалните проценки покажуваат многу помало зголемување – од околу 66 на 69 милиони.
Стармер ги нарече неговите коментари „навредливи и погрешни“, велејќи дека Велика Британија е „горда, толерантна и разновидна земја“ и дека таквата реторика „им оди во прилог на оние кои сакаат да ја поделат нашата земја“.
Ратклиф, исто така, рече дека политичарите мора да бидат „подготвени да бидат непопуларни некое време за да решат големи проблеми“, сугерирајќи дека премиерот бил „премногу фин“ за да спроведе „строги мерки“ за имиграцијата и економијата.
Неговите забелешки беа осудени од навивачките групи на Манчестер Јунајтед и антирасистичките организации, велејќи дека тоа е реторика што потсетува на крајно десничарски наративи и може да ги продлабочи поделбите во општеството.
Foto/ depositphotos

