Свет
Берлускони уште во 2014 знаел што ќе се случи

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони имаше јасни идеи за меѓународната политичка сцена и нејзината иднина уште во 2014 година.
Пријателот на рускиот претседател Путин ги предвиде денешните настани пред другите, велејќи дека ќе се врати Студената војна, дека односите помеѓу Истокот и Западот ќе замрзнат и дека ќе има недостиг од гас.
Кога руската армија го окупираше Крим пред осум години и го одвои полуостровот од Украина, референдумот покажа дека има голем број русофили кои се за приклучување кон Русија, но меѓународната заедница никогаш не го прифати тоа и воведе економски санкции кон Русија.
„Тоа е грешка што ‘ја разбуди заспаната гордост на руската армија, го погоди имотот на 400 богати Руси кои повеќе нема да трошат пари во ЕУ и сè повеќе ќе ги продаваат своите куќи на Запад“, рече тој, додавајќи дека не треба да „продолжиме со нов пакет санкции, бидејќи така ќе се вратиме не само на Студената војна туку и на Ледената војна – нема да имаме ниту руски гас“!
Берлускони е пријател на Путин повеќе од дваесет години, а се сретнале многу пати и приватно и институционално.
Поранешниот италијански премиер не се огласува и не сака да го коментира конфликтот меѓу Русија и Украина. Постојат претпоставки, според италијанските медиуми, дека Берлускони ги активирал сите свои меѓународни контакти, особено оние во Франција и Русија, со надеж дека дијалогот ќе се врати.
Сепак, Берлускони повеќе не е во центарот на политичките случувања во Италија, иако многумина би сакале да биде, бидејќи тој би можел да има клучна улога во приближувањето на позициите до мирот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Бугарија нема да отстапи од ветото без согласност на парламентот

Го потврдивме ветувањето дека темата за Северна Македонија задолжително ќе помине преку Народното собрание, изјави портпаролката во кабинетот на премиерот Кирил Петков, Лена Бориславова по завршувањето на вонредниот коалициски состанок.
„Коалицијата ќе дејствува обединето, но оставете експертите да работат и да најдат најдобар начин да ја претстават бугарската позиција и да ја заштитат“, рече таа додавајќи дека за нив е важно да го бранат својот став.
„Ова нема да биде влада која ќе го предаде националниот интерес. Кога ќе имаме одлука и извештај на МНР кое известува за напредокот на бугарската позиција, ќе имаме предлог до Народното собрание. Во оваа фаза не сме таму“, додаде Бориславова, пренесе „Бтв.бг“.
Станислав Балабанов од Има таков народ рече дека секоја партија се согласила дека патеката по која Бугарија треба да оди е една во овој случај.
„Се надеваме во иднина на позитивни акции од Скопје“, рече Балабанов.
Европа
Кипар од 1 јуни ќе ги укине сите мерки за корона

Кипар ќе ги укине сите ограничувања за коронавирусот од 1 јуни, соопштија денеска властите во Никозија.
Нема да бидат потребни повеќе сертификати или тестови за вакцинација, а владата одлучи да ја укине обврската за носење маски за лице во сите затворени простори, освен во болниците, домовите за стари лица и другите затворени медицински установи, од 1 јуни, пренесува АП.
Европа
Кадиров: Полска може да биде следна

Лидерот на руската јужна провинција Чеченија, Рамзан Кадиров, кој е поддржан од Кремљ, објави видео во кое предупредува дека Полска би можела да биде следна по Украина, пренесува Бета.
Во видеото што го објави на својата страница на Телеграм, Кадиров рече дека Украина е „завршена работа“.
Полска, која граничи со Украина, од почетокот на руската инвазија на Украина и испраќа оружје и друга помош и досега прими милиони украински бегалци.
Кадиров потоа го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски „конечно да се вразуми“ и да ги прифати условите понудени од рускиот претседател Владимир Путин.
Кадиров постојано ги користеше социјалните мрежи за да се пофали со наводните настапи на чеченските борци против украинските војници и да дава други непотврдени изјави за војната во Украина, пренесе „Бета“.