Спорт
Вокер: Гундоган во последните месеци се претвори во Зидан

Дефанзивецот на Манчестер Сити, Кајл Вокер, го спореди играчот од средниот ред на „граѓаните“, Илкај Гундоган, со легендарниот Зинедин Зидан. Капитенот на Сити е во одлична форма, откако на последните два натпревари за тимот на Пеп Гвардиола постигна дури четири гола.
„Видов неколку објави на Твитер и се пошегував со Гундо за тоа како во последните неколку месеци стана како Зидан од најдобрите денови. Понекогаш треба да почнете да блескате и Илкај го направи тоа во вториот дел од оваа сезона“, изјави Вокер за официјалната веб-страница на Манчестер Сити.
Според медиумите во Шпанија, Барселона веќе има начелен договор со Гундоган за следната сезона.
Фудбалерот од средниот ред игра за Манчестер Сити од јули 2016 година и неговиот актуелен договор истекува на крајот од сезоната. Тој сезонава има 47 настапи во сите натпреварувања, постигна девет гола и седум асистенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Повредата на Мартин ги натера челнците на Мото ГП да сменат едно правило

Возачите во Мото ГП шампионатот кои пропуштаат најмалку три трки поради повреда ќе имаат можност да го тестираат својот прототип пред да се вратат на патеката. Новото правило беше воведено во прописите на Светското првенство по Големата награда на Шпанија, многу побрзо од очекуваното. Промената беше иницирана од Априлија со барање да му се дозволи на Хорхе Мартин да го тестира својот нов мотор, откако се повреди на првиот ден од предсезонските тестирања во Сепанг.
Откако ја освои титулата со Прамак Дукати, Мартин се пресели во Априлија, чиј мотоцикл го тестираше два дена по завршувањето на минатата сезона, и тоа само во Сепанг, каде што се здоби со скршеница на раката и ногата.
Шпанецот потоа ја скрши другата рака, поради што ги пропушти првите три трки од сезоната и се врати во Катар, каде што, за жал, доживеа уште една несреќа, во која се здоби со скршеници на 11 ребра, што доведе до пневмоторакс, поради што сигурно ќе отсуствува од патеката барем до јули.
Новото правило наведува дека доколку некој возач пропушти најмалку три трки или е отсутен од патеката 45 дена во кое било време од првиот тест до последната трка во сезоната – тој има право на еден ден тестирање пред да се врати на патеката.
Тој тест мора да биде организиран на патеката регистрирана од конструкторот според правилата за концесии или на која било патека каде што не е закажана трка до крајот на сезоната. Во секој случај, тестот не може да се организира во рок од осум недели пред трката на таа патека.
Дополнително, правилникот наведува дека користените гуми ќе се сметаат во рамките на распределбата на тест тимот на конструкторите за една сезона, а може да се користат максимум три сета.
Со оглед на моменталната ситуација, Мартин ќе има можност да направи тестирање пред да се врати на патеката, а реална опција за тоа е патеката „Анхел Нието“ во Херез, бидејќи таму трката се возеше пред две недели.
Во зависност од тоа кога ќе се врати на патеката, ќе има и други опции, како што е потенцијално тестирање на патеката во „Муѓело“, а секако и некои од патеките каде што Априлија има приватно тестирање.
Следната трка од шампионатот Мото ГП се вози претстојниот викенд на Големата награда на Франција во Ле Ман.
Спорт
Хасенхитл не го дочека крајот на сезоната во Волфсбург

Две кола пред крајот на сезоната во Бундеслигата, Волфсбург го отпушти тренерот Ралф Хасенхитл.
На Австриецот му пресуди серијата од осум натпревари без победа, по што Волфсбург се наоѓа на 12-то место на табелата, без шанса да се бори за пласман во европските натпреварувања.
Хасенхитл го наследи Нико Ковач на клупата на Волфсбург во март 2024 година, а неговиот последен натпревар беше токму против хрватскиот тренер, чија Борусија убедливо славеше во саботата со 4:0.
„Клоп од Алпите“ како што медиумите го нарекуваат Хасенхитл, претходната сезона успеа да го спаси Волфсбург од испаѓање од Бундеслигата, но оваа сезона резултатите на тимот се далеку по очекувањата.
Спорт
Синер излезе од „затвор“

Италијанскиот тенисер Јаник Синер официјално повеќе не е под суспензија. Денес му истече тримесечната суспензија, претходно изречена поради кршење на антидопинг правилата.
Иако беше суспендиран, Италијанецот не загуби многу, сè уште е прв во светот, со речиси 2.000 поени повеќе од второпласираниот Саша Зверев.
Првиот турнир на Синер по неговото враќање ќе биде Мастерсот во Рим, кој започнува оваа среда, а потоа ќе игра и во Хамбург, со цел да собере што е можно повеќе натпревари пред Ролан Гарос.
Според најавите, денес, тој ќе тренира на еден од терените на комплексот во Рим, а спаринг сесијата ќе биде отворена за јавноста, додека првиот натпревар по суспензијата ќе се игра во втората рунда, бидејќи е слободен во првата, во петок или сабота.