Свет
(Видео) Зеленски: Русите ќе одговараат и на боиште и во судница

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека продолжува работата на ексхумацијата на телата во Изjум, во областа Харков, кои биле пронајдени на местото на масовна гробница, како што тврди Киев.
Тој додаде дека се вршат испитувања на телата и дека се пронајдени нови докази за тортурата на закопаните таму.
„ Во ослободените области на Харков, во различни градови и населени места веќе се пронајдени повеќе од 10 места за мачење. Додека окупаторите бегале, ги фрлиле и апаратите за мачење. Дури и на обичната железничка станица во Козача Лопан пронајдена е просторија за мачење и алат за електротортура“ – рече Зеленски во видео обраќањето.
Тој посочи дека „мачењето било широко распространета практика на окупираната територија“.
„ Тоа го направија нацистите. Ова го прават Русите. И ќе одговараат на ист начин – и на боиште и во судници. Ќе ги идентификуваме сите оние кои мачеа, понижуваа, кои го донесоа ова злосторство од Русија овде, во нашата украинска земја“ рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп го нападна Зеленски за минералите: Доцнат три недели

Доналд Трамп изјави дека работата на мировниот договор меѓу Русија и Украина „тече непречено“.
Во објава на неговата платформа „Truth Social“, актуелниот американски претседател исто така рече дека Украина сè уште не потпишала договор за ретки земјини минерали со САД и изрази надеж дека тоа ќе го стори веднаш.
„Украина, предводена од Володимир Зеленски, сè уште не ги потпишала конечните документи за многу важен договор за ретки минерали со САД“, напиша Трамп.
„Доцнат најмалку три недели. Се надевам дека договорот ќе биде потпишан СЕГА“. Тој додаде: „Работата на сеопфатен мировен договор меѓу Русија и Украина напредува непречено. УСПЕХОТ се чини дека е на повидок.“
Изјавите на Трамп доаѓаат откако неговиот претставник Стив Виткоф се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, а Кремљ по состанокот соопшти дека Русија и САД се „поблиску“ до договор за „голем број меѓународни прашања“. Од друга страна, од Украина доаѓаат гласини дека Киев би бил подготвен привремено да отстапи територија на Русија, иако претседателот Зеленски рече дека „нема дискусија“ за Крим или кој било дел од Украина.
Европа
Ковчегот на папата Франциско затворен, погребот в сабота наутро

Од средата наутро, кога телото на покојниот папа Франциско беше пренесено во базиликата „Свети Петар“, низ неа поминаа 150.000 луѓе од целиот свет. Ковчегот на папата беше затворен вечерва, а погребот ќе се одржи в сабота наутро.
Пред церемонијата на запечатување, во ковчегот на папата беа поставени 12 монети, по една за секоја година од неговиот понтификат, како и краток запис и извештај за неговото папство. Церемонијата ја водеше кардиналот Кевин Фарел, камерлегно на Светата Римска црква.
Реки верници доаѓаат во Рим за да присуствуваат на утрешниот погреб на папата Франциско, а се очекува и пристигнување на бројни делегации од целиот свет.
Во Рим се воведени строги безбедносни мерки, со илјадници волонтери и полицајци, систем против дронови, снајперисти на покривите и борбени авиони подготвени за полетување.
Европа
Жена во Шпанија ја продала новородената ќерка за 2.000 евра на двојка која не можела да има деца

Шпанската полиција уапси 37-годишна жена која ја продала својата новородена ќерка на пар кој се лекува од неплодност, јавува АФП.
Полицијата соопшти дека жената била уапсена минатиот месец во Мостолес, јужно предградие на Мадрид. Брачен пар осомничен за купување дете и двајца нивни роднини беа уапсени во јужниот град Кордоба.
Според прелиминарната истрага, жената се согласила да им ја предаде својата новородена ќерка на двојката за 2.000 евра. Сепак, по породувањето, таа се предомислила и побарала да ѝ го вратат детето.
Двојката, според АФП, одбила да го врати бебето освен ако жената не им го врати платениот износ, плус дополнителни 1.000 евра за покривање на трошоците што тврделе дека ги направиле во текот на месецот што го поминале со неа во Кордоба пред да се роди детето.
Полицијата започна истрага откако една жена поднесе жалба тврдејќи дека семејство во Кордоба го „киднапирало“ нејзиното новородено бебе. Детето е предадено во центар за заштита на деца во Кордоба. Полицијата, исто така, објави дека властите ѝ одзеле уште шест деца на жената во 2022 година поради занемарување.