Македонија
(Видео) Дебата: Секоја амнестија и насока за менување на обвинението е упад во правосудството

Секоја амнестија или аболиција претставува упад, односно мешање во судската власт бидејќи законите се обврзувачки за Обвинителството и за судствто, согласни се адвокатот Константин Кратовалиев и поранешниот обвинител Александар Наков во дебатата на „Макфакс“. Тие оценуваат дека со предложениот закон за амнестија на дел од обвинетите за настаните од 27 април во суштина станува збор за аболиција, која е во план да се спроведе додека трае судскиот процес. Според Кратовалиев, амнестијата е институт што постои повеќе од две илјади години и во основа значи мешање на политиката во правосудството, но во законска форма.
„Секое законско решение што ќе го понудат е обврзувачко за Обвинителството и за судството што ќе постапува и ќе мора да го почитуваат. Се разбира дека законските решенија ќе имаат соодветни квалификации во однос на делото. Секое менување одредба на членот во која било фаза од постапката значи преквалификација де факто“, вели Кратовалиев и додава дека со аболицијата што се промовира не постои правна пречка да биде применета во која било фаза.
Според Наков, се работи за класичен пример на мешање на законодавната во судската власт.
„Ние ќе дојдеме во ситуација обвинителот да има врзани раце да мора да постапува по новиот закон, дали ќе го крстиме преквалификација или не, јас би рекол правецот ќе го даде новиот закон. Затоа, аболицијата се однесува на кривичното дело, меѓутоа за неодреден број учесници во настанот за разлика од помилувањето кога точно се знае лицето. Можеби самата амнестија е политички акт, политиката наоѓа време и место да реагира, но мора да се внимава при донесување на законот“, смета Наков.
Посебен феномен, според Кратовалиев, кој досега не е познат во правниот и политичкиот систем, е што жртвите во случајот се тие што промовираат и одлучуваат за амнестијата за, како што вели, повисоки цели. Наков, пак, е скептичен дека селективната амнестија ќе доведе до посакуваното помирување бидејќи може да направи дополнителни поделби и да внесе незадоволство кај дел од граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Инспекторите утврдија дека немало прекршувања за гласањето во скафандери

Не се констатирани неправилности и протоколите се обезбедни од страна на Собранието, извести Државниот инспекторат за труд по направениот вонреден надзор, откако двајца пратеници позитивни на Ковид-19, викендов, гласаа во законодавниот дом со скафандери.
Наздорот покажал дека претседателот на Собранието и службите целосно ги следеле протоколите за работа на седницата одржана на 18 април.
Инпекторите извршиле увид во работните простории на Собранието, канцелариите, ходниците, лифтовите, помошните простории, влезовите и излезите во кои работат вкупно 264 вработени.
Дел од надзорот биле и посебните простории во кои гласаа изолираните пратеници.
Во неделата во Собранието гласаа двајца пратеници на СДСМ позитивни на Ковид-19, кои дојдоа во скафандери и беа изолирани во посебни простории. Тие објаснија дека дошле за да дадат поддршка и да обезбедат кворум за петтиот пакет економски мерки за помош на стопанствениците и граѓаните, кои два месеца се заглавени во Собранието. Нивното присуство беше потребно само за 32. седница, на која беа изгласани 21 закон, а за кои пратениците на ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека нема да гласаат оти не се во интерес на граѓаните, туку служат само за покривање на криминалните афери на СДСМ и ДУИ. За законите на 32. седница гласаа 62 пратеници, а кога на дневен ред стигна 36. седница со економските мерки, пратениците од опозицијата влегоа во салата и за нив гласаа 115 пратеници. Опозицијата поднесе кривични пријави за гласањето.
Македонија
МОН: Во ниту еден случај нема да дозволиме ученик да остане без учебник

Министерството за образование и наука потсетува дека, како што и беше најавено, од следната учебна година ќе се примени комбиниран начин на учење кој подразбира употреба и на печатени и на дигитални учебници, се наведува во реакцијата на МОН на прес – конференцијата на претставничката на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ Весна Кусакатска, која вели дека ќе се укинат печатените учебници.
„Имено, за учениците од прво до трето одделение и натаму ќе се обезбедуваат печатени учебници, бидејќи тоа е период во кој треба да се развие однос кон на детето кон книгата. Додека за учениците од четврто и погорните одделенија прва опција ќе бидат дигиталните учебници, имајќи предвид дека кај нив веќе се развиени вештините за примена на ИТ технологија и електронски алатки. Но доколку по нивна волја, учениците се изјаснат дека сакаат наставата да ја следат од печатен учебник, тоа ќе биде овозможено. Додека лектирите и понатаму ќе бидат достапни само во печатена форма“, велат од МОН.
Министерството за образование и наука, додаваат од таму, во ниту еден случај нема да дозволи било кој ученик да остане без учебник независно дали е тоа електронски или печатен.
„Образованието е загарантирано право на секој ученик и ние тоа го обезбедуваме и го надградуваме. Дискриминацијата е појава во образованието за која се зборуваше во минатото, а сега веќе целосно се елиминира. Актуелната влада и Министерството за образование и наука интензивно работат на инклузивноста во образованието. Во таа насока, за првпат во учебната 2021/2022 година сите учебници ќе бидат достапни во аудио формат и на Брајово писмо за потребите на учениците со оштетен вид. Преку новиот Закон за учебници ги бришеме нелогичностите во содржините за кои, за жал во некои други времиња немаше реакции и со децении беа уништувани генерации на ученици“, пишува во реакцијата на МОН.
Новиот Закон за учебници, додаваат од таму, има строго утврдени правила по кои ќе се одобруваат и печатат книгите.
„Министерството за образование и наука нема да дозволи несоодветни содржини да бидат дел од материјалот кој го изучуваат ученици. Во иднина наместо дискриминирачки и омаловажувачки текстови ќе зборуваме за квалитет“, се наведува во реакцијата.
По однос на изнесувањата дека 10 проценти од учениците не се вклучени во наставата, МОН вели дека се работи за апсолутна невистина, бидејќи преку хибридниот модел на настава (со физичко присуство, онлајн настава, достава на печатени материјали и едукативни емисии на МТВ) правото на образование никому не е скратено.
Македонија
Град Скопје: Нема повеќе субвенции за електричен тротинет

Поради големата заинтересираност на граѓаните за субвенциите за купување електрични тротинети и исполнување на предвидените средства, Градот Скопје известува дека овој јавен повик е затворен.
На јавниот повик на Град Скопје за доделување субвенции за купување електричен тротинет граѓаните можеа да се пријавуваат електронски и да доставуваат фискални сметки за купен електричен тротинет од почетокот на годинава, поточно од 1 јануари 2021 година.
Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 30% од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Повикот се спроведува по принципот „прв дојден – прв услужен“.
Во буџетот на Град Скопје за 2021 година за субвенции за електрични тротинети се предвидени 1,5 милиони денари.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Регион5 дена
„Фајзер“, „спутник В“ или „Синофарм“ – истражување во Србија покажа која вакцина штити најбргу
- Економија3 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Црна хроника3 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?