Свет
Австриската министерка која танцуваше со Путин на врвот на најголемата руска нафтена компанија

Руската влада ja номинира поранешната австриска министерка за надворешни работи од ултрадесничарската Партија на слободата, Карин Кнајсл, за член на Управниот одбор на најсилната и најголема руска државна нафтена компанија „Роснефт“, пишува московски „Комерсант“.
Карин Кнајсл, всушност, стана најпозната кога рускиот претседател Владимир Путин дојде на нејзината венчавка со претприемачот Волфганг Мелингер во август 2018 година, а фотографијата од нивниот заеднички танц го обиколи светот.
Во тоа време малкумина во Европа се дружеа со Путин поради анексијата на украинскиот полуостров Крим, па тогашната австриска влада доживеа многубројни критики од Брисел. Но, очигледно шефот на Кремљ не ја заборавил таа мала услуга за излегување од изолација, па сега одлучи да ја постави својата партнерка за танцување на врвот на една од најсилните светски компании за нафта.
Кнајсл, позната по своите десничарски и антиимиграциски ставови, ја критикува германската канцеларка Ангела Меркел за небрежност за време на тогашната мигрантска криза, а потоа ја нападна за нејзините селфи со бегалците од Блискиот Исток.
Исто така, предизвика бура ставови, во кои, наводно, ги спореди ционизмот и нацизмот, што предизвика големи полемики во јавноста. Кнајсл беше новинарка, зборува седум јазици – арапски, англиски, француски, шпански, хебрејски, унгарски и италијански и работеше осум години во канцеларијата на поранешниот австриски министер за надворешни работи, Алојз Мок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл

Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл и за помалку од две минути украдоа накит и луксузни предмети во вредност од околу два милиона долари, соопшти полицијата.
Настанот се случил во четвртокот попладне, а надзорните камери снимија како осомничените со чекани ги разбиваат заклучените стаклени врати и за 90 секунди празнат шест витрини. Меѓу украдените предмети се наоѓаат и „Ролекс“ часовници со проценета вредност од 750.000 долари и смарагдна огрлица вредна 125.000 долари, објави Еј-Би-Си њуз.
За време на грабежот, еден од напаѓачите им се заканувал на вработените со спреј против мечки и електрошокер, но никој не бил повреден.
„Длабоко сме потресени како вработени. Продавницата ќе биде затворена извесно време“, изјави потпретседателот на семејната златарница Џош Минаше.
Полицијата пристигнала веднаш по дојавата, но сторителите веќе избегале со возило и засега се недостапни за законот.
Свет
Макрон повика на зголемен притисок врз Москва за да се стави крај на војната во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска повика на зголемен притисок врз Москва за да се стави крај на војната во Украина, по самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин во Анкориџ, Алјаска.
Во објава на социјалната мрежа Х, Макрон истакна дека заедно со европските колеги смета оти е неопходно да се одржи притисок врз Русија сè додека нејзината инвазија врз Украина не заврши и не се постигне траен мир што ги почитува правата на Украина.
Тој нагласи дека цврстиот мир мора да биде проследен со непоколебливи безбедносни гаранции.
„Ja поздравувам подготвеноста на СAD да придонесат во овој процес“, напиша Макрон, додавајќи дека за конкретен напредок е потребна нова средба на „Коалицијата на podgotvenite“, алијанса од околу 30 земји предводена од Велика Британија и Франција, која ја поддржува Украина.
Макрон, исто така, повика на извлекување поуки од последните 30 години, особено од „ добро познатата тенденција на Русија да не ги почитува своите обврски“.
Разговорите во Анкориџ меѓу Трамп и Путин беа опишани како продуктивни, но не беа објавени конкретни резултати.
Свет
Орбан вели дека светот е побезбедно место по средбата меѓу Трамп и Путин

Светот е побезбедно место по средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин во Алјаска, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Со години гледавме како двете најголеми нуклеарни сили ја елиминираат рамката на нивната соработка и си испраќаат пораки едни на други“, напиша Орбан на Фејсбук.
Тој додаде дека сега таа практика е завршена.
„Светот денеска е побезбедно место отколку што беше вчера“, рече Орбан.
Светските лидери денес реагираа на самитот меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин, а како што објавија медиумите, реакциите беа поделени – некои го критикуваа недостатокот на конкретни резултати, додека други ја нагласија важноста на самиот дијалог.