Спорт
Тре Јанг го „поништи“ мечот на кариерата на Дурент
Атланта Хокс на домашен паркет го совлада Бруклин Нетс со 122:115 и со петтата последовна победа стигна до осмата позиција која ќе се обиде да ја задржи за пласман во плеј-офот. Бруклин Нетс сега паднаа на десеттото место, иако Кевин Дурент и Кајри Ирвинг играат одлично во последно време.
Вечерта ја одбележаа Тре Јанг и Кевин Дурент. Кевин Дурент постигна 55 поени што е негов рекорд во кариерата, но триумфот го однесе Тре Јанг.
Дурент погоди и рекордни осум тројки во кариерата, имаше и седум скока и три асистенции. Сепак, Тре Јанг беше победник на вечерта.
Неговиот тим ја загуби првата четвртина, но во втората го разби Бруклин и на полувреме замина со позитива од 15 поени. Предноста ја одржуваа во текот на целиот натпревар, а Бруклин Нетс во последната минута успеа да се врати во игра.
Јанг погоди тројка со шут над Ирвинг на 20 секунди до крајот и стави точка на натпреварот. Тој постигна 36 поени, имаше шест скока и десет асистенции.
Јанг во победата го следеа Хантер и Галинари со по 15 поени и Капела со 11 поени.
Кај Бруклин Нетс, покрај Дурент се истакна Кајри Ирвинг со 31 поен.
Мајами Хит оствари гостинска победа против Чикаго Булс славејќи со 109:127. Зек Левин постигна 33 поени, го следеше и Демар Дерозан со 26 поени, но немаа поддршка од останатите соиграчи во тимот.
Клеј Томпсон со 36 поени, пет асистенции и два скока го предводеше Голден Стејт до триумф од 111:107 против Јута Џез.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Олимпискиот шампион во скијачки скокови има фобија од височина
Германскиот ски-скокач Филип Рајмунд, кој јавно призна дека се плаши од височина, во понеделникот, освои олимписко злато, на малата скокалница, на Зимските олимписки игри Милано и Кортина.
Минатата година, токму поради неговиот страв од висина, тој беше принуден да се повлече од еден натпревар, за што отворено пишуваше на социјалните мрежи во тоа време.
„Многумина од вас веќе ме прашаа зошто не скокам, па еве објаснување. Како што некои од вас веќе знаат, имам страв од височина“, напиша Рајмунд на Инстаграм откако се повлече од натпреварот во Словенија минатиот март.
Потоа тој истакна дека најчесто успева да го држи тој проблем под контрола, и тоа, како што се испостави, беше случај и во финалето на Олимписките игри.
„Обично проблемот е што имам премногу сила во нозете и поради тоа моето движење е малку нестабилно. Па сега знаев дека само треба да се исправам и да го пуштам скокот да оди“, рече Рајмунд откако го освои златото.
Со најдобар скок од 106,5 метри и вкупно 274,1 поени, Германецот го победи Полјакот Качпер Томашак, кој освои сребро, додека Јапонецот Рен Никаидо и Швајцарецот Грегор Дешванден го поделија бронзениот медал.
Рајмунд пристигна на своите први Олимписки игри како шести скокач во светот. Пред ова натпреварување, неговиот најдобар резултат беше четвртото место на Светското првенство во екипна конкуренција, како и со само една победа во Светскиот куп, и тоа во мешана екипна конкуренција.
„Никогаш не сум победил на натпревар од Светскиот куп, а сега сум олимписки шампион и веројатно ќе бидам познат по тоа до крајот на животот, бидејќи имам златен медал. Навистина е неверојатно“, рече Рајмунд.
Foto/ EPA
Спорт
Историски триумф на Австријките во комбинација, фаворизираните Американки потфрлија
Австриските скијачки Аријана Редлер и Катарина Хубер испишаа нови страници во историјата, бидејќи станаа првите олимписки шампионки во тимска комбинација на Игрите во Милано и Кортина д’Ампецо.
Редлер скијаше во спуст, а Хубер слалом, и заедно постигнаа комбинирано време од 2:21,66 минути, што беше за пет стотинки подобро од Германките Кира Вајдл-Винкелман и Ема Ајхер.
За Хубер ова е второ олимписко злато, бидејќи пред четири години во Пекинг го освои најсјаниот медал во тимска конкуренција, а интересно е што во кариерата не стигна до ниту еден подиум во Светскиот куп.
Златото на Редлер во Кортина е најголемиот успех во нејзината кариера, но таа, од друга страна, има два подиума во Светскиот куп, двата во супервелеслалом.
На третото скалило од подиумот беа американските скијачки Жаклин Вајлс и Паула Молзан, кои беа 25 стотинки зад новите олимписки шампионки.
Најголемото изненадување на трката е секако фактот што првите фаворити за златото – Американките Бризи Џонсон и Микаела Шифрин, останаа без медал.
Новата олимписка шампионка во спуст, Џонсон ги искачи Американките на врвот по првата серија, меѓутоа, на тешката патека, Шифрин потфрли.
По првата серија, Џонсон беше шест стотинки пред Редлер, а по неа следуваше Италијанката Лаура Пировано. Сепак, италијанската скијачка по слалом Мартина Петерлини не успеа да ја заврши својата тројка, што им овозможи на Германките да се искачат на подиумот од шестата позиција, а потоа и на втората постава на Америка.
Кога дојде време за решавачкиот судир меѓу Австријките и Американките, Хубер скијаше доволно добро за да се избие во водство. Се очекуваше дека Шифрин без проблем ќе ја заврши работата. Сепак најдобрата скијачка на сите времиња, подлегна на притисокот, особено во вториот дел од патеката и на крајот не можеше да биде подобра од четвртото место.
Foto/ EPA
Спорт
Неверојатниот Клебо победи во спринтот
Јоханес Хесфлот Клебо го освои седмиот златен олимписки медал.
Фантастичен ден имаше Клебо во трката со спринт во класичен стил во крос-кантри на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина.
Клабо го освои второ злато на овогодинешните Игри, откако претходно победи во скијатлонот 10+10 километри. Во кариерата има седум златни олимписки медали, на вечната листа пред него, со осум е само неговиот легендарен сонародник, Бјорн Дели.
Клебо ја заврши последната трка за 3:39,74, пред Американецот Бен Огден, кој го следеше брилијантно и конечно ја помина целната линија со само 0,87 секунди заостанување. Огден беше деветти во оваа дисциплина пред четири години во Пекинг, а ова е неговиот прв олимписки медал во кариерата.
Бронзата оди во Норвешка, а ја освои Оскар Опстад Вике, кој беше 6,81 секунди зад шампионот. Ова е и првиот олимписки медал на Вике.
Во квалификациите во оваа дисциплина се појави и македонскиот репрезентативец, Ставре Јада. На крајот во конкуренција на 95 натпреварувачи, го освои 88-то место.
Foto/ EPA

