Спорт
Шкупи го почнува патот во Европа: Линколн е тим што мора да се елиминира
Македонскиот првак Шкупи вечерва (20.45 часот) го стартува настапот во квалификациите на Лигата на шампионите. Прв ривал на Шкупи е Линколн од Гибралтар, а тренерот Гоце Седлоски верува дека неговиот тим е подобар и ќе успее тоа да го докаже на претстојниот двомеч. Првиот дуел е вечерва на арената „Тодор Проески“ во Скопје.
„Подготвени сме, максимално. Еден месец работиме и подготвени сме за предизвикот. Нема да го потцениме противникот, апсолутно имаме респект за Линколн Ред Импс затоа што тоа е шампион на една земја, но веруваме во нашиот квалитет. Ние, секако, ќе ја играме нашата игра и сакаме да оствариме победа. Шкупи на секој натпревар игра напаѓачки, тоа секако ќе се случи и утревечер. Треба да покажеме зошто сме шампиони на Македонија“, вели Гоце Седлоски.
Капитенот Кристијан Наумовски е уверен дека Линколн е ривал што Шкупи треба да го елиминира.
„На хартија, го добивме најлесниот ривал. Но, знаеме дека нема да биде лесно. Најважен е првиот нареден натпревар. Засега размислуваме само за Линколн и како да оствариме триумф. Потоа ќе размислуваме за евентуалниот двомеч со Динамо Загреб“, изјави голманот Наумовски.
Во следното квалификациско коло од ЛШ следи дуел со хрватскиот првак Динамо Загреб. Сепак, Шкупи ќе мора прво да го елиминира Линколн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Надал: Ако немам чувство дека можам да се натпреварувам тогаш нема да играм на РГ
Шпанскиот тенисер Рафаел Надал, по Мастерсот во Рим, ќе донесе одлука дали ќе настапи на вториот гренс слем во сезоната, Ролан Гарос.
Рафа моментално се наоѓа во Мадрид, каде во првото коло убедливо славеше во дуелот со 16-годишниот Американец Дарвин Бланш.
„Реален сум за тоа што се случува. Искрено, играв против играч кој направи многу грешки и ми ги олесни работите. Со најголема почит кон играчот кој има голема иднина, тој направи многу грешки и мечот траеше само еден час. Ова нема да ги смени моите размислувања за Ролан Гарос. Овде нема да донесам никаква одлука, по Мастерсот во Рим ќе ја донесам конечната одлука. Не зборувам за победите, туку за чувството дека можам да дадам се од себе и дека можам да се натпреварувам. Мислам дека ова е логично по се што направив во Париз“, изјави Надал.
Негов следен ривал ќе биде Алекс де Минор, кој го елиминира минатата недела во Барселона.
Спорт
Бруно Гимараеш има посебна клаузула во договорот која важи до 30 јуни
Играчот од средниот ред на Њукасл, Бруно Гимараеш е на мета на бројни клубови, а тој има посебна клаузула во договорот.
Како што откри трансфер-инсајдерот, Фабрицио Романо, од последната недела на мај до крајот на јуни, Гимараеш има откупна клаузула од 100 милиони фунти или 116 милиони евра.
Доколку Бразилецот се договори со некој клуб и тој клуб ја плати сумата, Њукасл ќе биде принуден да го пушти.
Во моментов не се знае дали некој клуб е подготвен да потроши толку пари, но веќе е познато дека ПСЖ покажува интерес за бразилскиот репрезентативец.
Прашање е само дали е реално еден ваков трансфер да се случи пред официјалниот почеток на летниот преоден рок.
Летниот преоден рок стартува на 1 јули.
Спорт
Саудискиот нафтен гигант стана глобален партнер на ФИФА
Саудискиот нафтен гигант Арамко ќе стане главен глобален партнер на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) до крајот на 2027 година, објави ФИФА.
Договорот, чија сума не беше објавена, му овозможува на јавното претпријатие на Саудиска Арабија да стане партнер на ФИФА „со права кои покриваат неколку настани“, вклучително и Светското првенство за мажи во 2026 година и Светското првенство за жени во 2027 година.
Саудиска Арабија, богата со нафта, но често критикувана за кршење на човековите права, веќе неколку години инвестира милијарди долари во спортот.
Инвестирањето во спортот е дел од стратегијата што ја води престолонаследникот Мохамед Бин Салман, како дел од големиот проект „Визија 2023“, чија цел е да го трансформира кралството во земја на бизнис и туризам и да ја намали неговата зависност од нафтата.
„Ова партнерство ќе и помогне на ФИФА успешно да ги испорача своите водечки натпреварувања во следните четири години и, како и сите други наши комерцијални договори, ќе ни овозможи да продолжиме да ги поддржуваме нашите 211 членки низ светот“, рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.