Свет
Велика Британија воведува мерки против поединци што ја поддржуваат Русија
Британија ќе им забрани влез на поединци кои ја поддржуваат Русија или се збогатиле преку бизнис во земјата, објави денеска британската влада, три години по почетокот на војната во Украина.
Вестминстер додаде дека поединци со пристап до највисоките нивоа на руската влада, вклучително и политичари, владини претставници во Москва и бизнисмени, исто така ќе бидат санкционирани, пренесува Ројтерс.
Во соопштението се нагласува дека целта на новите ограничувања е да се надополнат постојните санкции на Велика Британија против руската „елита“.
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами претходно изјави дека ќе објави список на мерки како дел од новиот, голем пакет санкции против Русија, пренесоа денеска британските медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Поранешниот шеф на крипто берза пронајден мртов во ќелија, беше осуден на 11.196 години затвор
Триесет и двегодишниот, Фарук Фатих Озер, поранешен извршен директор на неуспешната крипто берза „Тодекс“, беше пронајден мртов во неговата затворска ќелија во западниот турски град Текирдаг вчера, објави државниот радиодифузер ТРТ.
Истрагата е во тек, а службените лица се фокусираат на можноста Озер да извршил самоубиство. Според турските медиуми, неговото тело го откриле затворските чувари за време на утринска проверка.
Турските обвинители наредија целосна истрага, вклучително и испрашување на затворскиот персонал и анализа на безбедносните камери. Телото на Озер беше испратено во Истанбулскиот институт за судска медицина на обдукција за да се утврди точната причина за смртта.
Озер беше уапсен во Албанија на 30 август 2022 година по сензационално бегство што ја шокираше Турција. По него беше издадена меѓународна потерница за измама на стотици илјади инвеститори.
Озер нелегално ја преминал границата и живеел во Елбасан неколку месеци, каде што се обидел да се скрие под лажен идентитет. Уапсен е на една од плажите на југот на земјата, по заедничка операција на албанската полиција и турските власти.
Во обвинението се наведува дека измамил околу 400 луѓе, злоупотребувајќи над 2 милијарди долари средства. Неговиот случај стана еден од најголемите финансиски скандали во турската историја, потресувајќи го пазарот на криптовалути и поттикнувајќи ги турските власти да ги заострат прописите за дигитална трговија.
По неговата екстрадиција во Турција, Озер беше осуден на 11.196 години затвор за организирана измама, перење пари и водење криминална организација. Иако ги негираше обвиненијата, тврдејќи дека падот на крипто берзата е резултат на сајбер напади, а не измама, судот го прогласи за виновен по сите точки од обвинението.
Неговата смрт покрена многу прашања во турската јавност, а некои бараат независна истрага за да се утврди дали станува збор за самоубиство или за намерно отстранување на Озер, поради сознанијата што можеби ги имал за финансиската мрежа што работи преку Тодекс.
Свет
Трамп ѝ се закани на Нигерија со воена акција ако убиствата на христијаните не престанат
Американскиот претседател Доналд Трамп му се закани на нигериското раководство со можна воена интервенција, доколку, како што рече, владата продолжи да допушта убиства на христијани.
Во објава на платформата „Трут соушал“, Трамп напиша дека САД ќе ја прекинат целата помош за Нигерија ако земјата не преземе мерки за запирање на прогоните.
„Ако нападнеме, тоа ќе биде брзо, сурово и слатко – исто како што терористите ги напаѓаат нашите сакани христијани!“, порача тој.
Ден претходно, Трамп ја стави Нигерија на листата на земји од посебна загриженост поради прекршување на верските слободи, наведувајќи дека христијанството таму е пред егзистенцијална закана.
Нигерискиот претседател Бола Тинубу одговори дека таквата карактеризација не ја одразува реалноста во земјата, која е речиси рамномерно поделена меѓу муслимани и христијани. Според „Франс Прес“, во Нигерија повеќе од 15 години трае џихадистичкото насилство на Боко Харам, при што загинале над 40.000 лица, а два милиона се раселени.
Свет
Зеленски најави бесплатен превоз со воз и фиксни цени на енергијата за граѓаните
Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави воведување програма за бесплатни патувања со воз и замрзнување на цените на енергенсите во текот на зимата.
Зеленски соопшти дека секој граѓанин ќе може бесплатно да патува до 3.000 километри на украинската железница, а целта е државното претпријатие да покаже дека буџетските средства навистина се користат во служба на граѓаните.
Покрај тоа, владата ќе воведе мерки за ублажување на зимските трошоци, слично на ланскaта програма од која корист имаа 14 милиони Украинци.
„Цената на гасот и електричната енергија оваа зима нема да се зголемат“, порача Зеленски.
Цената на киловат-час моментално е нешто под 0,09 евра, а по руските напади на енергетската инфраструктура, делови од земјата сè уште имаат струја само неколку часа дневно.

