Спорт
Трансродовите спортистки на ОИ без да го намалат тестостеронот

Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ) смета дека нема потреба трансродовите спортистки да го намалуваат нивото на тестостерон за да се натпреваруваат со женските спортски категории, одлука што наиде на многу контроверзии.
Како дел од новата работна рамка пред Зимската олимпијада во Пекинг в година ИОЦ смета дека не треба да има предрасуди оти трансродовите жени (односно тие што се родени како мажи) имаат биолошка предност над женските ривалки. Претходно, ИОЦ бараше да се задржи нивото на тестостеронот под 10 n/mol на литар 12 месеци пред натпреварувањето.
Ова носи нов проблем, покрај биолошките предности што ги имаат трансродовите спортистки во мускулната маса и градбата на коските, бидејќи во превод значи дека тестостеронот веќе не е забранета супстанција за трансродовите спортисти, вели поранешната британска пливачка Шерон Дејвис.
„Како може тестостеронот да биде на листата на забранети супстанции, а да не биде проблем за оние што се родени мажи во женскиот спорт. Ова значи дека има фер спорт за мажите, но не и за жените“, вели Дејвис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Пике: Фудбалот воопшто не ми недостига

Поранешниот дефанзивец на репрезентацијата на Шпанија и играч на Барселона, Жерар Пике, зборуваше за својот живот по завршувањето на кариерата. Шпанецот беше искрен и сподели дека фудбалот во моментов не му недостига.
„Не ми недостига фудбалот. Тоа е многу чудно чувство. Како да поминав цел еден живот и сега живеам сосема поинаку“, изјави Пике.
36-годишниот Шпанец ја заврши кариерата на 1 јануари 2023 година.
Дефанзивецот одигра 616 натпревари за Каталонците, на кои постигна 53 гола и забележа 15 асистенции.
Неодамна тој се раздели со сопругата Шакира и започна нова љубовна врска.
Спорт
Хорнер: Ред Бул не е заинтересиран за Хамилтон

Шефот на тимот на Ред Бул, Кристијан Хорнер, беше категоричен дека во таборот на „биковите“ немаат интерес да го привлечат седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон.
Како што е познато, Британецот не е многу задоволен од моментната форма на тимот на Мерцедес, со кој освои шест од седумте титули.
Договорот на Хамилтон со „црните стрели“ истекува на крајот на оваа година, а доколку тимот на Мерцедес не покаже напредок во текот на сезоната, сосема е можно Хамилтон да бара алтернативен развој на кариерата.
„Она што Луис го постигна во Формула 1 е непобитно, но ние сме среќни со возачите што ги имаме сега. Тие имаат договори не само за оваа година, туку и за следната, така што немаме каде да го вклучиме Луис. Сигурен сум дека тие ќе ги решат нивните проблеми – ние сигурно сè уште не сме го отпишале Мерцедес. Слушаме работи за нивните подобрувања и сигурен сум дека ниту Ферари не се задоволни со нивната моментална позиција. Очекуваме силите да се израмнат кога ќе се вратиме во Европа“, изјави Хорнер.
Спорт
ФК Работнички се гордее со академијата: 16 фудбалери се дел од националните селекции на Македонија

Пауза во првенството поради настапот на репрезентацијата на Македонија во квалификациите за ЕВРО 2024. Фудбалскиот клуб Работнички истакна дека е горд што има претставник во А-тимот, преку голманот Игор Алексовски, а во моментот има дури 16 фудбалери од различни возрасни категории кои се дел од националните селекции на Македонија.
Во составот на Драги Канатларовски во репрезентацијата на Македонија до 21 година, Работнички е претставен од капитенот Димитар Тодоровски, Стефан Деспотовски и Матеј Ангелов.
Во моментот повикани се и поголем број фудбалери во селекциите на Македонија до 18, 17 и 16 години.
„Секако дека сме горди на оваа голема бројка репрезентативци. Работнички отсекогаш бил расадник на фудбалери кои играле во националните селекции, и сега во А-тимот има многу интернационалци кои во минатото беа дел од клубот, а наша посебна гордост е младинската академија која редовно ‘произведува’ нови репрезентативци“, изјави шефот на стручниот штаб, Милан Илиевски за официјалниот сајт на клубот.