Свет
(Видео) Американскиот Конгрес со аплауз го поздрави обраќањето на Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го отвори своето обраќање пред американскиот Конгрес пофалувајќи ја храброста на украинскиот народ и рече дека судбината на неговата земја се решава токму сега – среде руската инвазија.
Во пресрет на неговото обраќање тој беше пречекан со аплауз од американските пратеници.
„Главниот град Киев е под ракетни и воздушни напади на руските војници секој ден. Но, тој не се откажува. Украина е во најтешката војна од Втората светска војна“, рече Зеленски.
„Имам чест да ве поздравам во името на украинскиот народ, храбар и слободољубив народ, кој се спротивставува на агресијата веќе осум години. Во моментот се решава судбината на нашата земја. Судбината на нашиот народ. Украинците слободни ќе може да ја зачуваат својата демократија. Не нѐ нападнаa само нас, не само земјата, не само градовите, почна брутална офанзива против нашите вредности“, рече тој.
Тој ги повика САД да направат повеќе за Украина.
„Во најтемното време за нашата земја, ве повикувам да сторите повеќе. Потребни се нови пакети санкции, постојано, секоја недела, додека не запре руската воена машина“, рече тој.
Зеленски, меѓу другото, рече дека САД треба да ги санкционираат сите руски политичари што остануваат на своите позиции и да не ги прекинуваат врските со оние што се против Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски директно му се обрати на американскиот претседател Џо Бајден во својот говор пред Конгресот повикувајќи го да биде лидер на мирот.
„Не гледам смисла во животот ако не може да ја спречи смртта. И ова е моето главно прашање до лидерот на народот. Му се обраќам на претседателот Бајден: Ти си лидер на нацијата, твојата голема нација. Сакам да бидеш лидер на светот. Да се биде лидер на светот, значи да се биде лидер на мирот“, рече Зеленски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Фон дер Лајен: Не може да биде во интерес на Русија да умираат луѓе од глад во светот

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен испрати покана до Москва за разговори, со цел да се овозможи извоз на украинска пченица која стои во пристаништата како резултат на руската поморска блокада.
„ Најважно е да се деблокира Црното Море. Ова е покана за Русија“, рече фон дер Лајен во интервју за „Ројтерс“ на маргините на Светскиот економски форум во Давос.
Таа оцени дека кризата со храна се приближува со полна брзина и дека е потребен некаков дијалог со Москва за да се „отклучат“ 20 милиони тони пченица блокирани во Украина.
„ Не може да биде во интерес на Русија луѓето да умираат од глад во светот поради Русија“, рече фон дер Лајен, додавајќи дека треба да се најде решение за да се создаде коридор за транспорт на храна.
Русија и Украина заедно учествуваат со речиси една третина во светската понуда на пченица, а Украина е и голем извозник на пченка, јачмен, сончоглед и масло од репка.
Фон дер Лајен оцени дека Европската унија треба да го зајакне сопственото земјоделско производство преку обезбедување бенефиции за земјоделците за други култури или да го зголеми производството на пченица.
Свет
Гебрејесус втор мандат на чело на СЗО

Светската здравствена организација повторно го избра Тедрос Адан Гебрејесус за генерален директор, соопштија од ОН.
Гебрејесус е поранешен функционер на етиопската администрација и ја водеше СЗО низ пандемијата на коронавирусот. Тој е првиот Африканец на чело на агенцијата на ОН и единствениот генерален директор кој нема лекарска квалификација.
„ Имаше некои грешки, но Гебрејесус беше стабилен глас во текот на пандемијата, кој се залагаше за фер одговор“, рече Хавиер Гузман, службеник во Службата за глобална здравствена политика во Центарот за глобален развој во Вашингтон.
Според него, и покрај резервите изразени кон раководството на Гебрејесус, некои земји не биле подготвени да се променат.
Тој посочи дека светот се уште е во средина на пандемија и дека има одреден притисок за доследно лидерство во овој тежок период.
Свет
Германија набави 40.000 вакцини против мајмунски сипаници

Германија нарача 40.000 дози од вакцината од баварската фармацевтска компанија „Нордик Бава“ (Nordic Bava) за да биде подготвена да ги имунизира инфекциите од мајмунски сипаници, доколку епидемијата стане сериозна, но во моментов се преземаат други мерки на претпазливост, изјави министерот за здравство, Карл Лојтербах.
Тој посочи дека мерките како изолација во траење од 21 ден се препорачуваат за заразените и дека засега треба да бидат доволни за да се спречи ширењето на болеста.
„ Доколку болеста дополнително се прошири, сакаме да бидеме подготвени за евентуални вакцини кои се уште не се препорачани, но би можеле да станат неопходни – нагласи Лотербах.
Според него, епидемијата на мајмунски сипаници може да се сузбие и ништо не укажува на почеток на нова пандемија. Тој верува дека раната интервенција може да го спречи патогенот да навлезе подлабоко во заедниците.
Претставник на Институтот за заразни болести Роберт Кох, Лотар Вилер изјави дека досега се регистрирани пет случаи на мајмуни сипаници.
Светската здравствена организација (СЗО) вчера објави слични упатства, во кои се наведува дека за епидемијата не е потребна масовна вакцинација бидејќи мерките, како што е хигиената, може да помогнат во контролата на ширењето на болеста.
СЗО досега има регистрирано повеќе од 250 потврдени и сомнителни случаи на инфекција со мајмунска сипаница. Ширењето е невообичаено за оваа болест, која е ендемична во делови од Западна и Централна Африка, но е многу ретка во други делови.