Спорт
Алкалоид го задржа ростерот на играчи, а со тоа и високите амбиции за Европскиот клупски куп во шах!

Еден од најважните шаховски настани во текот на годината е Европскиот клупски куп, турнир кој традиционално се одржува кон крајот на сезоната, но кој претставува епицентар на шаховските збиднувања поради интересот кој го побудува и квалитетот што го нуди. Популарно наречен шаховска верзија на Лигата на шампионите, ЕКК секоја година го собира кремот, но не само од Европа.
Шаховскиот клуб Алкалоид неколку децении го гради својот имиџ доминирајќи на домашно тло, а веќе има и повеќедецениска традиција на учество на ЕКК, при што во три наврати беше освојувач на медали: во 2016 година беше шампион на Европа, а во 2017 и во 2024 година вицешампион. Евидентно и јасно видливо е управувањето и водењето на клубот од најдобрата македонска компанија „Алкалоид“ АД со пресликување на корпоративните искуства и знаења во клубот.
Оваа година на грчкиот остров Родос ќе се игра јубилејното 40-то издание на главниот/отворен ЕКК (може да учествуваат машки, мешани и женски тимови), на кое е пријавен и Алкалоид, а паралелно ќе се игра и 29-тото издание на женскиот ЕКК (учествуваат само женски тимови). Според објавените состави, оваа година конкуренцијата за највисок пласман на ЕКК е најсилна во последните 10-ина години. Пет тимови се издвојуваат според просечниот рејтинг на играчите од својот тим, притоа со повеќе од 2700 се BayeganPendik (Турција) и Алкалоид, а веднаш до нив со просечен рејтинг над 2600 се SuperChess (Романија), Novy Bor (Чешка) и Tuxera (Унгарија). Фактор повеќе е што оваа година има рекорден број на учесници од 101 тим (односно од 20 тимови кај дамите).
Во тимот на ШК Алкалоид има само две измени, односно:
– во составот ќе настапат индиските велемајстори Arjun Erigaisi (2797), Chithambaram Aravindh (2711) и Abhimanyu Puranik (2615); кинеските велемајстори Yi Wei (2754) и Yangyi Yu (2720); српските велемајстори Aleksandar Inđić (2618) и Velimir Ivić (2628), како и македонскиот интернационален мајстор Тони Лазов (2382);
– Erigaisi i Wei се во топ 10 од светската елита, Yu и Aravindh во топ 30, додека, пак, Inđić, Ivić и Puranik во септември беа во топ 100;
– Yu има фантастичен настап за Алкалоид на ЕКК со освоени пет медали (три злата и две бронзи) за резултатот на својата табла, додека, пак, на своите први настапи минатата година за Алкалоид Erigaisi на првата табла освои злато, а, пак, Aravindh на четвртата табла бронза;
– српските велемајстори како репрезентативци на Србија ја освоија европската шампионска титула во 2023 г., а Inđić следната година стана европски шампион во поединечна конкуренција. За Алкалоид настапуваа и на екипните државни првенства во 2021 (Inđić), односно во 2023 (Ivić) година. Првпат за алкалоидовата екипа на ова најсилно европско клупско натпреварување ќе настапат Puranik и Лазов, објаснува капитенот на тимот, велемајсторот Влатко Богдановски.
Вака компонираниот тим на ШК Алкалоид првично имаше највисок рејтинг (2701) според септемвриската листа на ФИДЕ, но во октомври ситуацијата се промени, па сега турскиот клуб Бајеганпендик е во минимална предност со нешто повисок рејтинг (2711). Минатогодишните ривали кои беа први носители – SuperChess и актуелниoт шампион Novy Bor – заедно со другите добропознати и мошне силни клубови од Унгарија, Израел, Азербејџан и од Турција, ја заокружуваат листата на клубови со високи амбиции, но и со подеднакво талентирани шахисти во своите состави. Така, актуелниот светски првак Dommaraju Gukesh (2752) ќе биде дел од тимот на SuperChess, Anish Giri (2.759) ќе го предводи BayeganPendik, а, пак, Vincent Kreymer (2755), кој, исто така, е дел од топ 10 според рејтингот, ќе игра за Novy Bor.
– Архитектурата на нашиот состав е обмислена и соодветно селектирана, па ја имаме онаа хомогеност што ја посакуваме. Алкалоид не е клуб кој наддава на отворениот пазар, туку доаѓа до најдобрите благодарение на својот сериозен пристап и на посветеноста, кои се манифестираат со длабока аналитичност при изборот и водењето на тимот на ЕКК. Очекувам Puranik да се вклопи во тимот и да го даде својот максимум, со што би го постигнале посакуваното ниво. Како и секогаш, просечниот рејтинг не одлучува и од пракса знаеме дека конкурентите се во ситуација рамноправно да се борат за врвот. Ние секогаш одиме на медал и ретко се случува како минатата година да има две непоразени екипи на крајот од турнирот, но факт е дека и оваа година ќе одлучуваат многу фактори, како на пример моменталната инспирација, свежината… За Лазов е мошне важно неговото шаховско созревање, но и тоа да ја почувствува атмосферата на ова најсилно европско натпреварување. Очекуваме во иднина да ја освои и велемајсторската титула по минатогодишната титула државен првак и по освоениот медал на Олимпијадата на својата табла.
Во секој случај, се надеваме и посакуваме да ја оправдаме поддршката што ја добиваме и да ја продолжиме успешната низа со нов медал, додава ВМ Богдановски.
Ако погледнеме наназад и ако направиме анализа и споредба на успешноста во европски рамки, Алкалоид се вбројува меѓу 10-те најуспешни европски клубови во историјата на овие натпревари. Кога станува збор, пак, за најсилното државно екипно првенство, екипата е со фантастичен резултат од 13 последователни шампионски титули во последните 13 години, односно вкупно 27 шампионски титули од 33 првенства (од 1992 до 2025 година). Со одличните резултати во државни и во европски рамки, шаховскиот клуб се вбројува во неколкуте најуспешни спортски клубови во македонската историја.
Мечевите од првото коло на 40. издание од Европскиот клупски куп започнуваат на 19 октомври во 15 часот по локално грчко време. Темпото на игра предвидува 90 минути за првите 40 потези, со додавање уште 30 минути.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Мерцедес ги потврди Расел и Антонели за наредната сезона

