Спорт
Вавринка: Не уживам кога играм со Федерер, полесно ми е со Ѓоковиќ

Стен Вавринка може да се пофали со три гренд-слем титули во кариерата, но своите најголеми успеси ги оствари не во своите рани 20-ти години, туку веќе кога беше искусен тенисер.
Тој ја освои првата гренд-слем титула на 29 години победувајќи го Рафаел Надал во финалето на Австралија опен 2014. Вавринка потоа победи и на Ролан Гарос 2015 и на САД опен во 2016 и во интервју со „Хауте ливинг“ признава дека не било лесно да се игра со тенисери од „големата тројка“, Роџер Федерер, Надал и Новак Ѓоковиќ.
„Тоа беше најтешкото во мојата кариера, што сум во иста генерација како Федерер, Надал и Ѓоковиќ, кои победуваа секаде од млада возраст. Тоа беше тешко и никој не веруваше дека ќе најдам начин да ги победам. Тие беа речиси непобедливи и тоа беше вистински предизвик“, вели Вавринка.
Тој е добар пријател со освојувачот на рекордни 20 гренд-слем титули, но вели дека не ужива кога мора да игра со него.
„Уживам во делот што добро се знаеме и сме добри пријатели, тоа е сигурно. Но, да се игра против него, секогаш ми било многу тешко. Повеќе сакам да играм со Ѓоковиќ, бидејќи таму можам да имам поголема контрола на играта. Но, ако сакаш да си најдобар, треба да ги победиш најдобрите“, вели Вавринка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Одбраната на трофејот во Купот Вардар ќе ја почне против Новаци
Фудбалскиот клуб Вардар одбраната на титулата во Купот на Македонија ќе ја започне на домашен терен против Новаци.
Во Куќата на фудбалот со ждрепка беа одредни осминафиналните двојки. Се игра еден натпревар, а термините се 24.09.2025 и 29.10.2025.
Осминафинални двојки во Купот на Македонија:
Македонија ЃП – Струга Трим Лум
Охрид Лихнидос – Шкупи 1927
Вардар – Новаци
Башкими 1947 – Силекс
Шкендија – Тиквеш
Работнички – Брегалница 2008
Шкендија Арачиново – Пелистер
Беласица – Детонит Плачковица
Спорт
Парти инсистира дека е невин по обвиненијата за силување

Фудбалерот на Виљареал, Томас Парти, претпладнево се изјасни за невин кога се појави пред судот во Лондон, по обвиненијата за силување и сексуален напад.
Парти беше обвинет по пет точки за силување и едно обвинение за сексуален напад, поради спорни настани во 2021 и 2022 година. Обвиненијата се однесуваат на три жени.
Парти во тоа време беше член на Арсенал, а веќе една година англиските медиуми пишуваат за овој случај.
„Топџиите“ не го продолжија договорот со 32-годишникот, па тој го напушти клубот како слободен агент и се пресели во Шпанија со одобрение на судот.
Според условите што ги постави судот, Парти не смее да контактира со ниту една од трите жени, мора да пријави каква било промена на адресата во полиција и мора редовно да одговара на судските покани за сослушувања. Следното е закажано за 2 октомври.
Фудбалерот ги негира сите обвинувања.
Парти синоќа играше за Виљареал, против Тотенхем во првиот натпревар од Лигата на шампионите, на тереното влезе во 78-та минута, но не можеше да го спречи поразот на „Жолтата подморница“.
Парти е роден во 1993 година во Гана, а на 19-годишна возраст дојде во шпански Леганес. Набрзо се пресели во Атлетико Мадрид, во чиј прв тим беше од 2015 до 2020 година, исклучувајќи ги позајмувањата во Мајорка и Алмерија.
Тој беше член на Арсенал од летото 2020 година, кога клубот за неговиот трансфер на Атлетико му плати 50 милиони евра.
Foto/ EPA
Спорт
Јамал ќе го пропушти натпреварот во Њукасл

Напаѓачот на Барселона, Ламин Јамал, ќе го пропушти натпреварот на Барселона против Њукасл јунајтед во Лигата на шампионите во четврток на „Сент Џејмс Парк“ поради повреда на препоните, објави шпанскиот клуб.
Јамал се повреди додека играше за националниот тим, а тренерот на Барселона, Ханси Флик, жестоко го критикуваше селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте, дека во репрезентацијата не се грижеле за 18-годишникот, кој ја пропушти и победата во Ла Лига против Валенсија викендот.
Јамал постигна два гола и имаше три асистенции во три натпревари одиграни за Барселона оваа сезона.
Клубот објави дека, покрај Јамал, не можат да сметаат на Алехандро Балде и Гави, како и на Марк-Андре тер Штеген, но ќе го имаат на располагање Френки де Јонг.
Барса беше елиминирана во полуфиналето на Лигата на шампионите минатата сезона, додека Њукасл се врати во Лигата на шампионите откако не успеа да се квалификува за натпреварувањето минатата сезона.