Свет
Бизарна прес конференција на Трамп

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави денес пред медиумите дека само неколку негови претходници поминале повеќе закони од него, иако во Конгресот не помина ниту еден битен закон откако тој е на функцијата.
Денешната прва заедничка средба со сите членови на кабинетот медиумите ја нарекоа бизарна, срамна, патетична и во советски стил, поради бројните фалби што Трамп си ги упати самиот на себе, пред да почнат да го фалат државните секретари.
“Никогаш немало претседател, со неколку исклучоци, кој поминал повеќе закони и кој завршил повеќе работи“, изјави Трамп пред новинарите.Тој го пофали и својот план за даночни измени како “најголемо намалување на даноците во американската историја”, иако тој се уште не фигурира како формален предлог и Конгресот не се изјаснувал за него. Тој оцени исто така дека “никој не верувал и не очекувал дека неговиот избор ќе отвори толку многу работни места за седум месеци, околу милион и сто илјади, иако претходните седум месеци биле отворени уште повеќе.
По него дојдоа фалбите од соработниците. Прв беше Мајкл Пенс, неговиот потпретседател, кој изјави дека можноста да му служи на Трамп е “најголемата чест во неговиот живот “.
“Чест ми е да бидам тука”, изјави јавниот обвинител Џеф Сешн, кој неодамна ја понуди својата оставка поради притисоците повразани со истрагата за Русија..
“Ви ја симнувам капата”, му рече на Трамп државниот секретар за енергетика, Рик Пери, осврнувајќи се на одлуката САД да се откажат од глобалниот договор за климатските промени..
“Ви благодариме за можноста и благословени да сте што ни овозможивте да служиме на вашата агенда и на американскиот народ”, изјави шефот на кабинетот Рејнс Прибус , кој е предмет на извештаи дека Трамп сака да му даде отказ..
Спектаклот беше толку необичен што лидерот на демократите во Сенатот, Чарлс Шумер и неговите помошници направија видео потсмевајќи се на овој прв заеднички состанок на кабинетот пред јавноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Фицо разговараше со Мерц: Предлогот за суспендирање на испораката на руски гас е идеолошки и штетен

Словачкиот премиер Роберт Фицо разговараше по телефон со германскиот канцелар Фридрих Мерц за рускиот гас и антируските санкции и го пофали конструктивниот пристап на Европската комисија (ЕК) кон резервите на Словачка во врска со предложеното суспендирање на увозот на гас од Русија од 2028 година, но истакна дека предлогот за суспендирање на испораката на руски гас е „идеолошки“ и „штетен“.
„Верувам дека предлогот на ЕК за суспендирање на испораката на руски гас е идеолошки и штетен за целата ЕУ, а особено за Словачка, која по децении транзит на руски гас е на крајот од цевката без гас и директен пристап до терминали за течен гас. Овој предлог од ЕК, чие усвојување бара само квалификувано мнозинство, дополнително ќе ја оштети конкурентноста на целата ЕУ и ќе доведе до зголемување на цените на гасот за словачките домаќинства и индустријата“, истакна Фицо.
Фицо додаде дека доколку Словачка нема доволно гаранции за минимизирање и надоместување на штетата предизвикана од предлогот на ЕК за запирање на протокот на руски гас, ќе побара одложување на гласањето за 18-от пакет антируски санкции, за што е потребна согласност од сите земји-членки на ЕУ, пренесува TASR.
Регион
Мајка им давала на децата желе бомбони направени од канабис: уапсена 29-годишна жена во Грција

Полицијата во Ираклион, на грчкиот остров Крит, уапсила 29-годишна жена за која постои сомнение дека им дала на своите деца, на возраст од 14 и 10 години, препарати со канабис во форма на желе бомбони.
По консумирањето, децата се чувствувале лошо и биле префрлени во Универзитетската болница во Ираклион, каде што биле хоспитализирани на детското одделение, објавува грчкиот весник „Катимерини“.
Директорот на болницата, Јоргос Халкиадакис, изјавил дека нивната здравствена состојба е добра.
Жената, која работи во хотел, наводно изјавила дека пронашла желе бомбони во хотелскиот простор и, мислејќи дека се обични слатки, им ги дала на децата.
Предметот на истрагата го води Пододделот за сузбивање и истрага на кривични дела во Ираклион.
Се очекува резултатите од истрагата да фрлат повеќе светлина врз тоа дали мајката ја кажувала вистината, а доколку е така, да откријат како бонбоните стигнале до хотелот и дали имало некакви пропусти во безбедносните процедури.
Свет
ЕУ лансира нова платформа за вработување работници надвор од Унијата

Базата на таленти на Европската Унија (ЕУ), платформа за вработување што ги здружува работодавачите со седиште во ЕУ и граѓаните на земјите што не се членки, влезе во понатамошни преговори со европските законодавци, објави денес истражувачкиот центар во Брисел „Институт Егмонт“.
Платформата, која колоквијално се нарекува Тиндер за баратели на работа, алудирајќи на популарната апликација за запознавање и поврзување на луѓе, се преплетува со неколку други иницијативи на ЕУ, што ја зголемуваат конкурентноста на земјата преку пазарот на трудот, според написите на медиумите во регионот.
Базата на таленти беше претставена како дел од Пакетот за мобилност на вештини и таленти и треба да им помогне на работодавачите да ги пополнат празните работни места, како и да го решат недостатокот на работни места во секторот, и да им помогне на граѓаните од земјите што не се членки на ЕУ да најдат работа на стандардизиран и предвидлив начин во земјите-членки на Унијата.
Работодавачите во ЕУ, тврдат дека имаат тешкотии во наоѓањето кандидати, особено во малите и средните претпријатија, а околу 74 проценти од нив изјавиле дека во моментов се соочуваат со недостаток на квалификувани работници на барем една позиција во нивната компанија.
Земји како Белгија, Италија и Холандија имаат проблем со вработувањето долго време, а тој се дуплираше во последните пет години.