Спорт
Судиите кои го оштетија Вардар суспендирани до крајот на сезоната

Судиите кои го оштетија Вардар во вчерашниот пораз против Гостивар (2:1), Влатко Илиоски, Зоран Косотски и Марјан Смилкоски, се суспендирани до крајот на сезоната. Во анализата што ја направи Судиската комисија на ФФМ,утврдени се неколку големи грешки на штета на Вардар. Поништен е регуларен гол за Вардар, непоравдано е досуден пенал за Гостивар, а Вардар е „скратен“ при акција за гол и досуден е непостоечки офсајд.
Во продолжение, комплетната анализа од Судиската комисија на ФФМ.
Судиска комисија во рамки на Фудбалската федерација на Македонија ги разгледа спорните моменти од 22. коло на 2 МФЛ – ЗАПАД и ги донесе следните заклучоци: На натпреварот ФК ГОСТИВАР – ФК ВАРДАР одигран на 09.04.2022 година, анализирани се ситуациите во 4, 8, 33, 42 и 45+2 минута.
Главен судија: Илиоски Влатко; Помошни судии: Костоски Зоран и Смилкоски Марјан;
ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (досудено слободен удар).
По еден изведен корнер за екипата на Вардар, играч на Вардар постигнува гол со удар со глава, главниот судија го поништува голот и неоправдано досудува прекршок врз голманот на домашната екипа.
ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ПРВИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА (досудено офсајд позиција)
При напад на домашната екипа, играч на Гостивар постигнува гол кој оправдано е поништен поради офсајд позиција, играчот на Гостивар во момент на додавање на топката е понапред од претпоследниот играч од одбраната на Вардар.
ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (не досудено удар од 11 метри)
Играч од одбраната на Вардар и играч од нападот на Гостивар се во дуел, одбранбениот играч на Вардар ја одбива топката пред напаѓачот на Гостивар, исправна одлука на главниот судија играта да продолжи, (нема прекршок за 11 метри).
ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (досудено удар од 11 метри)
Играч на Гостивар додаде топка до соиграч кој беше во шеснаесетникот на Вардар, во моментот на примање на топката двата противнички играчи се статични и доаѓа до еден дуел каде има минимален контакт недоволен за прекршок, главниот судија неоправдано покажа удар од 11 метри за домашната екипа, по кој домашните израмнија на 1:1
ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ВТОРИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА И ГЛАВНИОТ СУДИЈА (досудено офсајд позиција)
Вториот помошен судија занесен во играта заборава дека во шеснаесетникот на Гостивар останува претпоследниот одбранбен играч на Гостивар и напаѓач на Вардар и се рамни со вториот претпоследен играч од ФК Гостивар кој е 10-15 метри понапред од претпоследниот, при тоа се додава топка до напаѓач на ФК Вардар кој е во дозволена позиција, а помошниот судија неоправдано го подига знаменцето и рекламира офсајд и е неоправдано прифатен од страна на главниот судија. Погрешна одлука на двајцата судии во овој момент.
ПОСЛЕ НАПРАВЕНАТА АНАЛИЗА ОД ОВОЈ МЕЧ, ГЛАВНИОТ СУДИЈА И ВТОРИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА СЕ СУСПЕНДИРААТ ДО КРАЈОТ НА СЕЗОНАТА И НЕМА ДА БИДАТ ДЕЛЕГИРАНИ НА НАТПРЕВАРИТЕ ОД 1. И 2. МФЛ.
На натпреварот ФК КАДИНО – ФК ВОСКА одигран на 09.04.2022, анализирани се две ситуации, во 35 и 64 минута.
Главен судија: Фуркан Идризи; Помошни судии: Јовчески Дарко и Идризи Идриз;
ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (досуден удар од 11 метра)
Играч од одбраната на ФК Кадино во вртење сакајќи да ја избие топката ја промашува и неспретно со интензитет го удира напаѓачот во сопствениот шеснаесетник (исправно досуден удар од 11 метри).
ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (не досуден удар од 11 метри)
Играч од нападот на Кадино беше во посед на топката, странично во шеснаесетникот на Воска. Од зад грб со интензитет и без да има шанса да игра со топката на него стартуваше одбранбен играч на Воска и со лактот го турна во пределот на грбот. Погрешна процена на судијата што дозволи играта да продолжи, во оваа ситуација мора да се досуди удар од 11 метри.
На натпреварот ФК ВЕЛЕШТА – ФК СИЛЕКС одигран на 09.04.2022, анализирана е ситуацијата во 67. минута.
Главен судија: Ѓуровски Кристијан; Помошни судии: Ивановски Бојан и Соклевска Елена;
ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (доделен црвен картон)
При еден недозволен старт од играчот со бр.4 на екипата на Велешта оправдано му беше доделен жолт картон, истиот играч незадоволен од одлуката, неспортски реагира и го плука главниот судија, кој потоа оправдано му доделува црвен картон за неспортски однос (плукање). Исправна одлука на главниот судија. Судиската комисија ги разгледа спорните моменти од 22. коло на 2. МФЛ – исток и ги донесе следните заклучоци:
На натпреварот ФК ДЕТОНИТ – ФК КОЖУФ одигран на 09.04.2022, анализирама е ситуацијата од 90+1 минута. Главен судија: Крумислав Ѓорѓиев; Помошни судии: Зоран Саздовски и Александар Гигов;
ДОБРА ПРОЦЕНКА НА СУДИЈАТА (досуден удар од 11 метри).
Играч на Кожуф центрира топка во шеснаесетникот на Детонит, голманот на Детонит ја одбива топката со раце и доаѓа до играч од нападот на Кожуф, кој пред да ја шутне топката несмасно и со интензитет е соборен од одбранбениот играч на ФК Детонит. Исправна одлука на судијата што досуди удар од 11 метри без дисциплинска мерка, бидејки е странично (со лице свртен кон пом.суд.) и не е во ветувачка позиција.
Напомена: Анализата од натпреварот ФК КАМЕНИЦА САСА – ФК КИТ ГО ќе биде објавена на 11.04.2022.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Скандал во Премиер лигата – Томас Парти обвинет за пет случаи на силување

