Спорт
Сензација во Лас Вегас – Бивол го декласираше Канело!

Русинот Дмитриј Бивол во саботата навечер во „Т-Мобиле арената“ во Лас Вегас направи едно од најголемите изненадувања во светот на боксот во последната деценија, победувајќи го мексиканската боксерска суперѕвезда Саул Канело Алварез на поени.
Иако тројцата судии го оценија мечот 115:113, исходот на мечот воопшто не беше неизвесен, откако Бивол го контролираше мечот од почетокот до крајот, користејќи ја својата сила и големина за да ја одбрани својата ВБА титула во средно-тешка категорија.
За Бивол победата е уште послатка бидејќи пред мечот поранешните шампиони во тешка категорија, украинските браќа Виталиј и Владимир Кличко побараа да не му се дозволи влез во САД поради тоа што тој е Русин.
„Денес се докажав самиот себе, јас сум најдобриот во мојата кариера. Еди Херн, извини што ти го уништив планот со Генадиј Головкин“, изјави Русинот по мечот, посочувајќи на најавената трилогија помеѓу Канело и Головкин веќе на 17 септември.
Наместо тоа, Канело потврди дека веднаш ќе бара римеч.
„Нема да заврши вака. Не барам изговори, но мислам дека победив во мечот. Можеби загубив четири или пет рунди, но не загубив. Можеби тежината беше проблем и не ми дозволи да се чувствувам 100 отсто подготвен“, изјави Алварез, кого многумина го сметаа за најдобриот боксер на денешницата без разлика на тежината и е поранешен шампион во четири тежински категории.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Претставен авион во чест на Диего Марадона

Мал приватен авион посветен на легендарниот аргентински фудбалер Диего Марадона, беше претставен во Буенос Аирес На презентацијата на авионот присуствуваа ќерките на Марадона, Далма и Џанина.
Авионот наречен „Танго Д10С“ е мал авион со 12 седишта и е дизајниран како летечки музеј во чест на славниот Аргентинец, кој почина од срцев удар во ноември 2020 година.
На трупот доминира ликот на Марадона како го бакнува трофејот на Светското првенство, кој го освои со Аргентина во 1986 година, а неговиот лик се наоѓа и на опашката. Авионот е украсен со боите на аргентинското знаме, и со слики на еден од најдобрите фудбалери на сите времиња.
На крилјата на авионот има слики од двата гола што Марадона ги постигна во четвртфиналето на Светското првенство против Англија (2:1), од кои првиот беше наречен „Божја рака“, а вториот се смета за еден од најубавите голови на сите времиња.
Навивачите кои ќе патуваат со овој авион ќе можат да му остават порака на Марадона и да комуницираат со него преку вештачка интелигенција.
„Мислам дека ова е одлична идеја, бидејќи тој е најдобриот играч во историјата. Ова Светско првенство ќе ни биде прво без Марадона, многу ни недостига, но тој е секогаш тука за нас. Ние играчите од генерацијата 1986 секогаш зборуваме за него и се сеќаваме како не водеше до освојувањето на Светското првенство“, изјави поранешниот аргентински репрезентативец Серхио Батиста.
Компанијата која го финансираше проектот „Дај и добиј“ изјави дека првично ќе нуди приватни летови само во Аргентина, а идејата е авионот да патува до Мексико, Неапол и Дубаи, места кои бае важни за животот на Марадона.
Авионот ќе отпатува за Катар на Мундијалот, а потоа ќе биде ставен на аукција, парите ќе бидат уплатени во хуманитарни цели.
Спорт
Мхтаријан се сели во Интер

Најдобриот ерменски фудбалер Хенрик Мхтаријан по истекот на договорот ќе ја напушти Рома и ќе се пресели во редовите на Интер, дознава „Газета дело Спорт“.
Ерменецот, синоќа во Тирана, одигра само 15 минути против Феенорд. Теренот го напушти поради повреда. Неговиот договор со Рома истекува на 30 јуни.
„Газета дело Спорт“, тврди дека Мхтаријан ќе потпише двегодишен договор.
Пред Рома, Мхтаријан играше за Арсенал и Манчестер Јунајтед, Борусија Дортмунд, на европската сцена се афирмираше во Шахтјор.
Мхтаријан е единствениот играч кој стигна до два евротрофеи со два различни клуба под водство на Жозе Мурињо. Со Јунајтед ја освои Лигата на Европа, додека синоќа со Рома го освои трофејот во Конференциската лига.
Спорт
Трка во Мото ГП откажана поради „геополитичка ситуација“

Меѓународната мото федерација (ФИМ) потврди дека трката за Големата награда на Финска е откажана. Трката беше откажана поради доцнење на работите на патеката и геополитичката ситуација предизвикана од руската војна во Украина, јавува агенцијата Анадолија (АА).
„Ризиците кои ги носи моменталната геополитичка ситуација во регионот, како и работата на патеката „Кими ринг“, за жал, не натераа да ја откажеме Големата награда на Финска во 2022 година. Сегашните услови доведоа до одложувања и ја загрозија работата на новата патека“, се вели во соопштението на ФИМ.
Од ФИМ истакнаа дека во календарот за оваа сезона ќе има 20 трки. Траката за Големата награда на Финска требаше да се вози на 10 јули.