Свет
(Видео) „Плачев, бев исплашен. Мислев дека ќе умрам“ – 16-годишно момче го преживеа цунамито во Индонезија
Младо момче кое заедно со уште триесетина студенти било на обука во индонезискиот хотел „Патра Комфорт” го преживеало цунамито. По катастрофата тоа за тамошните медиуми раскажува дека брановите кои биле во висина од околу еден метар го повлекле назад кон морето.
Момчето, Вазки Курниван, раскажува дека од надојдената вода тој прво се удрил во оградата на хотелот додека се обидувал да го земе својот мотор.
Како што посочи тој додека биле во хотелото со останатите ученици луѓето трчале низ ходниците на хотелот и извикувале дека „морето надоаѓа“. Луѓето во паника трчале на сите страни.
Кога тој стигнал до својот мотор веќе се вели било поплавено.
„Ненадејно ме погоди бран висок еден метар, паднав, водата ме однесе далеку од моторот и ја погодив оградата што е околу 30 метри од плажата и силно се фатив за неа, најсилно што можев и се обидував да се спротивствам на надојдената вода. Ми делуваше како да ме влече назад кон морето. Плачев бев исплашен. Викав дали е ова цунами? Мислев дека ќе умрам”, рече 16-годишното момче.
Бројот на жртви во цунамито што се случи вчера вечер во Индонезија порасна на 222, а бројот на повредени на 843. Си-ен-ен пренесува дека властите издале предупредување за нов бран и граѓаните се предупредени да се оддалечат од крајбрежните области.
Сопственикот на ресортот „Танјунг Лесунг“, каде цунамито покоси цел бенд додека имаше концерт, за Би-би-си изјавил дека од урнатините досега се извлечени најмалку 90 тела. „Секоја минута наоѓаме ново тело“, рекол тој.
Додал дека во хотелот имало најмалку 500 гости, од кои повеќето се сметаат за исчезнати.
Локалните медиуми објавија дека пред цунамито немало никакво предупредување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Путин за ракетата „Орешник“: „Моќта на масовниот удар е споредлива со нуклеарно оружје“
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ракетата „Орешник“ има моќ што може да се спореди со нуклеарно оружје.
Тој на самитот на Организацијата за колективна безбедност (CSTO) во Астана објасни дека ракетата, чии елементи на удар достигнуваат температура од 4.000 степени, може да погоди високозаштитени објекти, дури и оние што се наоѓаат на големи длабочини, и сè што е во епицентарот на експлозиите се претвора во прашина, објави „РИА новости“.
Москва веќе има на располагање неколку ракети „Орешник“ и почна со големо производство на напредниот вооружен систем, додаде тој.
Свет
Во Германија уапсен лекар: осомничен за убиство на осум пациенти
Лекарот што годинава беше уапсен во Берлин е осомничен дека намерно убил осум од своите пациенти, а во некои случаи се обидел да ги прикрие доказите со палење, според истражителите.
Неименуваниот лекар, кој бил член на тимот за палијативна нега, во моментот на апсењето бил осомничен дека убил четворица постари пациенти во јуни и јули, а потоа се обидел да ги запали нивните станови, пренесуваат медиумите во регионот.
Полицијата и Обвинителството денеска соопштија дека се појавиле дополнителни случаи кога ги прегледале досиејата на пациентите и извршиле форензички прегледи на осомничените жртви, од кои две биле ексхумирани.
Тој првично беше уапсен под сомнение за убиство од небрежност, подметнување пожар и обид за палење. Обвинителите рекоа дека сега ги третираат случаите како убиства бидејќи се чини дека осомничениот немал друг мотив, освен да ги убие пациентите, според написите.
Тој е осомничен дека во јануари му дал смртоносна мешавина на лекови на 70-годишен старец. На почетокот на април следната жртва била 61-годишна жена. Неколку недели подоцна тој наводно убил 83-годишен старец.
Во четвртиот случај во јуни тој наводно убил 70-годишна жена во нејзиниот стан, а потоа го запалил. Пожарникарите успеале да спречат пожарот да се прошири на другиот дел од зградата, пишуваат медиумите во регионот.
Свет
На Германија ќе ѝ требаат дополнителни 288.000 странски работници секоја година до 2040
На германскиот пазар на труд се очекува да му бидат потребни 288.000 странски работници годишно до 2040, според новото истражување објавено оваа недела.
Анализата, спроведена за Фондацијата „Бертелсман“, покажува дека сегашното ниво на миграција на странски работници е значително помало од потребното.
Сузане Шулц, експерт за миграција во Фондацијата, изјави за ДПА дека треба да се отстранат бариерите и да се подобрат условите за мигрантите за да се задоволи растечката побарувачка. Друга проекција, заснована на малку понеповолно сценарио, сугерира дека Германија ќе има потреба од 368.000 странски работници годишно до 2040 година.
Според оваа проекција, од 2041 до 2060 година побарувачката се очекува благо да се намали на речиси 270.000 работници годишно благодарение на позитивните ефекти од претходната имиграција.
Според студијата, без нова имиграција, се очекува германската работна сила да се намали од 46,4 милиони на 41,9 милион работници до 2040 година, што е пад од речиси 10 отсто поради демографските промени.
Ова ќе се разликува од регион до регион. Истражувањето покажа дека работната сила во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, ќе се намали 10 отсто, што се смета за умерено.
Повеќе ќе бидат погодени државите како Тирингија, Саксонија-Анхалт и Сар. Дури и во економски силните региони, како Баварија, Баден-Виртемберг и Хесен, се очекува значителен недостиг на работна сила без прилив на странски работници.