Поранешниот фудбалер на Арсенал, Томас Парти, официјално е обвинет за пет обвиненија за силување и едно обвинение за сексуален напад врз три различни жени.
Обвиненијата се однесуваат на настани што се случиле помеѓу 2021 и 2022 година, пишува „Дејли меил“.
Репрезентативецот на Гана, чиј договор со Арсенал истече на 1 јули 2025 година, официјално ќе се појави пред Судот за прекршоци во Вестминстер на 5 август.
Ова сигурно ќе му го отежни наоѓањето нов клуб, ако воопшто продолжи да игра фудбал, по силните обвинувања што се упатуваат против него.
Истрагата започна во февруари 2022 година, кога една од жртвите ја започна „лавината“.
Подоцна ѝ се придружија уште две жени, кои презентираа докази врз основа на кои Обвинителството официјално покрена обвинение против Парти.
„Разбираме дека оваа вест ќе предизвика силни реакции. Наш приоритет останува да ги поддржиме жените кои имаа храброст да се јават“, рече инспекторот Енди Ферфи.
Парти играше за Арсенал во последните четири години, имајќи 130 настапи и постигнувајќи девет гола. Претходно поголемиот дел од својата кариера го помина во Атлетико Мадрид.
Фото/EPA-EFE/VINCE MIGNOTT
Спорт
Крсте Велкоски се врати во Сараево

Фудбалскиот клуб Сараево денес потврди дека Крсте Велкоски се вратил во клубот како технички директор.
Македонецот го носеше дресот на Сараево во два наврати, а го напушти Кошево во летото 2022 година кога се врати во Македонија.
Прво играше за Работнички, а потоа и за Македонија.
„Во својата нова улога како технички директор, Крсте ќе биде клучната врска помеѓу спортскиот директор, стручниот штаб на првиот тим и Академијата на ФК Сараево. Неговата задача ќе биде стратешки да ги поврзе сите сегменти од спортскиот развој на клубот, од младинските селекции до сениорскиот тим, со цел да се изгради јасна, препознатлива и долгорочно одржлива спортска филозофија“, објавија од Сараево и додадоа.
„Исто така, Велкоски ќе биде задолжен за соработка со играчите кои доаѓаат во ФК Сараево, со цел да им помогне да се адаптираат и да го разберат клубот и заедницата во која доаѓаат. Како човек кој изградил длабоки врски со ФК Сараево и неговите навивачи, Велкоски е пример за сите идни играчи.“
Велкоски првпат пристигна во Сараево на почетокот на 2014 година од Работнички. Две години подоцна замина во Јужна Кореја во Инчеон Јунајтед.
Се врати во „Кошево“ во летото 2017 година и остана следните пет години.
Во дресот на Сараево, овој 37-годишник одигра вкупно 236 натпревари во кои постигна 64 гола и додаде 43 асистенции. Со Сараево, тој три пати беше шампион на Босна и Херцеговина, а освои и три трофеи во Купот на Босна и Херцеговина.
Фото/ facebook.com/FudbalskiklubSarajevo
Спорт
Хорхе Мартин се врати на патеката

Актуелниот шампион во кралската класа, Хорхе Мартин, се врати на патеката по 81-дневна пауза. Шпанецот тестираше на патеката „Каталуња“ на супербајк мотоцикл.
Возачот на Априлија возеше само на една трка оваа сезона во Катар, каде што се здоби со фрактура на 11 ребра, што доведе до пневмоторакс, а претходно пропушти три трки поради фрактури на двете раце и едната нога.
Тестирањето во Монтмел е само првиот чекор за Мартин кон вистинско враќање на патеката, бидејќи неговите повреди сè уште не се целосно заздравени.
Медицинските прегледи дефинитивно ја исклучија можноста да вози следната недела на Големата награда на Германија, додека трката во Брно една недела подоцна во моментов е опција.
Следните прегледи што ќе ги има бранителот на титулата се закажани за следната недела.
Шампионатот во Мото ГП продолжува со Големата награда на Германија, на „Заксенринг“, од 11 до 13 јули.
Foto/ EPA-EFE/FAZRY ISMAIL