Тимот на Мерцедес потврди дека Џорџ Расел и Андреа Кими Антонели ќе возат за тимот и следната сезона.
Потврдата за останувањето на двајцата возачи беше само прашање на време, а беше одложена поради продолжените преговори во врска со обврските на Расел надвор од патеката.
Британецот е производ на програмата на Мерцедес за млади возачи, а следната сезона ќе биде негова осма во Формула 1, петта во германскиот тим. Во тековниот дел од сезоната, Расел постигна резултати над очекувањата, бидејќи постигна исклучителни победи во Канада и Сингапур, а најмногу е заслужен за фактот дека Мерцедес моментално е втор во конкуренцијата на конструктори.
„Многу сум горд што ја продолжуваме нашата авантура заедно. Следната година ќе биде 10-та година откако потпишав за Мерцедес. Досега беше долго и успешно партнерство и едвај чекам да видам што нè очекува, особено затоа што се соочуваме со една од најголемите промени на правилата во историјата на спортот. Фокусирани сме на успех и, според мене, да продолжиме по најдобрата сезона во мојата кариера“, рече Расел.
It's official 😉
We are delighted to confirm that George Russell and Kimi Antonelli will continue as the team’s driver line-up into 2026
— Mercedes-AMG PETRONAS F1 Team (@MercedesAMGF1) October 15, 2025
Антонели го наследи Луис Хамилтон во тимот оваа година, а неговата дебитантска сезона досега беше полна со подеми и падови. Во одредени моменти му недостасуваше самодоверба, имаше проблем со сигурноста, но знаеше и како да блесне, па ги заврши последните две трки меѓу првите пет.
Во текот на летото, имаше одредена неизвесност дали Мерцедес ќе ги задржи сегашните возачи, бидејќи се шпекулираше дека Макс Ферстапен би можел да го напушти Ред Бул.
Следната сезона, патем, означува почеток на нова ера во Формула 1, а таа започнува со Големата награда на Австралија на 8 март.
Остануваат уште шест трки во сезоната, а првата следна е Големата награда на САД овој викенд во Остин.
Спорт
Де Јонг го продолжи договорот со Барселона

Холандскиот фудбалер Френки де Јонг потпиша нов договор со Барселона, кој ќе го задржи на „Ноу Камп“ до 2029 година, објави каталонскиот клуб.
„Френки де Јонг ја продолжи соработката со фудбалскиот клуб Барселона до 2029 година. Холанѓанецот потпиша нов договор во среда во седиштето на клубот, во присуство на претседателот Џоан Лапорта, потпретседателот Рафаел Јусте, членот на одборот Џоан Солер, спортскиот директор Андерсон Луис де Соуза Деко, координаторот Бојан Кркиќ и други членови на спортската комисија“, се наведува во официјалното соопштение.
Како што објавија шпанските медиуми, новиот договор предвидува зголемена откупна клаузула, која сега изнесува 500.000.000 евра.
Де Јонг пристигна во Барселона од Ајакс во 2019 година.
За време на престојот во Барселона, тој ја освои титулата шампион на Шпанија, Купот на Кралот и Суперкупот.
Спорт
Чесите му врачија отказ на Иван Хашек

Иван Хашек (62) повеќе не е селектор на чешката фудбалска репрезентација, одлучи Чешката фудбалска асоцијација по неочекуваниот пораз од Фарските Острови во квалификациите за Светското првенство.
Хашек го презеде водството на чешката репрезентација во јануари 2024 година и во 21 натпревар оствари 11 победи, пет нерешени и пет порази. Неговиот наследник сè уште не е именуван.
Во неделата, Фарските Острови изненадувачки ја победија Чешка со 2:1, која три дена претходно во Прага одигра нерешено 0:0 со Хрватска.
Поранешната чешка фудбалска ѕвезда Павел Недвед го нарече настапот на Чесите против Фарските Острови „неприфатлив“, а медиумите го оценија како „срамен“ и истакнаа дека „изгубиле од рибари и столари“, алудирајќи на полупрофесионалниот статус на фарските фудбалери.
Бидејќи Чесите се втори во групата Л, со три бода помалку од водечката Хрватска, која има 16 бода и натпревар помалку, директен пласман на Светското првенство во 2026 е невозможен. За да ја престигнат Хрватска, на Чесите им е потребна исклучително убедлива победа против Гибралтар, како и порази од екипата на Златко Далиќ од Фарските Острови и Црна Гора.
За Чешка, победа против претпоследниот Гибралтар на 17 ноември би можела да обезбеди место во дополнителните квалификации. Три дена пред таа средба, тие играат пријателски натпревар против Сан Марино.